Како Орбан ја користи средбата Трамп-Путин во своја корист
18 октомври 2025
Датумот на мировните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на Кремљ, Владимир Путин во унгарската престолнина сè уште не е одреден. Но, премиерот Виктор Орбан веќе го слави целиот настан во своите медиуми.
Орбан е многу активен на платформата X, меѓу другите платформи. Таму, тој се претставува во својот личен профил како „борец за мир, сопруг, татко, дедо и премиер на Унгарија“. Притоа, „борец за мир“ стои на прво место.
„Унгарија е остров на мирот“, објави Орбан во четвртокот вечерта. „Планираната средба меѓу американскиот и рускиот претседател е одлична вест за сите луѓе кои го сакаат мирот. Ние сме подготвени.“
Европа како непријател
Наспроти тоа, Европа е целосно насочена кон војна, тврди Орбан во видео клип. „Европа е во војна по сопствена дефиниција. И лидерите на најголемите држави на ЕУ и раководителите на институциите на ЕУ зборуваат за руско-украинската војна како да е наша војна и како Европа да е во војна“, вели Орбан.
Виктор Орбан особено лично напаѓа еден политичар: неговиот најважен противник во Брисел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Секој ден ја гледаме претседателката на Комисијата фон дер Лајен како патува низ светот само за да зборува за војна. Ова јасно покажува дека тука постои еден вид воена психоза и натпревар за да се види кој може да заземе најмилитантни позиции“, вели Орбан во видеото.
Масивни критики кон Орбан
Ставот на Орбан наиде на критики од огромното мнозинство други земји-членки на ЕУ, вклучувајќи го и литванскиот претседател Гитанас Науседа.
„Тоа испраќа сосема погрешна порака во сите правци, до меѓународната заедница и до Украина. Украина се бори за својата слобода и за независноста на земјата“, изјави Науседа пред претставниците на медиумите пред неколку дена.
Критиките кон Орбан се слични на оние кон Трамп. И двајцата досега не постигнале ништо во војната против Украина, освен ширењето реторика за мир и благите и пријателски настроени настапи кон Путин, рече Науседа. Путин и натаму не гледа ништо што би го одвратило од освојувањето на Украина.
Унгарија како „единствено место на надеж“
Според Орбан, подготовките за мировните преговори во Будимпешта се во полн ек. Имало телефонски разговори меѓу него и Трамп и меѓу него и Путин. Планирана е и средба меѓу САД и Унгарија во Вашингтон.
Орбан ја претставува Унгарија како единствено место на надеж во Европа во моментов. „Ако ја погледнете денешната карта и ги погледнете европските шефови на држави и влади, брзо станува јасно дека Будимпешта е единственото место во Европа каде што може да се одржи таков состанок“, објасни премиерот.
„Унгарија е единствената земја за мир и ние работиме со Словачка во овој поглед. Но, во последните три години, ние сме единствената земја што постојано се залага за мир отворено, гласно и активно“.
Дали самитот ќе помогне на изборите?
Во Унгарија ќе бидат одржани парламентарни избор и следниот април. Предизвикувачот на Орбан, Петер Маѓар, и неговата проевропска партија Тиша водат на анкетите со месеци.
Орбан веќе ја играше картата на Украина во кампањата за европските избори. Во својата кампања во тоа време, тој се обиде да ги убеди гласачите дека ЕУ сака да испрати унгарски војници на фронтот за да се борат против Русите.
Може да се претпостави дека Орбан повторно ќе се потпре на сличен наратив во изборната кампања. Тој се надева на значителен поттик од мировните преговори меѓу Трамп и Путин во Будимпешта.
Автор: Оливер Зус, АРД