1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиИталија

Расте бројот на жртвите во бродската трагедија во Италија

СН/агенции
27 февруари 2023

Бројот на загинати мигранти по превртувањето на мал брод во близина на брегот во јужна Италија се искачи на 61, соопштија денеска италијанските власти. Спасувачките екипи стравуваат дека црниот биланс не е конечен.

Спасувачките екипи ги извлекуваат телата на мигрантите на брегот во близина на општината Кутро во Калабрија
Спасувачките екипи ги извлекуваат телата на мигрантите на брегот во близина на општината Кутро во КалабријаФотографија: Giuseppe Pipita/ZUMA/ANSA/IMAGO

Италијанската крајбрежна стража и натаму патролира во близина на местото на бродската несреќа, во која досега според официјалните информации загинаа најмалку 61 мигрант, вклучувајќи и 11 деца и едно бебе. Се стравува дека уште десетици луѓе настрадале откако нивното бродче потона во разбранетото море пред брегот на италијанската провинција Калабрија. Бројот на загинати. според италијанската крајбрежна служба, би можел да се искачи и до 100. 

До несреќата дошло при обидот на бродот да пристигне до брегот во близина на местото Кутро во неделата (26.02.2023). На бродот имало мигранти од Авганистан, Пакистан, Сомалија и од Иран. Меѓу загинатите има и едно бебе, соопштија италијанските претставници.

Министерот за внатрешни работи, Матео Пјантедоси, кој пристигна на местото на несреќата, соопшти дека дури 30 лица и натаму се водат за исчезнати.

Телата извлечени на плажата се наоѓаат во блиското приморско летувалиште Кротоне во регионот Калабрија.

За преживеаните од бродската несреќа, завиткани во ќебиња, се грижат помошнициФотографија: Giuseppe Pipita/ZUMA/ANSA/IMAGO

Крајбрежната стража соопшти дека живи се пронајдени 80 луѓе, „вклучувајќи некои кои успеале да дојдат на брегот по потонувањето“.

Точниот број луѓе кои биле на бродот, кој неколку дена претходно тргнал од Турција, не се знае.

Спасувачите изјавија дека во бродот имало „над 200 луѓе“.

Пакистанскиот премиер, Шехбаз Шариф, се осврна на извештаите дека меѓу мртвите има повеќе од 20 Пакистанци и ја нарече оваа вест „длабоко загрижувачка“. Тој на пакистанските дипломати им наложи да ги „утврдат фактите што е можно побрзо“.

Во одделни медиумски извештаи е наведено дека бродот потонал откако удрил во карпа поради лошите временски услови.

Спасувачките екипи извлекоа тело на загинат мигрант во бродската несреќа кај местото КутроФотографија: Giuseppe Pipita/REUTERS

Еден од преживеаните е уапсен, бидејќи се сомничи за кривично дело трговија со луѓе, соопшти царинската полиција.

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, која беше избрана минатата година делумно и поради ветувањето оти ќе го запре приливот на мигранти во Италија, изрази „длабока тага“, а за смртта ги обвини трговците со луѓе.

„Нехумано е да се менуваат животите на мажите, жените и на децата за цената на 'картата' која ја платиле во лажната перспектива за безбедно патување“, наведе таа во соопштението, додавајќи дека Владата е посветена на прашањето за доаѓање и заминување на мигрантите, и за решавање на ваквите случаи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми