Радев: Македонија во ЕУ, но со гарантирани права за Бугарите
5 декември 2025
„Внесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија значително ќе го забрза нејзиниот пат кон Европската Унија. Се надевам дека нашиот југозападен сосед тоа ќе го стори што е можно поскоро, за да ја отвори вратата кон преговори за полноправно членство“, порача бугарскиот претседател Румен Радев на средба со претставници на бугарските организации од Битола, Охрид, Скопје, Прилеп, Кавадарци и Кочани.
Пораката до Скопје: Уставните измени се клучни
Како што информираат од неговиот кабинет, Радев нагласил дека должност на секоја демократска држава е ефикасно да ги штити правата на сите свои граѓани и да го гарантира нивното право на самоопределување.
„Сите се надеваме интеграцијата на РСМ што е можно поскоро да се случи, но тоа не може да биде на сметка на правата на бугарската заедница во земјата“, додаде Радев, потсетувајќи дека очекува властите во Скопје да го спроведат договорот од 2022 година.
Според него, токму Бугарите од Северна Македонија први го поставиле прашањето за ефикасно гарантирање на нивните права, а денес тоа е заедничка кауза на сите бугарски институции и на ЕУ.
Ставот на бугарските здруженија
Претставниците на бугарските организации изразиле надеж дека РСМ нема да ја користи бугарската заедница како алиби за да не ги спроведува неопходните реформи за патот кон ЕУ.
Тие решително се изјасниле против идејата за уставни измени со одложено дејство или други услови, нагласувајќи дека станува збор за гарантирање основни човекови права и очекуваат институциите да обезбедат еднакви права и заштита од дискриминација.
Мицкоски бара гаранции од ЕУ
Изјавата на Радев следи по коментарите на премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека секоја отстапка од македонска страна резултира со нов услов и затоа се потребни гаранции од ЕУ.
„Уставните измени се само почеток. И утре да ги внесеме Бугарите во Устав, прашање е дали за 3, 6 или 9 месеци ќе имаме нов услов“, рече Мицкоски.
Тој на брифинг со новинарите на 4 декември нагласи дека барањата за гаранции се логични и произлегуваат од искуствата од минатото, а Владата нема да прифати процес кој отвора простор за нови условувања.
Во врска со иницијативата од Брисел и земјите од ЕУ за состаноци на кои треба да се разговара за состојбата, Мицкоски изјави дека засега не е јасно дали бугарската страна е подготвена за разговори. „Ако ова е европско прашање, логично е да разговараме во Брисел. Ако е билатерално, тогаш сме подготвени да разговараме директно со Софија“, додаде тој.