
Ако во петок, според планот, биде потпишан рамковниот договор меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, тоа претставува добра вест. Со тоа се става крај на војна која до самиот финиш можеше масовно да ескалира. Разбирливо е чувството на олеснување по нејзиното завршување, пишува во коментар за јавниот сервис АРД, Бенјамин Вебер.
Но, што навистина се постигнува со овој договор? Повторното отворање на Ормускиот Теснец е единственото достигнување на САД во договорот со Иран. Притоа, станува збор за спорен успех, бидејќи теснецот беше отворен и пред почетокот на војната. Иран постојано предупредуваше: „Ако бидеме нападнати, ќе го затвориме“, свесен за последиците врз светската економија.
Се чини дека во Вашингтон или не го предвидоа тоа сценарио, или не сакаа да го видат. Ова е само еден пример за комбинацијата од потценување и недостиг од стратегија кон Иран, што ја обележа оваа војна.
Преговарачка предност за Техеран
Тоа станува јасно и од содржината на договорот. Она што досега е познато укажува на преговарачки успех за режимот во Техеран.
Иран повторно ќе може да извезува нафта, а економските санкции се очекува да бидат ублажени. Иако САД засега енергично негираат дека ќе ги ослободат замрзнатите ирански средства, прашањето за репарации за воените штети е отворено. Станува збор за потенцијални износи од стотици милијарди американски долари.
Стари ветувања и нови ризици
За возврат, Иран повторно изјави дека никогаш нема да произведе нуклеарно оружје. Но, колкава тежина има таквата изјава? Во суштина, таа не е нова. Иран и претходно официјално го негираше стремежот кон нуклеарна бомба, додека неофицијално збогатуваше ураниум до 60 проценти – ниво блиску до воена употреба.
Фактот што преговорите за иранската нуклеарна програма, нејзиното ограничување и надзор ќе се водат дури во иднина, дополнително укажува на слабоста на американската позиција.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани со воени удари доколку преговорите не дадат резултати. Таквиот став остава впечаток на беспомошност, но воедно претставува и потенцијална точка на ново избувнување на конфликтот.
Слично е и со ситуацијата во Либан. САД прифатија иранско барање со договорот да заврши и израелската воена операција таму. Израел не беше директно вклучен во преговорите и со скепса гледа на договорот. Можно е владата на Бенјамин Нетанјаху преку Либан да се обиде да го попречи неговото спроведување, што би можело повторно да ја влоши ситуацијата.
На крај, треба да се нагласи и уште еден аспект: тврдењата на САД и Израел дека војната против Иран била водена во име на иранскиот народ, на крајот звучат најцинично. Масакрот во јануари, со илјадници жртви во Иран, се користеше како погоден изговор за да се обезбеди морално оправдување за лошо испланираната војна.
Сега, граѓаните на Иран повторно се оставени сами со режимот кој ги угнетува, апси и погубува. Дополнително, токму овој договор ја зајакнува неговата моќ.