1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Разговори со САД: Што може да постигне Иран?

Шабнам фон Хајн
6 февруари 2026

Иран започнува директни разговори со САД за атомската програма, а во фокусот е руски пакет‑предлог што може да стане основа за нов договор.

Ирански весници - насловни страници со фотографија на американскиот претседател Доналд Трамп
Иранските весници објавуваат за можни воени опции на САДФотографија: Fatemeh Bahrami/Anadolu Agency/IMAGO

Иран се обидува да излезе од безбедносната ќор-сокак ситуација и најави подготвеност за директни преговори со САД околу својата атомска програма. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска (петок, 06.02.)  во Оман треба првпат да се сретне  со посредниците на американскиот претседател Доналд Трамп – Стив Виткоф и Џеред Кушнер.

Според информациите што на 4 февруари ги објавија иранските весници „Џамаран“ и „Ентехаб“, со повикување на „Раша Тудеј", во центарот на разговорите би можел да се најде пакет мерки подготвен во Кремљ. Наводно станува збор за предлози што би можеле да бидат прифатливи и за Иран и за САД.

Медијаторите на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф (втор од лево) и Џаред Кушнер (до него од десно), ќе бидат во Оман Фотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Иако овие информации засега не се официјално потврдени во Техеран, нивната суштина не е одбиена. „Извештаите не се потврдени од ирански извори и можат да се разликуваат во детали, но генерално изгледа дека се усогласени во рамките на посетата на Лариџани на Москва“, изјави за ДВ Хамидреза Азизи, експерт за иранска надворешна и безбедносна политика и гостин-истражувач во Фондацијата за наука и политика во Берлин.

Русија како посредник: „тројна добивка“ за Москва?

Предлозите се поврзуваат со посетата на Али Лариџани, претседател на иранскиот Совет за национална безбедност, кој на 30 јануари 2026 одржа ненадејна средба со  Владимир Путин  во Кремљ.

Според Азизи, Москва сака да спречи нов воен судир во регионот – сценарио што би било дестабилизирачко за Блискиот Исток – и истовремено не поддржува  Иран да располага со атомско оружје, бидејќи тоа би било против руските интереси.

„Во исто време, Москва ја гледа моменталната ситуација како особено поволен момент што ветува тројна придобивка: Прво, ослабен Иран би бил уште позависен од Русија; второ, Русија политички да му излезе во пресрет на претседателот Трамп и да му помогне да постигне договор; и трето, Кремљ се обидува дополнително да го маргинализира влијанието на Европа не само во досието за Иран, туку и на целиот Блиски Исток, и да ги прикаже европските актери како политички незначајни," вели Азизи.

Според ирански медиуми,  Русија предложила државната корпорација „Росатом“ да го надгледува ограниченото збогатување на уран во Иран за цивилни нуклеарни реактори. Целта е строго придржување кон договорените граници.

Клучен проблем на преговорите ќе биде судбината на околу 400 килограми високо збогатен уран (60 проценти) – материјал што од американските напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни стана централна точка на спорот.

Иранскиот новинар Хади Мохамади, кој со години известува за атомската програма, објави на Твитер: „60-процентното збогатен уран беше произведен како преговарачки адут за укинување на санкциите. Може да биде разреден.“ Засега не е јасно дали Русија би имала улога во тој процес.

Фокусот се поместува: „Повеќе не се работи само за атомската програма“

Според „Вол стрит џурнал“, доколку разговорите продолжат, преговорите ќе се поделат во два паралелни канали: еден за атомската програма, а вториот за пошироки безбедносни прашања, вклучувајќи ги и американските барања за ограничување на иранскиот ракетен арсенал.

„Главниот спор меѓу Иран и САД веќе не е атомската програма, туку ракетната“, вели Азизи. Иран редовно се заканува со уништување на Израел, но истовремено инсистира дека нема да се откаже од способностите за сопствена одбрана.

Според ирански медиуми, Кремљ предложил Иран да даде гаранции дека неговото ракетно оружје нема да биде употребено за напади врз Израел или  САД.

Путин во јануари дури и изрази подготвеност да посредува меѓу Иран и Израел. Азизи оценува дека Москва се обидува да го редефинира и оживее своето влијание на Блискиот Исток, делумно намалено поради  војната во Украина.

Дали Техеран би прифатил гаранции за безбедноста на Израел останува најголемото отворено прашање.

Вашингтон бара отстапки, Иран бара излез од криза

Пред почетокот на разговорите, американскиот државен секретар Марко Рубио упати остри барања: ограничување на балистичките ракети, прекин на поддршката за вооружени групи, нуклеарни гаранции и  подобар третман на сопствениот народ.

„Доналд Трамп  им вети помош на  иранските демонстранти.  Ништо не направи“, изјави за ДВ Фаваз Герґес, експерт за Блискиот Исток и професор на Лондонската школа за економија. „Сега целите се сменети.“

Фокусот според него е само на атомските и ракетните капацитети и на намалување на иранскиот регионален влијание преку сојузнички милиции – чиста геополитика.

По протестите што избувнаа на крајот на декември, Трамп најави дека „помош е на пат“, но изминатиот викенд изрази оптимизам за можен договор со иранското раководство.

„Договор од чиста нужда“

Експертот Хамидреза Азизи е скептичен: „Според мене, шансите за траен и ефективен договор се мали."

Иран, вели тој, брка договор „од чиста нужда“ – за да избегне војна во краток рок. Главни приоритети се безбедноста на режимот и елиминацијата на заканата од воена интервенција.

Под водството на ајатолах Али Хамнеи не треба да се очекува суштинска промена на иранската надворешна политика.

Поделбите меѓу САД и Иран се толку длабоки што  секој момент е можна нова ескалација.  Во последните недели  САД распоредија носачи на авиони,  воени бродови, ловци и трупи во регионот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми