Војната во Иран ги подели поддржувачите на Трамп
5 март 2026
„Да му заблагодариме на Бог за фантастичната победа над непријателите на Израел!" Со овие зборови пасторот Џон Хејги им се обрати на верниците во неговата мегацрква во Сан Антонио, Тексас, само 36 часа по почетокот на војната против Иран. Осумдесет и петгодишниот свештеник и неговата заедница веќе славеа: „Да му заблагодариме на нашиот претседател Доналд Трамп, чија мудра храброст ги скрши непријателите на Сион!"
Трамп го нарече нападот врз Иран „Операција епски гнев“. На огромниот екран зад сцената тоа беше претставено како дел од библиски спасителен план: „Испратена од Бога- Операција епски гнев“.
Хејги не е обичен свештеник. Пред 20 години ја основа лоби-организацијата „Христијани обединети за Израел“, која тврди дека има околу 15 милиони членови во САД. Иако бројката е спорна, христијанските ционисти се моќен блок меѓу белите евангелисти, и значаен дел од МАГА-движењето.
За нив, Израел не е само безбедно прибежиште за Евреите, туку „Света земја“, каде што по апокалиптичните војни очекуваат повторно доаѓање на Христос. Хејги и неговите поддржувачи одамна повикуваа САД да го урнат „безбожниот режим“ во Техеран. Сега, веруваат дека нивниот момент дошол.
Длабок идеолошки расцеп
Трамп беше избран со ветување дека ќе стави крај на војните и нема да започне нови. Токму ова ветување му ја донесе поддршката на една сосема различна струја во МАГА-кампот- христијанските националисти и изолационистите, кои се длабоко спротивставени со христијанските ционисти.
Нивниот изолационизам датира од 1940-тите, кога „Америка прво" беше парола против влезот на САД во војната против нацистичка Германија- движење со силни антисемитски корени.
Најгласен денес е поранешниот водител на Фокс, Такер Карлсон. Во новиот подкаст тој тврди: „Ова е само и единствено војна на Израел." Според него, Трамп бил втурнат во конфликтот преку „лажни манипулации“ на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Во подкастот го обвинува и амбасадорот Мајк Хакаби, кој како христијански ционист, наводно, ги изневерувал американските национални интереси: „Не можеш да служиш на двајца господари“, вели Карлсон.
Во својот наплив на критика, Карлсон отиде дотаму што шпекулираше за израелска одговорност за терористичките напади од 11 септември 2001 година.
Од десното крило пристигна и уште порадикална критика. Холокауст-негаторот Николас Фуентес, исто така дел од екстремната десница, доби речиси 70.000 лајкови на X за својата објава: „Трамп ги предаде МАГА и „Америка прво". Тој го изгуби мандатот."
Фуентес неодамна беше гостин и во подкастот на Карлсон, а потоа и во емисијата „InfoWars" на Алекс Џонс.
Неколку дена пред почетокот на војната, дојде до вербален судир кога Карлсон отпатува за Израел за интервју со амбасадорот Хакаби. Интервјуто се претвори во агресивно испрашување. Хакаби, како „трофеј“, потоа беше претставен со изјава дека библиското право на Израел опфаќа територија „од Еуфрат до Нил“.
Политичка криза во МАГА-движењето
Идеолошките разлики меѓу христијанските ционисти и изолационистите отсекогаш биле непремостливи. Трамп успеваше да ги држи заедно под едно политичко знаме, но нападот врз иранската нуклеарна програма во јуни 2025 беше прв сигнал за раздвојување, во период кога тој сè уште се стремеше кон Нобелова награда за мир.
За потенцијалните наследници на Трамп, како ЏејДи Венс, овој раскол станува стапица. На конференцијата на „Пресвртна точка САД" уште во декември се случи јавен судир, откако вицепретседателот одби да се дистанцира од екстремисти како Фуентес: „Конзервативното движење мора да биде отворено за сите што ја сакаат Америка."
Министерот за одбрана Пит Хегсет, кој сега се нарекува „министер за војна“, засега избегнува директна критика. Иако носи голем дел од одговорноста за војната, тој со својот имиџ на „христијански воин“ успева да им се допадне на двата табора. Некогаш ги покажуваше своите крстоносни тетоважи и автомат на американското знаме, но денес повеќе настапува со проповедници блиски до христијанските националисти.
Познатиот проповедник Френклин Греам во божиќната порака пред воените и цивилните лидери изјави: „Знаеме дека Бог љуби. Но дали знаете дека Бог и мрази? Дали знаете дека Тој е и Бог на војна?"
На Националниот молитвен појадок, Хегсет одржа проповед која заврши со директно духовно ветување: „Воин кој го жртвува својот живот за својата единица, својата земја и својот Создател — ќе го најде вечниот живот."
Голем број војници реагираа. Во организацијата Воена фондација за верска слобода во првите 48 часа од војната пристигнаа над сто претставки од четириесет единици. Во еден мејл, 15 војници- христијани, Евреи и муслимани- се пожалија дека нивниот командант им наложил да објаснат дека „сето ова е дел од Божјиот план“, повикувајќи се на Армагедон и повторното доаѓање на Христос.
Додека војната се води на 10.000 километри од Вашингтон, борбата за интерпретација веќе ја расцепува најлојалната база на Трамп.