1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Период на голема несигурност во Германија

11 ноември 2024

Владејачката коалиција се распадна во време кога расположението во Германија и онака беше лошо. Луѓето се вознемирени поради војните и кризите.

Раскол по три години во владата: Роберт Хабек, Олаф Шолц и Кристијан Линднер
Раскол по три години во владата: Роберт Хабек, Олаф Шолц и Кристијан ЛинднерФотографија: Mike Schmidt/IMAGO

На Германија добро би ѝ дошло охрабрување по распадот на семафор-коалицијата составена од СПД (црвени), од Зелените и Либералите (жолти) кои веќе подолго беа „дежурните виновници за сѐ“. Според анкета на Аленсбах од септември годинава, само три проценти од испитаниците биле и натаму убедени дека таквата влада е добра за земјата.

Пред само четири години, Џон Камфнер, поранешниот дописник на новинската агенција Ројтерс во Германија, објави бестселер со наслов „Зошто Германците се подобри“. Тоа беше бујна пофалба за германската политика во тешки времиња, и тоа токму од Британец. Пораката во книгата гласи дека Германија успешно навигира низ тешки времиња и дека ѝ оди многу подобро од рака отколку што во Германија се свесни за тоа.

За ДВ авторот вели дека „Германија ја знам повеќе од 40 години и не можам да се сетам на разговор со пријател или познаник Германец кој на прашањето како е во Германија, ми рекол: ‘Добро ни е, благодарам‘. Германците не кажуваат такво нешто и мислам дека германската самокритичност, која во голем обем се должи на војната и историјата, е многу позитивна“.

Џон Камфнер, поранешен дописник на новинската агенција Ројтерс во ГерманијаФотографија: Privat

Но, со распадот на  владината коалицијата, веројатно ќе земе замав она што на Камфнер кој покрај Лондон живее и во Берлин, уште претходно му одело на нерви - тенденцијата за жалби и поплаки во Германија.

„На Германците им беше премногу удобно“

Според студии како „Атласот на среќата“ за 2024 година, Извештајот за еквивалентност на сојузната влада и нова анкета на јавното мислење од Германскиот институт за економски истражувања, задоволството од животот на Германците континуирано расте, меѓу другото и зашто пандемијата со корона главно е надмината, а инфлацијата се намалува.

Каде живеат најсреќните луѓе во Германија?

00:47

This browser does not support the video element.

Камфнер објаснува зошто расположението во земјата е многу полошо отколку што е реалната ситуација. „Тенденцијата на жалење е секогаш и изговор со што се ослободуваат од сопствената одговорност, тоа е еден вид парализа“, вели тој и додава дека „на Германците им стана премногу удобно. Од секогаш им беше многу добро, имаа стабилност, сè беше солидно. Но, нема култура на иновација и дека некогаш треба да ризикуваш и да започнеш нешто ново. Со дигитализацијата, на пример, Германија е заглавена во средниот век“.

Бугарскиот политиколог Иван Крастев неодамна сумираше дека последните 30 години беа толку добри за Германија, што земјата би сакала веќно да живее така. Но, светот претрпе радикални промени – и со војната во Украина. Сега токму Германците навикнати на успеси, се присилени да го менуваат стилот на живот, иако менталитетот им налага сѐ да си остане како што си е.

Бугарскиот политиколог Иван КрастевФотографија: DW

Но, што е потребно за да се реформира земја која не сака промени? За Џон Камфнер веднаш е јасен одговорот – пред сѐ канцелар кој нема да глуми судија, туку ќе биде капитен, значи број еден. Можеби како во средата навечер, кога со јасни зборови ја образложи својата одлука да го разреши министерот за финансии Линднер. Во минатото, според британскиот автор, тоа се случувало премногу ретко - проблемот на владата бил 80 до 90 проценти Шолц-проблем. „Олаф Шолц беше многу храбар со својот говор за пресврт во времињата, тој презеде ризик. Канцеларот одлучи дека Германија мора радикално да промени многу нешта. Неговата популарност се зголеми по настапот. Но, на зборовите следуваа премалку дела, на два чекора напред следуваа два чекори назад. На оваа влада ѝ недостигаше лидерство“, заклучува Камфнер.

Владата предизвика несигурност со лошото комуницирање

Како точно дојде до тоа Германците да бидат толку незадоволни од семафор-коалицијата? Во интервју за ДВ, Хедвиг Рихтер, професорка по модерна и современа историја на Универзитетот на Бундесверот во Минхен, смета дека тоа се должи и на лошата комуникација од владата, која луѓето ги третирала како мали деца кои мора да бидат поштедени од сѐ што е тешко. Владата секогаш со страв гледала на демоскопијата, посочува Рихтер.

„Важно ќе беше да се каже, во ред, живееме во демократија, мора да разговараме со луѓето како со возрасни лица. Мора да кажеме што се случува, како што Зелените се обидуваа одредено време, и дека трансформацијата може да биде болна. Но, и дека промената апсолутно вреди и дека секое отфрлање на еколошката трансформација и на нова безбедносна политика ќе биде уште поскапо и ќе ја проголта нашата безбедност“, анализира Рихтер.

Хедвиг Рихтер, професорка по модерна и современа историја на Универзитетот на Бундесверот во МинхенФотографија: Eventpress Stauffenberg/picture alliance

Таа, исто така, во канцеларот Шолц гледа голема одговорност за губењето на довербата во владата. Вели дека тој на пример, ги оставил Зелените на цедило во нивниот обид да водат реалистична климатска политика. Но, пропустите, оценува Рихтер, датираат уште од многу порано во времето на канцеларката Меркел, која владееше со земјата од 2005 година. За време на нејзиното владеење, земјата се потпирала на просперитетот што веќе го имала. Затоа пак сега Германија е во поли-криза и ги сноси тешките последици.

„Во однос на безбедноста, долго време ние Германците си мислевме дека тоа може да го префрлиме на друг. Исто така, мислевме дека едноставно може да ја игнорираме миграцијата без да бараме вистинско решение за неа. И мислевме дека едноставно може да ги одложиме сите еколошки катастрофи. Сега живееме во време во кое сите несакани ефекти од нашите постапки одеднаш се одразуваат на нас“, сумира Рихтер.

Да се раскажуваат „приказни за успешни остварувања“

Затоа социологот Харалд Велцер, коосновач и директор на Фондацијата ФутурДва, имаше идеја да раскажува „приказни за успех“, што е и лајтмотивот на фондацијата.

Германскиот социолог Харалд ВелцерФотографија: Debora Mittelstaedt

Велцер и неговите истомисленици сакаат да гледаат напред, да мотивираат и да покажат дека се можни многу промени дури и за мали нешта ако се има конструктивен пристап. Кое е неговото објаснување за тоа што Германија е толку врзана за минатото?

„Ние сме победниците од поствоениот период, особено Западна Германија. Ова сега е приказна за економски напредок и просперитет што опфаќа повеќе од две генерации, па уште и поттикнати од глобализацијата. И сите си мислеа дека вечно ќе продолжи вака. Но, штом еднаш ќе се залепиш на моделот на просперитет, секако дека не постои желба да откажеш од ништо“, вели Велцер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми