1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разрешени директори, ќе се бара смена на министри на АА

7 февруари 2024

Не е во прашање јавниот интерес на граѓаните, туку политичка одмазда, смета министерот за здравство Меџити.

Министрите od AA, Азир Алиу (последен од десно) и Фатмир Меџити (втор од лево) вчера изјавија дека нема да поднесат оставки на функциите
Министрите od AA, Азир Алиу (последен од десно) и Фатмир Меџити (втор од лево) вчера, 6 февруари, 2024, изјавија дека нема да поднесат оставки на функциитеФотографија: Reg. Nordmazedonien

Почна разрешувањето на кадри од Алијанса за Албанците кои го поддржале партискиот лидер, Арбен Таравари, во барањето поддршка од партиското централно собрание за приклучување кон опозицискиот блок. Владата почна со разрешување на двајца директори, а не е исклучено процесот да продолжи во Собранието со барање за разрешување на двајца министри - за здравство и за администрација и информатичко општество. Двајцата вчера одржаа прес-конференција пред зградата на Владата на РСМ

„Третата седница на Владата се одвиваше надвор од сите процедури, а Артан Груби одлучуваше која точка да помине и која да не помине“, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

„Артан Груби, за сите проекти за кои се надлежни МИОА и МЗ, едноставно, без да ги чита ги одбиваше, а за жал техничкиот премиер на тоа аминуваше (...) Исто така, една од точките беше разрешување на двајца директори од Алијанса за Албанците (...) Таков тип на кадровски прашања прво треба да се синхронизираат на ниво на владина коалиција, а потоа да се стават како точки на дневен ред“, рече Алиу, објаснувајќи дека во случајот таа процедура не била почитувана.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир АлиуФотографија: Government of North Macedonia

На неговото барање за објаснување како тие двајца директори се нашле на дневен ред без да биде контактиран тој како надлежен од АА, „Артан Груби инсистирал дека тоа мора да биде така и тие мора да бидат разрешени“.

Информацијата за разрешување на директорите беше потврдена и во владиното соопштение.

„Владата одлучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост - Скопје да ја отповика Бујаре Абази, од должноста член на Управниот одбор - која носи назив генерален директор, а за член на Управниот одбор на Акционерско друштво да го избере Идри Истрефи. На денешната седница разрешен е и Газменд Абдија од должноста в.д. директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ“, беше наведено во владиното соопштение.

Бујаре Абази е потпретседателка на Алијанса за Албанците, а Газменд Абдија претседател на гостиварскиот огранок на партијата.

Вицепремиерот Артан Груби инсистирал на разрешување на двајцата директори од ААФотографија: P. Stojanovski/DW

Кадровската комисија бара разрешување

Министрите Алиу и Меџити вчера изјавија дека нема да поднесат оставки на функциите. Но, од АА информираа дека до премиерот ќе предложат разрешување на двајца од тројцата министри што ги има оваа партија во Владата, а одлуката за таквиот предлог била донесена од страна на кадровската комисија.

Причината поради која се бара нивно разрешување на Алиу и Меџити, е дека преку министерската функција двајцата министри вршеле дејствија кои се спротивни на Етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите и вработените во АА, како и јавно кокетирање кон ВМРО-ДПМНЕ, со одење во канцеларијата на министер од таа партија.

Министерот за здравство од редовите на АА, Фатмир Меџити (во средина)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ваквата одлука ја донеле 5 од 7-те членови на кадровската комисија.

Кокетирањето кон ВМРО-ДПМНЕ кое му се припишува на Алиу, се однесува на завчерашната средба на министерот за информатичко општество и администрација и дополнителниот заменик во истиот ресор, Стефан Андоновски, со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски именуван на предлог од ВМРО-ДПМНЕ. На таа средба било разговарано „заеднички да се вложат напори за подобрување на системот за закажување за лични документи, со цел да им се излезе на граѓаните во пресрет и да се забрза тој процес“.

Меџити: Политичка одмазда

Министерот за здравство Фатмир Меџити смета дека мотивацијата има поинаква позадина и е на штета на јавниот интерес, а тој став го сподели по вчерашаната владина седница.

„Не е во прашање јавниот интерес на граѓаните, туку политичка одмазда, рече Меџити, аргументирајќи го тоа со фактот што „сите негови предлози на седницата биле отфрлени од страна на техничкиот премиер“. Меџити предложил зголемување на платите на медицинските сестри и здравствениот персонал, потпишување на колективен договор за фработените во Министерството за здравство, потпишување на колективен договор за клиниката Козле...

Веднаш по прес-конференцијата на двајцата министри, преку својот фејсбук профил се огласи и лидерот на АА, Таравари.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (аргивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Не отпуштаат затоа што сакаме промена. Ви кажуваме повеќе од кога било дека промената започна! 8-ми мај... блиску, многу блиску!“ напиша Таравари.

Говорејќи за последните случувања во Алијансата за Албанците, Аднан Незири, координаторот на пратеничката група на оваа партија, на TВ Шења изјави дека министрите кои биле решени да поддржат други политики а не владините, етички е да си поднесат оставка, или да бидат разрешени.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми