1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Равенка со многу непознати: зошто е толку евтин гасот?

Џо Харпер
13 јануари 2023

Нема да има многу солзи за шпекулантите кои се надеваа на големи профити и астрономски цени на гасот во јануари. Всушност, цената во Европа е на нивото на кое беше пред почетокот на рускиот напад врз Украина.

гас
Равенка со многу непознати : зошто е толку евтин гасот?Фотографија: Thomas Imo/photothek/IMAGO

Кривата на цените на природниот гас според индексот на холандскиот Title Transfer Facility (ТТФ) верно сведочи за политичките тензии и односот кон Русија. Цената почна да расте минатата зима, што е вообичаено пред поголема потрошувачка во студениот период, но растот беше многу поголем од вообичаеното, бидејќи растеше и тензијата на границата на Украина и Русија. Потоа, во февруари руските тенкови почнаа инвазија, а цената на гасот вртоглаво порасна: на 7 март достигна 226 евра за мегават-час природен гас.

Како што обично се случува во вакви кризи, стравот дека нешто ќе се случи е поголем од реалната опасност, па така до средината на август цената се стабилизира. Тогаш земјите од Европа сфатија дека војната во Украина е далеку од завршена, но и дека треба да ги наполнат магацините за претстојната зима. Затоа на 26 август цената достигна историски рекорд од 345 евра за мегават-час, а сигурно имало шпекуланти кои купувале на почек и триеле раце очекувајќи ја зимата и уште поголема побарувачка на гас. 

И што се случи? Ништо!

Овој вторник, на 10 јануари, цената беше некаде околу 71 евро за мегават-час, што значи приближно иста како во декември 2021 година. Згора на тоа, експертите на берзите не очекуваат нова експлозија, „иако тоа не значи дека енергетската криза е завршена“, додава Тоби Копсон од брокерската куќа Тридент ЛНГ. 

Причината е едноставна и ќе ја видите ако го отворите прозорецот. Зимата е исклучително блага, а Кина е преокупирана со коронавирусот, па затоа нема потреба од значителни количества гас од светскиот пазар. Но, Ади Имшировиќ од Оксфордскиот институт за енергетски студии предупредува: во изминатата 2022 година, 60 милијарди кубни метри гас дојдоа на европскиот пазар од Русија. Додуша тоа е само половина од предвиденото со договорите, но годинава од Русија ќе пристигне уште помалку.

Слично на тоа, речиси сите земји добро се подготвија за оваа зима и магацините беа полни како и секогаш во ноември - европскиот просек на почетокот на декември беше 92 проценти пополнетост. Секако, оваа зима сѐ уште не е завршена, а ако им се верува на метеоролозите, некаде во март може да биде сериозно студено. 

Карикатура на Сергеј ЕлкинФотографија: DW

Колку гас ќе биде потребен? 

Постојат различни проценки за тоа колкави ќе бидат залихите за гас. Фирмата „Вуд Мекензи“ прогнозира дека пополнетоста на складиштата во март би можела да биде само 4 отсто, во „Голдман Сакс“ проценуваат дека ќе биде „најмалку 20 отсто“, а Ешли Келти од консултантската фирма Панмур Гордон верува дека магацините ќе бидат полни на крајот на март со помалку од 15 проценти“ и дека тоа ќе предизвика цените да бидат натпросечни „поради побарувачката повторно да се полнат магацините“.

Во исто време, сите експерти за пазарот на гас предупредуваат за она што се случува во Кина: „Сите можевме да го наполниме складиштето минатата година делумно затоа што побарувачката на Кина за течен гас беше мала. Тоа може да се промени и да има последици врз способноста на европските земји да привлечат доволно течен гас за следната зима“, вели Брам Клајс од невладината институција Проект за регулаторна помош, која се занимава со еколошка трансформација на стопанството. 

Германија: Изградба на нов гасовод во рекордно време

01:28

This browser does not support the video element.

Ако и Кинезите почнат да купуваат... 

Кина планира да увезе седум отсто повеќе течен природен гас оваа година отколку минатата година. Клајс затоа оценува дека „сè уште не сме излегле од проблемот“, и дека ништо не се променило, а најверојатно нема да се промени во догледна иднина. „Структурните причини за високата цена на гасот сѐ уште постојат: војната во Украина е далеку од завршена, а увозот на руски гас е намален на речиси нула“.

Во исто време, нема долго да траат ниту алтернативите: Германија на крајот ќе ги затвори своите нуклеарни централи, а француските не се во многу добра состојба. Во моментов, помага тоа што Белгија го рестартира својот реактор Tihange 1 , и помага што има многу ветер оваа зима за покренување на ветерните електрани. 

Равенка со премногу непознати 

Постои и одредба на ЕУ за горната граница на цената на гасот и може да се претпостави реакцијата на Кремљ. Путин потпиша указ за забрана на трговија со сите земји кои ја прифатија границата.

Што ќе значи сето ова и каква ќе биде следната зима, никој не знае со сигурност. На релативната ценовна стабилност помага и тоа што шпекулантите се „изгореа“ со оваа зима, па дефинитивно ќе бидат повнимателни во обидот да заработат.

И експертите на пазарот на гас се претпазливи. Иако цената е чудно ниска, сепак не гледаат причина таа да биде уште пониска. Течниот гас, не само поради конкуренцијата на светскиот пазар, туку и поради транспортните трошоци, е значително поскап од оној што течеше од Русија. Но, времето на зависност од рускиот гас најверојатно никогаш нема да се врати.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми