1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте притисокот за оставка на првата антикорупционерка

28 април 2025

Истрагата за случајот „Адитив“ во којшто е осомничена Татјана Димитровска за одавање службни тајни, влијае врз угледот на институцијата со којашто раководи, велат експертите

Татјана Димитровска
Расте притисокот за оставка на првата актикорупционерка, Татјана ДимитровскаФотографија: Staatliche Kommission zur Korruptionsprävention

Откако првата антикорупционерка, Татјана Димитровска минататата недела се најде на листата осомничени во случајот „Адитив“, за што обвинителството и изрече мерки на претпазливост, расте притисокот во јавноста за нејзина оставка од морални причини. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција со одлука на судот остана без пасош, откако беше утврдено дека преку Вибер и Ватсап му оддавала службени тајни на обвинет во „Адитив“.

Нејзината претходничка, Билјана Ивановска, смета дека Димитровска мора веднаш да поднесе оставка од функцијата зашто сè уште ја инфицира институцијата.  „Претседателката на ДКСК мора под најитно да си поднесе оставка затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, значи треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти“, изјави Ивановска, која што учествуваше на Националната конвенција за ЕУ во Македонија посветена на борба со корупцијата.

Експертите сметаат дека случајот со Димитровска го подрива кредибилитетот на Антикорупциската комисија. Ивановска вели дека со ова несомнено им се нанел тежок удар на општеството, граѓаните и институцијата, но дека не е момент да се седи со скрстени раце. На потег сега е законодавниот дом пред кого одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.

„Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму - треба да се бара чаре. На потег е Собранието, кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроцена на ризици од корупција. И претходно беа преземани мерки за зголемување на интегритетот на таа институција, имаме регистар со ризици од корупција и мерки како тие да се надминуваат. Тоа треба сега да се преиспита, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат“, посочува Ивановска.

Билјана Ивановска смета дека Димитровска мора веднаш да поднесе оставка од функцијата зашто сè уште ја инфицира институцијата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Оставка од морални причини

И Снежана Камиловска Трпковска, програмска координаторка на МЦМС, смета дека оставка од морални причини е една од мерките коишто и стојат на располагање на првата антикорупционерка. „Тоа не значи прифаќање на вината, туку е еден доблесен чин, којшто ќе и овозможи на институцијата да работи согласно принципите на коишто е заснована“, вели таа. . 

Нејзината оценка е дека овој состав на ДКСК не воспоставил систем на отчетноство текот на минатата година, како што беше случај претходните години.  Според неа, коренот на проблемот е во тоа што моделот на избор, што се покажа успешен за претходниот состав, при изборот на новата ДКСК во 2023 година бил злоупотребен.

„Моделот за избор на членовите на ДКСК обезбеди ова тело да биде натпартиско и натполитичко. Во изборите во 2023 година овој модел беше злоупотребен  и имаше политичко влијание, по што следеа негативни оценки за резултатите од нивната работа од страна на меѓународните институции“, вели Камиловска Трпковск. Таа посочува дека е неопходно да се засили надзорот на Собранието врз Антикорупциската комисија.

Дали целата ДКСК треба да се повлече? 

Владимир Георгиев, поранешен член на ДКСК, исто така смета дека истрагата за Димитровска влијае врз угледот на институцијата со којашто раководи и на довербата што ја има јавноста кон неа. Одговорноста, според него, е индивидуална, а не колективна.

Дали целата ДКСК треба да се повлече? „Сметам дека  не треба. Тоа сепак е индивидуална одговорност, иако истрагата има влијание  врз нејзината работа и врз угледот кај јавноста“, вели тој. Георгиев оценува дека довербата тешко се стекнува, а лесно се губи, а ДКСК сега се на граница на довербата и ќе бидат потребни многу напори за да ја поврати. 

Откако Димитровска беше повикана на распит, Антикорупциската комисија преку соопштение информираше дека ќе продолжи со работа како и досега.  Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски викендот порача дека случајот со актуелната претседателка на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, која се најде меѓу осомничените во предметот „Адитив“, фрла дамка на институцијата. Додека не заврши постапката за случајот, тој смета дека е непримерно Димитровска да продолжи да ја врши функцијата претседателка на ДКСК.

 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми