1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПолска

САД: Проектилот паднат во Полска најверојатно е украински

АРД | Тагесшау | СН
16 ноември 2022

Ракетите кои ја погодија Полска долетале од Украина, покажуваат прелиминарните американски наоди. Медиумите пренесуваат дека тоа го соопштил претседателот Бајден на итниот состанок со лидерите на земјите од НАТО и од Г7.

Полска
Чад се крева од местото во Полска во близина на Украина, по падот на проектилотФотографија: Stowarzyszenie Moje Nowosiolki via REUTERS

Има сѐ повеќе индиции дека Русија можеби не ја испукала ракетата која вчера (15.11) ја погоди територијата на Полска, членка на НАТО. Повеќе новински агенции, повикувајќи се на американски претставници, пренесуваат оти, според првите наоди, станува збор за противвоздушна ракета која ја испукала украинската војска за да пресретне руска ракета за време на масовните напади на енергетската инфраструктура во Украина.

Две лица загинаа во ударот на ракетата во полското село Пжеводов, кое се наоѓа во непосредна близина на границата со Украина. Селото е одалечено 60 километри воздушна линија од градот Лвов на западот на Украина, кој во вторникот, исто така, беше цел на руски напади.

Итен состанок на маргините на самиот Г20

Како што пренесува германската новинска агенција ДПА, американскиот претседател Џо Бајден на итно свиканиот состанок на лидерите на државите и влади членки на НАТО и Г7, кои присуствуваат на самиот Г20 на Бали, изјавил дека станува збор за проектил од украинскиот противвоздушен систем С-300. Кусо пред тоа, Бајден рече дека со оглед на траекторијата на ракетата „малку е веројатно“ дека таа е испукана од Русија.

Итен состанок во Бали: Лидерите на НАТО и на Г7 по падот на ракетата во ПолскаФотографија: Steffen Hebestre/Bundesregierung/dpa/picture alliance

Американскиот претседател ги известил сојузниците во разговорот кој го водел со својот полски колега Анджеј Дуда, како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. За време на состанокот, се пренесува, дека е постигнат „целосен договор“ да се поддржи полската истрага за нападот. „Ќе се потрудам да дознаеме повеќе што толно се случило“, рече Бајден.

Шолц: Ударот на ракетата во Полска „внимателно да се истражи“

Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој исто така учествува на самитот Г20 на Бали, побара строведување на интензивна истрага за ударот на ракетата во Полска во кој погинаа две лица. „Сега е потребо внимателно да се истражи како овој удар можел таму да се случи“, рече Шолц по итниот состанок на лидерите на земјите од Г7 и од НАТО.

Германскиот канцелар, исто така, остро ги осуди најновите руски напади на Украина. „Воочуваме дека се уништуваат електрани, оти се гаѓаат трафостаници, се уништуваат залихи на вода. Тоа не е прифатлив облик на војување во оваа ионака неправедна војна“, рече Шолц.

Франција предупредува на „избрзани заклучоци“

Франција предупреди дена не треба да се носат избрзани заклучоци во врска со ударот на ракетата во Полска. „За тоа кој го испукал проектилот мора да се разговоара со „исклучителна претпазливост“, соопштија од Елисејската палата. „Многу земји го имаат тој вид на вооружување, така што идентификацијата на видот проектили не мора нужно да пружи информации за тоа кој стои зад него.“ Париз, покрај тоа, предупреди на „значителни разлики од ескалација“.

Во падот на проектилот во близина на местото Пжеводов загинаа две лицаФотографија: google maps/dpa/picture alliance

НАТО: Целосна поддршка за Полска

Германија и останатите земји од НАТО и од Г7 на итниот состанкок на Бали ѝ ветија на Полска „целосна поддршка и помош во истрагата која е во тек“, се наведува во соопштението на лидерите на овие земји. Исто така, е договорено да се „остане во близок контакт за да се одредат соодветни наредни чекори“.

Поради експлозијата на полска територија, денеска во Брисел е свикан и итен состанок на амбасадорите на земјите во НАТО кои ќе ги предводи генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг.

Полска го засилува надзорот на воздушниот простор

Полското Министерство за надворешни работи порано потврди дека дошло до удар на ракета со советски дизајн какви што користат и Украина и Русија. Премиерот Матеуш Моравјецки најави оти Полска го засилува надзорот над својот воздушен простор. Варшава соопшти дека министерот за надворешни работи, Збигнјев Рау, го повикал рускиот амбасадор и од него побарал „непосредни и сеопфатни објаснувања“. Истовремено Моравјецки ги повика граѓаните на Полска да останат мирни. „Мораме да бидеме воздржани и претпазливи“, рече тој. Полска, по инцидентот, делови од својата војска како и некои други служби на безбедност ги стави во засилена готовност. Станува збор за борбени воени единици и за борбена готовност на единици на други служби, изјави владиниот портпарол во Варшава, без да даде повеќе детали.

Полската полиција прави увид на местото на експлозијата во ПжеводовФотографија: Wojtek Jargilo/PAP/dpa/picture alliance

Москва говори за „провокација“

Во текот на вечерта и Русија реагираше на веста за ракетниот напад на територијата на Полска. Министерството за одбрана во Москва оцени дека вестите што ги објавија полските медиуми се „намерни провокации“. Агенцијата Интерфакс го пренесе соопштението на Министерството, во кое се наведува дека таквите извештаи имаат за цел ескалација на ситуацијата и нагласуваат дека Русија не таргетирала цели во близина на украинско-полската граница. Фотографиите од наводните фрагменти кои беа објавени во полските медиуми немаат никаква врска со руските системи за оружје, се вели во соопштението.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми