1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Огнените“ станаа Демократско движење

ДТЗ
2 август 2023

Новата политичка партија ќе биде промовирана на 13 август, кога е годишнината од Рамковниот договор. Плановите на Изет Меџити, којшто го напушти ДУИ, се да истрчаат како партија на следните избори.

Огнена група
„Огнените“ станаа Демократско движењеФотографија: Petr Stojanovski

Во пресрет на уставните измени и засилениот притисок за предвремени избори, започнаа раздвижувањата на политичката сцена во Северна Македонија. Во екот на летните одмори, предводникот на „Огнената група“, Изет Меџити, кој влезе во отворен судир со сопартијците од ДУИ, најавува нов политички субјект, кој што ќе ги испроба своите сили и на наредните избори. 

Дел од „Огнената група“ ќе премине во Демократско движење на 13 август - денот кога беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Името беше објавено по завршувањето на рокот за давање идеи од граѓаните преку онлајн платформа. 

Ќе делуваат како опозиција

Меџити изминатиов период во неколку наврати порача дека ќе им остави простор на сите оние коишто се незадоволни од политиките на ДУИ да се приклучат на новото движење, коешто ќе делува опозициски. 

„Ова мислам дека за првпат се случува - некој, заради убедување, од позиција на власт да премине во опозиција. Ова е доволен факт и аргумент дека сме сериозни и искрени во нашите намери и формирањето на новото политичко движење, кое ќе биде опозиционо, тоа се аргументите дека сме истрајни и транспарентни во нашето делување“, рече Меџити, кој не ја доби поддршката од сите „огнени“ за формирање на нова партија. 

„Огнената група“ на патот кон отцепувањето од ДУИ, се соочи и со внатрешни несогласувања, коишто резултираа со формирање на новото движењеФотографија: DW/S. Toevski

Кулминација на незадоволството

Пратеникот Изет Меџити, кој вршеше повеќе функции за време на неговото членство во ДУИ,  беше дел од т.н. „Огнена група“ во ДУИ која јавно изрази револт од состојбите во партијата, а незадоволството го насочи пред сѐ кон вицепремиерот Артан Груби. Поранешните соработници на Али Ахмети,кај кои веќе подолго време тлееше незадоволство, упорно се обидуваа да му укажат дека нема така лесно да го „изгасне“ нивниот бунт против одредени состојби во партијата. Иако Ахмети тврдеше дека „огнот е изгаснат“, и дека во партијата нема фракции, сепак, разидувањето меѓу неистомислениците на крајот беше неизбежно.

„Огнената група“ на патот кон отцепувањето од ДУИ се соочи и со внатрешни несогласувања, коишто резултираа со формирање на новото движење, на чија челна позиција застана Изет Меџити, кој беше поранешен градоначалник на Општина Чаир.

Партиските превирања влијаеја и врз распоредот на силите во парламентот. Меџити, заедно со Мерита Коџаџику, се издвоија од пратеничката група на ДУИ и делуваат како независни во македонското Собрание. Кон нив се приклучи и Кастриот Реџепи, кој делуваше како независен по разидувањето со партијата Беса.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми