1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Дали Украина ќе добие ракети „Томахавк“ од САД?

ЖА / агенции
13 октомври 2025

Претседателите Зеленски и Трамп разговараа по втор пат за два дена. Темите ја вклучувале воздушната одбрана, енергетскиот сектор и можни мировни преговори. Кремљ ги критикуваше потенцијалните испораки на „Томахавк“.

Украинскиот претседател  Володимир Зеленски 
Украинскиот претседател  Володимир Зеленски разговарал телефонски со својот американски колега  Доналд ТрампФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

По разговорот претходниот ден, украинскиот претседател  Володимир Зеленски  повторно разговараше телефонски со својот американски колега  Доналд Трамп.  Зеленски соопшти дека главните теми на дискусија биле воздушната одбрана и заштитата на енергетскиот сектор на Украина, кој е под постојани напади од Русија.

„Вчера се согласивме за голем број теми што планиравме да ги разговараме денес и ги опфативме сите аспекти на ситуацијата: одбраната на нашата земја, зајакнувањето на нашите капацитети“, напиша Зеленски на X. Меѓу другото, се разговарало и за испораката на системите за воздушна одбрана „Патриот“ и крстосувачките ракети „Томахавк“.

Според Зеленски, Украина нема да напаѓа цивили во Русија со американски ракети „Томахавк“. Тие ќе бидат користени само против воени цели, изјави Зеленски за американската телевизија „Фокс њуз“.

Трамп изјави дека можеби ќе го информира рускиот претседател  Владимир Путин  дека ќе ја снабди Украина со ракети „Томахавк“ ако војната не заврши.  Тој сака да се осигури дека Украина ќе добие ново оружје на барање на Зеленски. „Тие би сакале 'Томахавк'. Ова е чекор напред“. Трамп претходно изјави дека сака да знае што Украина има намера да прави со ракетите пред да испорача „Томахавк“, бидејќи не сака да ја ескалира војната.

Русија пак изрази  загриженост поради можна испорака на „Томахавк“  и предупреди за ескалација. „Прашањето за 'Томахавк' е причина за голема загриженост“, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитри Песков за државната телевизија. „Моментално сме во вистински драматичен момент, бидејќи тензиите ескалираат од сите страни.“

Песков истакна дека доколку ракети „Томахавк" бидат испукани кон Русија, руското раководство мора да земе предвид дека некои верзии на ракетата би можеле да носат нуклеарни боеви глави. „Томахавк" имаат дострел до 2.500 километри. Ова би ѝ овозможило на Украина да гаѓа цели длабоко во руската заднина, вклучувајќи го и главниот град Москва.

Претходниот ден, Зеленски инсистирал Трамп да посредува за мир и ставање крај на војната во Украина. „Ако може да се заврши војна во еден регион, тогаш и другите војни сигурно можат да се запрат, вклучително и  руската војна“,  изјави Зеленски, осврнувајќи се на прекинот на огнот постигнат со посредство на Трамп меѓу Израел и терористичката организација Хамас.

Разговорот со Трамп беше „многу позитивен“, изјави Зеленски. Тој му честитал на американскиот претседател „за неговиот успех и договорот што успеа да го постигне на Блискиот Исток, што е извонреден успех“.

Во наредните денови, украинска делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко ќе отпатува во Вашингтон. Разговорите со американската влада ќе се фокусираат на  можни санкции,  енергија и воздушна одбрана на Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми