1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разговорите во Берлин - лакмус за писмото на Мицкоски

14 октомври 2024

Македонскиот премиер денеска учествува на 10-тата средба на лидерите на шесте земји од Западен Балкан со земјите партнери од иницијативата Берлински процес.

Северна Македонија | Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски очекува денешните разговорите во Берлин да бидат клучни за подготовка на неговото писмо со кое ќе се обрати до институциите на ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денешните разговори во рамки на иницијативата Берлински процес ги смета за клучни за подготовка на писмото со кое тој наскоро ќе се обрати до институциите на ЕУ, со барање за достоинствено решение без диктат на евроинтегративниот пат на РСМ.

Мицкоски е во Берлин од вчера, а во пресрет на денешниот самит синоќа (13.10) оствари средба со македонската дијаспора.

„Разговаравме за врските со нашата татковина, за нашата борба да ја направиме Македонија подобро место за живеење, за зачувување на македонскиот оган кој мора да донесе иднина и подобри времиња“, напиша тој на Фејсбук.

Денеска тој ќе учествува на десеттата средба на лидерите на шесте земји од Западен Балкан со земјите партнери од иницијативата Берлински процес. Првата средба во рамките на Берлинскиот процес се одржа на 28 август 2014 година на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел да ја поддржи и продлабочи економската интеграција на шесте земји од Западен Балкан - Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Северна Македонија. Во фокусот на инцијативата е политичката поддршка на иницијативите за регионална соработка, на проектите за поврзување и за приближување на регионот кон вредностите и социо-економските стандарди на ЕУ.

Мицкоски очекува денешните разговорите во Берлин да бидат клучни за подготовка на неговото писмо со кое ќе се обрати до институциите на ЕУ.

„Писмото е во подготовка. Во Берлин ќе разговарам со голем број од европските политичари и сакам пред да го испратам писмото и содржината, да имам уште малку повеќе јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“, најави премиерот.

Обраќањето до институциите на ЕУтој го најави пред една недела.

„Сакам да потенцирам дека преку разни институционални канали ќе се обратам и ќе работам со Европската комисија и со нашите партнери за изнаоѓање на решение, кое ќе биде достоинствено и согласно со националните интереси, а диктати, да биде јасно - не прифаќам! За овој процес потребно е и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ!“, рече Мицкоски.

Дијалог да, преговори не

На самитот во Берлин, меѓу премиерите на земјите поддржувачи на процесот, ќе учествува и премиерот на службената влада на Бугарија, Димитар Главчев. Што може да очекува РСМ? Според досегашните изјави на бугарскиот политички врв, Софија не отстапува од ставот дека Скопје мора прво да ги исполни веќе преземените обврски ако сака да го продолжи интегративниот пат. Официјална Софија пред десетина дена ја повтори пораката до Скопје дека „процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја кандидат, а единствена гаранција за успех е исполнувањето на поставените критериуми и услови“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц (д.) во Берлин го поздравува премиерот на службената влада на Бугарија, Димитар ГлавчевФотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Прашан за коментар по изјавата на Мицкоски - дека тој е подготвен да разговара со Румен Радев за да се изнајде решение на долг рок - бугарскиот претседател одговори дека секогаш бил отворен за дијалог, но дека е исклучително важно да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.

„Тоа се две различни работи. Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете држави го потпишавме двостраниот протокол врз основа на Договорот за добрососедство и соработка. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се води главно меѓу Северна Македонија и Европската комисија, и тоа дијалог врз основа на прифатената Преговорачка рамка за Северна Македонија, која со консензус, едногласно е усвоена од сите земји членки на ЕУ, а е прифатена и од Владата на Северна Македонија. Значи, таму треба да се води дијалог, и тоа дијалог за условите кои треба да ги исполни Северна Македонија за да може да ги отпочне преговите за членство во ЕУ“, изјави Радев.

Тој потенцира дека Бугарија може да помогне во процесот за РСМ, за таа што побрзо да ги исполни условите и да тргне по европскиот пат.

„Сите овие нешта јас сум му ги објаснил многу добро на премиерот Виктор Орбан. И тука немаме потреба од никакво посредништво. Работите се јасни, едноставно РСМ треба да ги исполни овие барања поставени сега од ЕУ", порача Радев.

Повеќе оптимизам не донесе ни ставот на новиот евроамбасадор во РСМ, Михалис Рокас, кој изрази скептицизам околу можноста за одложена примена на уставните измени.

„Проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно, има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата и е многу важна. Ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија“, изјави Рокас за МИА.

ДУИ бара уставни измени веднаш

Главните опозициски партии во земјата не навестуваат поддршка за владините обиди за деблокада на интегративниот пат, доколку тие водат кон неостварливи решенија. Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, веќе нагласи дека нивната поддршка ќе биде достапна само за реални и остварливи решенија.

„Ако очекуваат дека СДСМ наивно ќе даде поддршка на идеи кои значат понатамошни блокади, решенија во кои никој не верува освен тие самите во Белата палата, тогаш се излажале. Ние нема да бидеме параван за нивните пропаднати политики. Нека покажат лидерство, нека покажат храброст и најважно од сѐ - нека покажат искреност. Нека понудат реални решенија околу кои може да се обединиме. Ако не, нема да бидеме сочуесници во нивната пропаст", порача Филипче.

Претседателот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, кој пред два дена во партиското седиште го прими новиот бугарски амбасадор во РСМ, Жељазко Радуков, истакнал дека „преговарачката рамка одобрена од ЕУ е јасна и мора да се спроведе за да го продолжиме нашето патување кон Брисел".  

„Бугарската заедница во Северна Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот, а од ова никој ништо не губи, напротив, сите добиваат. Приоритет на ДУИ е токму продолжување на европскиот пат, затоа уставните измени мора веднаш да се случат, бидејќи граѓаните очекуваат да станеме дел од ЕУ“, рекол Ахмети.

Во разговор за политичката состојба во земјата, Ахмети се пожалил и дека „’чесните' и претпочитани Албанци избрани од ВМРО- ДПМНЕ се откажалe од Европа, но и од еднаквоста, омаловажувајќи ги и понижувајќи ги Албанците за нивните лични корумпирани мотиви".

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми