Се повеќе заболени со ХИВ, а помалку средства за лекување
6 ноември 2024Расте бројот на заболени со ХИВ во Северна Македонија, а се помалку средства има за нивно лекување и за превенција. Претставници на невладини организации во Скопје изразија загриженост поради информации за намалени средства за програмата за ХИВ за 2025 година.
Вознемиреност има и кај пациентите, поради постојаното стравување дали навреме ќе има терапија и можноста од прекин на терапијата. Според Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ предвидени се само 90 милиони денари, а тие бараат 131 милион денари.
Во земјата секоја година со ХИВ заболуваат 46 лица, а 430 во моментов селекуваат на Клиниката за инфективни болести.
Писмо за аларм
„Зачудувачки е што буџетот на Програмата за ХИВ изнесувал 95 милиони денари во 2018 година, кога се лекувале околу 200 пациенти со ХИВ, а се предвидува да биде понизок во 2025 година, кога очекуваме бројот на пациенти да надмине 500 лица“, се вели во писмото, коешто Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ, го испратила до министрите за здравство и финансии, Арбен Таравари и Гордана Димитриеска Кочовска, како и до премиерот Христијан Мицкоски, во кое се истакнува загриженоста и можните последици доколку се намалат средствата за програмата за ХИВ за наредната година.
Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ - „Заедно посилни“ вели дека според нивните информации буџетот за програмата за ХИВ за 2025 година е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари. Овие средства , според него, нема да бидат доволни ниту за обезбедување животоспасувачка терапија, а во однос на мерките за превенција, тоа ќе значи целосно затворање за здруженијата.