1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиСрбија

Растечко насилство врз новинарите во Србија

6 април 2024

Навредите, заплашувањата, заканите, па дури и физичките напади врз новинари во Србија не престануваат. Тие се цел на напади поради известување, искажување мислења и ставови, но понекогаш и само затоа што се - новинари.

Заканувачки графит пред домот на српскиот новинар Динко Грухоњиќ во Нови Сад
Заканувачки графит пред домот на српскиот новинар Динко Грухоњиќ во Нови СадФотографија: Privat

Последниот извештај на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) покажува дека безбедносниот индекс дополнително се намалил во 2023 година, а во 2024 година веќе биле забележани 50 нови напади врз новинари.

„Од почетокот на годината забележавме 17 закани и ако продолжи со ова темпо, за два месеци ќе ја надминеме бројката од 20-30 сериозни закани кои обично ги бележиме на годишно ниво“, објаснува Раде Ѓуриќ, адвокат и истражувач на НУНС.

Освен статистиката, се менува и моделот на напад. Дека индивидуалните напади се многу поинтензивни и поорганизирани покажуваат случаите на новинарките на ТВ Н1 Вања Ѓуриќ и Ксенија Павков, како и последните напади врз новинарите и претставниците на Независното здружение на новинари на Војводина, Ана Лалиќ и Динко Грухоњиќ.

Така, на пример, монтираната снимка од говорот на Ана Лалиќ и Динко Грухоњиќ прво предизвика коментари на социјалните мрежи, потоа се емитуваше на телевизија со национална фреквенција, а во нападите се вклучија и претставници на владејачката партија, за ситуацијата да кулминира со барањата на студентските претставници Грухоњиќ да биде избркан од факултетот каде што е вработен и со испишување графити на влезот во зградата во која живее.

Неказнувањето охрабрува напади

Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север, смета дека за ваквата состојба се одговорни политичките власти, кои наместо да ја смират ситуацијата дополнително го разгоруваат огнот, па онлајн хајките наместо вообичаените два до три дена, сега траат многу подолго и не се знае кога ќе завршат.

„Дали е нормално да живееш на начин кога некој да ти пишува дека ќе те силува или заколе? Дали е нормално да се живее без да се знае што ве чека кога ќе излезете од вашиот стан наутро? Не е еден новинар во егзил од Србија. Неколку луѓе се или во егзил, или одат во егзил, или неодамна беа во егзил, поради заканите што ја преминаа границата и станаа навистина загрозувачки за животите на тие луѓе и нивните семејства“, вели Север за ДВ.

Маја Север, претседателка на Европската федерација на новинариФотографија: Zoran Arbutina/DW

Од друга страна, бројните механизми кои ги воспостави државата во последните години не даваат опипливи резултати, покажуваат анализите на НУНС. Клучни причини за тоа се малиот број обвинители и тоа што полицијата не соработува.

„Знам дека полицаецот всушност воопшто нема да постапи по налогот, иако обвинителот му рече да постапи. Наместо тоа, тој го повикува својот претпоставен кој му кажува да постапи или да не постапи според наредбата. А потоа, да речеме, шест месеци не можат да го најдат Павло Бихали да земат изјава“, вели Ѓуриќ.

Сите недостатоци на системот се покажаа во случајот со Динко Грухоњиќ, смета Маја Север, на кого полицијата не му обезбеди заштита, ниту пак се обиде да ги спречи насилниците кои двапати напишале графити на влезот во неговата зграда.

„Јасно е дека нема вистинска одлука, нема политичка волја која ќе се спушти на ниво на извршна власт да ги заштити овие луѓе. Случајот кој го следиме деновиве точно порачува: Не, не сте безбедни, не, институциите нема да застанат зад вас и да ве заштитат. И секако тоа ќе предизвика дополнителна несигурност кај другите колеги, што во крајна линија може само да им наштети на граѓаните, бидејќи таквите несигурни новинари не можат слободно да работат“, додава Север.

Новинарите се откажуваат

А, новинарите веќе почнуваат да креваат раменици на заканите. Раде Ѓуриќ вели дека и најупорните новинари се откажуваат од пријавувања, бидејќи не гледаат ефекти.

„Една колешка ми кажа дека повеќе не сака да поминува низ тој процес на виктимизација. Затоа што, и ако се постигне некоја осудувачка пресуда, тоа се претежно спогодби за признавање вина. Но, и кога нешто ќе се признае, оштетениот не добива информација дека тој навистина признал. И никој не го прашува новинарот дали тој како оштетен е задоволен што сторителот признал“, додава Ѓуриќ.

Според податоците на обвинителството, кривично се гонети 60 отсто од случаите на напади врз новинари кои се случиле од 2016 до 2024 година. И претседателот на Комисијата за истражување на убиства на новинари, Веран Матиќ, вели дека од година во година полека се зголемува бројот на пресуди.

„Минатата година од 75 отворени предмети кои ги евидентираше обвинителството, девет беа пресуди, односно осуди на одредени казни. Но, постојат голем бројот пријави кои се третираат како решени и кога обвинителството ќе ја одбие пријавата. Меѓутоа, имаме и уште еден позитивен тренд, а тоа е дека бројот на одбивања се намалува“, велии Матиќ за ДВ.

Веран Матиќ, претседател на Комисијата за истражување на убиствата на новинариФотографија: DW

Тој објаснува дека една од причините за лошата статистика и тесното толкување на законот според кои како закани се третираат само директните, а сторителите тоа го научиле и користат други јазични конструкции за да го избегнат.

„Затоа пред две години покренавме иницијатива за измена на кривичниот законик, со цел да се прошират и укажувањата за загрозување на безбедноста на новинарите, воведување нови термини, нови дефиниции за загрозување на безбедноста, со што судиите ќе добијат попрецизни закони по кои можат да им судат на насилниците“, додава Матиќ.

Повторно погледите вперени кон ЕУ

Државата сѐ уште реагира само на надворешни притисоци. Последните случаи на напади врз новинари беа осудени од бројни меѓународни организации. Европската федерација на новинари им понуди средба и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ и на претставници од ресорното министерство.

„Она што би можела да го направам во разговор со политичките претставници во Србија е навистина да понудам некои конкретни европски искуства, механизми за заштита, очекувања. Но - без писма, без разгледници, што би рекле. Никаков одговор“, вели Север.

Притисокот може да дојде и од Европската унија, која пред два дена го усвои посебен европски закон за слобода на медиумите, кој има за цел да ги регулира најчувствителните точки на европската медиумска сцена.

„ Србија , иако не е членка, мора да го признае тоа и да го прифати како знак. Се надевам дека Европа ќе има доволно сила да ја принуди земјата, која е на пат кон Европската унија да го приспособи тој свој пат и да го усогласи со регулативата што беше донесена на европско ниво“, вели Север.

„Но, она што, особено вие во Србија, многу добро го знаете - самата регулаторна рамка не е решение за проблемот, освен ако не постои вистинска политичка волја да се спроведе и да се почитува, да се цени и заштити новинарството како јавно добро кое им служи на граѓаните, а не политичарите, нивните политички интереси и натпреварувања, кои, за жал, се повеќе ги гледаме и кај вас и кај нас како и во другите европски земји“, заклучи претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми