1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радмила Шекеринска е нов заменик генерален секретар на НАТО

ДТЗ
19 ноември 2024

„Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога“, изјави шефот на Алијансата, Марк Руте по именувањето на Радмила Шекеринска за него заменик во НАТО.

Радмила Шекеринска
Радмила Шекеринска избрана за нов заменик генерален секретар на НАТОФотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе биде нов заменик генерален секретар на воената алијанса. Ваквата одлука ја соопшти генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Таа ќе ја преземе функцијата до крајот на годината. 

„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар. Таа е вистински посветена на НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога“, изјави шефот на Алијансата, Марк Руте.

„Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога“, изјави шефот на Алијансата, Марк Руте.Фотографија: Omar Havana/AP/dpa

Ваквата можност пред неколку месеци ја најави „Политико“ повикувајќи се на изјава на висок дипломат на НАТО, кој посочи дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на новиот шеф на Алијансата, Марк Руте. Меѓу другите кандидати беа поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, која беше министерка за одбрана на Црна Гора 2020-2022 година.

Привилегија и високо признание

Ексминистерката за одбрана и нов заменик генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска се огласи на мрежата Х по повод изборот.

„Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под раководство на @SecGenNATO. Посветена сум да работам со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, вели Шекеринска. 

Честитки за новата функција пристигнаа од американската амбасадорка Анџела Агелер. „Моите најтопли честитки до Радмила Шекеринска, следниот заменик генерален секретар на НАТО и до Христијан Мицкоски и Владата на Северна Македонија за застапување на нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на г-ѓа Шекеринска и улогата на Северна Македонија како ценет НАТО сојузник и партнер на САД“, напиша Агелер. 

„Вистински избор за значајна позиција“

Назначувањето на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, најмоќниот воено-политички сојуз во светот, според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, е уште една силна потврда за исправноста на политиките на СДСМ.

Тој нагласува дека членството на Северна Македонија во НАТО е резултат на посветена работа на СДСМ и претходната Влада, која обезбеди сигурност и меѓународен кредибилитет за државата. „Назначувањето на Шекеринска е доказ дека трудот и професионалноста се ценети на глобално ниво. Ова е уште еден показател дека Северна Македонија, како рамноправна членка на НАТО, има капацитет да придонесе за глобалната безбедност и стабилност“, вели Филипче.

Тој смета дека Шекеринска, со своето долгогодишно искуство, посветеност и професионализам, е вистинскиот избор за оваа значајна позиција. „Силно верувам дека успешно ќе се носи со предизвиците кои ѝ претстојат. Нејзиниот успех е гордост за сите нас. Работата на Радмила ќе биде инспирација за многумина, особено за младите кои треба да веруваат дека со труд и посветеност може да се постигне секој успех“, порача првиот човек на СДСМ. 

Шекеринска, беше министерка за одбрана на Северна Македонија од 2017 до 2022 година. Северна Македонија влезе во НАТО пред четири години, а Шекеринска имаше клучна улога во нејзиното членство. Прозападната Шекеринска моментално е потпретседател на Партијата на европските социјалисти.

Улогата на заменик-генерален секретар е зголемена на важност во текот на последната деценија. Примарната негова улога е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми