САД и Иран: Што беше пречка за договор и што следува?
13 април 2026
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за пропаѓањето на мировните преговори во Исламабад, Пакистан, во неделата, по маратонската сесија од која не произлезе договор за прекин на војната која се разгоре пред шест недели со нападите на САД и на Израел врз Иран. Американски претставници изјавија дека преговорите пропаднале бидејќи Иран не сака да се откаже од нуклеарната програма. Иранските лидери пак, го обвинуваат Вашингтон без да наведат конкретни спорни точки. „Мора да видиме позитивна посветеност дека нема да се стремат кон нуклеарно оружје и дека нема да се стремат кон алатки што би им овозможиле брзо да се стекнат со нуклеарно оружје“, изјави потпретседателот Џ.Д. Венс по разговорите. Мохамед Багер Калибаф, претседател на иранскиот парламент и шеф на иранската делегација, рече дека одговорноста сега е кај Вашингтон. „Време е САД да одлучат дали можат да ја придобијат нашата доверба“, изјави тој.
Нема договор за Ормускиот теснец ниту за нуклеарната програма
Средбата во Исламабад претставува први директни разговори меѓу двете земји по повеќе од една деценија и тие се одвиваат на највисоко ниво по Исламската револуција во Иран во 1979 година. Средбата уследи по договореното примирје неделава. Иранската новинска агенција Тасним објави дека „прекумерните“ барања на САД, како што се нарекуваат во навосите, го блокирале напредокот. Други ирански медиуми наведуваат дека има консензус за неколку прашања, но дека длабоки поделби остануваат во врска со нуклеарната програма на Иран и контролата врз Ормускиот теснец. По пропаѓањето на разговорите, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека американската морнарица ќе го блокира теснецот. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи речле дека разговорите се одвивале во атмосфера на недоверба, додавајќи дека постигнување договор во една единствена сесија и воопшто не било реално да се очекува. Министерот за надворешни работи на Пакистан, Ишак Дар, ги повика двете страни да го одржат договореното примирје, велејќи дека тоа е „императив“ за да продолжат напорите за изнаоѓање мирно решение. „Заминуваме од тука со многу едноставен предлог, метод на разбирање што е нашата последна и најдобра понуда. Ќе видиме дали Иранците ќе го прифатат“, наведе Венс, пред да замине од Пакистан од најблискиот аеродром.
Неколку неразрешени прашања
Разговорите меѓу САД и Иран се заглавени во неколку различни точки, а аналитичарите сметаат дека е тешко да се расплеткаат. „Конфликтот беше структурен, а не тактички. САД бараа ограничувања на нуклеарната програма на Иран, регионална деескалација и безбедна пловидба, дефинирајќи ги како безбедносни потреби“, вели за ДВ Фатемех Аман, експерт за Иран и Пакистан и виш соработник во Атлантскиот совет. „Иран бараше олеснување на санкциите, признавање и заштита, преговарајќи за статус, а не само за ограничувања. Нивните основни цели не се совпаѓаа“, наведува Аман. „Двете страни се сретнаа, но имаа различни претстави околу тоа како би сакале да продолжат, без разлика дали во однос на нуклеарниот аспект или во врска со теснецот“, вели Фарва Амер, директор на иницијативите за Јужна Азија во Институтот за политика на азиското општество во Њујорк. „Маратонските разговори отворија пат за дијалог, но постигнување заедничка позиција можеби ќе бара подолг процес“, смета Амер. Според Аман, Вашингтон прво барал отстапки, додека Техеран прво барал олеснувања. Настапувајќи со мала доверба и конкурентски став, ниту една од двете страни не се придвижила. „Разговорите пропаднаа затоа што нивните крајни цели, а не само тактиката, беа фундаментално некомпатибилни“, тврди Аман.
Може ли да опстои прекинот на огнот?
Аналитичарите сепак се претпазливо оптимистички дека прекинот на огнот ќе опстои и дека нападите нема да бидат обновени, со дипломатија зад кулисите која што би помогнала да се одржи примирјето. „Прекинот на огнот опстојува, но е кревок“, вели Аман и додава дека „не се базира на политички договор, туку само одразува привремена пауза од претпазливост и краткорочни математики. Двете страни повеќе ја менаџираат ситуацијата отколку што ја решаваат.“ Разговорите во Исламабад започнаа во саботата, неколку дена откако беше прогласен кревок прекин на огнот, додека шестнеделната војна во која беа убиени илјадници и која ги потресе глобалните пазари, продолжи. Амер со релативен оптимизам оценува дека е „важно примирјето да се одржи, каналите за медијација да останат функционални и двете страни да го продолжат дипломатскиот процес“. Венс во Исламабад не појасни што ќе се случи по истекот на двонеделното примирје или дали прекинот на огнот ќе продолжи. „Ризикот е постепена ерозија“, вели Аман и додава дека „локални инциденти, погрешни пресметки или дејствијата на сојузничките групи би можеле да ги тестираат границите на воздржаност. Без дипломатски процес прекинот на огнот останува загрозен. Можеби ќе се одржи на краток рок, но му недостасува долгорочна стабилност“.
Натамошни разговори
Аналитичарите сметаат дека непосредни разговори меѓу САД и Иран се малку веројатни, со оглед на зголемените тензии и неодамнешните неуспеси. Сепак, не е дојден крај на дипломатијата, бидејќи двете страни сè уште имаат силни стимули за да ги продолжат преговорите. „Натамошни разговори се мошне веројатни, но не веднаш“, вели Аман. „Ниту една страна не сака да делува како да попушта по неуспешната рунда преговори. Веројатно ќе има пауза во која и двете страни ќе ја преиспитаат својата позиција и влијание. Доколку разговорите се обноват, веројатно нема да почнат со најтешките прашања, туку со потесни, технички чекори што го намалуваат ризикот без да бараат големи отстапки“, вели Аман. За Амер тивката дипломатија и посредувањето може да останат во игра за да ги овозможат следните рунди на разговори. „Но, клучно за тоа е какви ќе бидат непосредните следни чекори на САД и Иран “, заклучува таа.