1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рајнланд-Фалц: победа на ЦДУ и на АфД, СПД во пад

Сабине Кинкарц
23 март 2026

Иако се само регионални избори, за сојузната влада се сигнал. Социјалдемократите повторно изгубија, партијата тоне сѐ подлабоко во криза.

Радост меѓу членовите на ЦДУ во Рајнланд-Пфалц
Радост меѓу членовите на ЦДУ во Рајнланд-ПфалцФотографија: dts Nachrichtenagentur/IMAGO

На покраинските избори во Рајнланд-Фалц се предвидуваше тесна трка меѓу СПД и ЦДУ. На крајот Демохристијаните излегоа со убедливо водство од 31 процент наспроти нешто под 26 проценти за Социјалдемократите во југозападната германска покраина. Во споредба со последните покраински избори од 2021 година, СПД изгуби речиси десет проценти, а по 35 години непрекинато на власт, сега и функцијата покраински премиер.

Големиот победник е во делови десно екстремната  Алтернатива за Германија  (АфД), која го постигна својот најдобар резултат до сега во една западна германска покраина со двојно повеќе гласови во однос на последните избори, односно речиси 20 проценти. Зелените со мали загуби паднаа на околу осум проценти. Либералите кои претходно владееја во коалиција со  Зелените и СПД, паднаа под прагот потребен за влез во покраинскиот парламент.

Олеснување кај ЦДУ, криза во СПД

Демохристијаните и на сојузно ниво со олеснување го примија изборниот исход. Тие стравуваа дека општото незадоволство од сојузната влада би можело да се одрази и на покраинските избори. Доколку партијата изгубеше во  Рајнланд-Фалц, лидерот на  ЦДУ и канцелар Фридрих Мерц ќе се најдеше под интерен притисок од својата партија. Критичарите му префрлаат дека не спроведува доволно политики на ЦДУ во коалицијата со СПД. За  Социјалдемократите  пак, ова е уште една катастрофа годинава откако претходно на покраинските избори во Баден-Виртемберг го забележаа најлошиот резултат во повоената историја освојувајќи едвај 5,5 проценти од гласовите. Во Рајнланд-Фалц пак по повеќе од три децении ја губат власта. Тоа СПД ја турка во уште подлабока криза.  

Работничката партија, СПД, работниците веќе не ја гласаат

Од анкетите по изборите станува јасно дека партијата се соочува со фундаментален проблем. СПД е основана во 19 век како партија на работниците. Според Инфратест димап, повеќе од 70 проценти од гласачите на СПД велат дека партијата „веќе не е јасно позиционирана на страната на работниците“. 64 проценти ги обвинуваат Социјалдемократите дека „многу ветувале пред сојузните избори, но малку испорачале". 53 проценти велат дека СПД повеќе се грижи за примателите на социјална помош отколку за „луѓето кои работат напорно и заработуваат малку“. Од групата работници, во Рајнланд-Фалц, 21 процент гласале за СПД, а дури 39 проценти гласале за Алтернатива за Германија (АфД).

Ларс Клингбајл одбива да се повлече

Ова е  катастрофа за раководството на СПД.  „Знам дека со ваков резултат ќе се покренат кадровски прашања и тие треба и да се водат", вели Ларс Клингбајл, ко-претседател на СПД. Клингбајл е министер за финансии и вицеканцелар во сојузната влада, додека ко-претседателката Бербел Бас е министерка за труд. Лидерското дуо на СПД најави дека сака дебата околу курсот на партијата и лидерскиот персонал, но Клингбајл ја исклучи можноста да си поднесе оставка. „Се работи и за одговорност во време кога има две војни, економски пад  и кога во сојузната влада сакаме да усвоиме огромен пакет реформи“, образложи тој.

Унијата и СПД не се усогласени за реформите

Реформите треба да ја оживеат економијата и да ги стабилизираат социјалните системи. Унијата и СПД, кои заеднички владеат нешто повеќе од десет месеци, одамна го најавуваат тоа, па сепак имаат различни политички визии околу тоа кој пристап е вистинскиот, конзервативниот или социјалдемократскиот.  Германија има многу проблеми. По три години рецесија, економијата сè уште е засегната. Економскиот раст што го ветуваше владата никако да дојде. Пензискиот и здравствениот систем се во криза бидејќи населението на Германија брзо старее. ЦДУ и ЦСУ сакаат да ги намалат социјалните бенефиции, на што се противи СПД. Социјалдемократите сакаат да ги стабилизираат социјалните системи со поголеми даноци за богатите и лицата со високи приходи, на што се противи Унијата.

Први мерки пред летниот одмор

Партиите не сакаа јавно да се караат во изборната 2026 година. Дебатата беше одложена имајќи ги предвид покраинските избори во Баден-Виртемберг и Рајнланд-Фалц. Следните покраински избори се дури во септември, па до летото има време да се спроведат реформи, по што повторно ќе започне изборната кампања. 

Сојузниот министер за финансии и лидер на СПД, Ларс Клингбаил (лево) со сојузниот канцелар и лидер на ЦДУ, Фридрих МерцФотографија: John Macdougall/AFP

Што се однесува до канцеларот  Фридрих Мерц,  нештата треба да се одвиваат брзо. Непосредно пред покраинските избори во Рајнланд-Фалц, тој најави дека ќе се консултира со лидерите на СПД за тоа „како земјата може да се врати на вистинскиот пат“. Тој наведе дека очекува контроверзни дискусии, но дека нема начин да се заобиколат реформите.

Како ќе реагира СПД?

Можно е изборните порази да ја направат СПД многу потежок коалициски партнер за ЦДУ/ЦСУ. За Социјалдемократите сега е поважно од било кога да се профилираат. Едноставното да си се вратат на секојдневната политика, за политичарите на СПД е практично невозможно. Во партијата и онака одамна врие. Некогаш горда работничка партија, која во најдобрите времиња го имаше секој втор гласач зад себе, лета од еден во друг пораз. На национално ниво, партијата има рејтинг од 14 до 16 проценти. Многумина во партијата сакаат СПД повторно да се помести значително кон лево. Во моментов се изготвува нова партиска платформа, која треба да содржи многу левичарски политики. Но, таквата политика нема да може да се спроведе со ЦДУ/ЦСУ, а лево мнозинство на сојузно ниво не е ниту на повидок.

АфД најавува натамошни победи

Сè повеќе гласачи се одлучуваат за десно конзервативен курс. Ако се соберат цифрите на Унијата и АфД, тогаш секој втор гласач во Германија ги поддржува таквите тенденции. Но, Унијата исклучува каква било соработка со АфД.

На изборната забава на АфД, ко-претседателката на партијата Алис Вајдел (десно) слави со водечкиот кандидат Јан Болингер (напред)Фотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

„До сега сме исклучени од формирање влада“, вели претседателката на АфД, Алис Вајдел, според која тоа не е проблем. „На долг рок, со ваквата поддршка од гласачите, ќе биде невозможно да се игнорира АфД во однос на дејствување во владата“, убедена е таа. Вајдел и ко-претседателот Тино Хрупала, поаѓаат од тоа дека АфД на преостанатите три покраински избори во септември исто така ќе јава на победничкиот бран. „На истокот имаме резултати со кои веќе не ни е ни потребен коалициски партнер. На крај  другите партии ќе мора да ни тропнат на врата, ако сакаат да бидат дел од влада“, рече таа.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми