1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерко: Ќе бидам транспарентен во интерес на правдата

ДТЗ
26 јуни 2023

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко преку социјалните мрежи порача дека ќе соработува со институциите и ќе ја предаде секоја документација. За САД оцени дека се сојузник и голем поддржувач на земјата и на градот Струга

Рамиз Мерко
Струшкиот градоначалник Рамис Мерко преку социјалните мрежи порача дека ќе соработува со институциите и ќе ја предаде секоја документација.Фотографија: Petr Stojanovski

Струшкиот градоначалниик, Рамиз Мерко, по еднонеделниот молк се огласи во јавноста, откако САД го ставија на црна листа поради сомнежи за корупција. Преку социјалните мрежи порача дека ќе соработува со институциите, ќе ја предаде секоја документација која што ќе биде побарана од него и од општината, во врска со  случаите кои се отворени против него и ветува транспарентен однос кон судските органи. 

„Од претседателот Вилсон до денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно остваривме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга“, порача Мерко на Фејсбук, споделувајќи фотографии со американската амбасадорка Анџела Агелер.  Објавата следи по неодамнешните случувања, кога Стејт департментот се одлучи даго стави Мерко на црната листа и да воведе санкции и за неговото семејство.

Струшкиот градоначалник вели дека изминатиот период се одлучил на молк во интерес на процесите кои се водат против него, но дека ќе биде отворен како и секогаш во корист на правдата. Секој документ и од негова страна, но и од општина Струга, Мерко вели дека ќе биде навремено доставен до судските органи. „Секогаш сум бил транспарентен до судските органи и до сите други институции“, посочува струшкиот градоначалник. 

Тој минатата недела од партијата побара да се замрзнат неговите партиски активности и функции, а ДУИ дури одлучи и да го стопира партиските изборни активности во Струга додека не се расчисти целата ситуација со Мерко. „За доброто на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на процесите важни за сите“, посочува Мерко.

Тој им се заблагодарува на граѓаните за поддршката која што ја добивал изминатите години. „Овие денови сум убеден дека заедно ќе ги поминеме, за да создадеме услови за најдобар можен живот на граѓаните на Струга, и за Струга која што ја сакаме“, вели Мерко во објавата.

„Беседата на Мерко“

Премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека општина Струга требаше веднаш да биде на располагање на истражните органи. 

„Гледав дека од сабајле тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња и каде што кажува дека општината е отворена за сите истражни органи кои што треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на црната листа. Тоа што тој го избеседи сабајле, јас всушност го кажав и првиот ден дека општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе. 

И од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека Мерко има обврска да соработува со институциите. „ЈО и другите институции имаат право да извршат увид во вкупната документација на општина Струга и се што е поврзано со Мерко, ако отворат случај, и тоа не е на волја на Мерко дали ќе им дозволи или не“; велат од партијата. 

Обвинителите вршат проверки во Струга и во Битола

Во меѓувреме, градоначалникот од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко и општина Струга, со која што управува, се под лупа на Обвинителството и Судскиот совет, откако американскиот Стејт департмент го стави на црната листа поради сериозни наводи за корупција. Откако Судскиот совет во средата (21.06) информираше дека ќе изврши проверка на наводите дека е вршено влијание врз одредени судски постапки, Јавното обвинителство на Северна Македонија (ЈОРСМ) најави дека итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност. 

Четиричлена комисија од јавни обвинители денеска врши надзор на постапувањето во предметите поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во Основното јавно обвинителство Струга и Вишо јавно обвинителство ЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, комисијата ќе изготви извештај.

За Мерко во моментов се активни шест постапки во обвинителствата, а изминативе години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции. 

Стејт департментот информираше дека Мерко, додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга, „присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија“.

Координаторот за антикорупција на Стејт департментот, Ричард Нефју, вели дека ставањето на листата на санкции, има цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет. Мерко е градоначалник на Струга, од редовите на ДУИ. Санкциите на САД се насочени и кон неговата сопруга и неговите три деца.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми