1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеТурција

Турција - нова Мека за естетска хирургија

Елмас Топчу | Текин Ајнур
22 јуни 2024

Липосукција, корекција на носот, зголемување на градите, трансплантација на коса - сѐ повеќе луѓе одат во Турција на естетски операции. Евтини зафати или ризична игра со здравјето?

естетска операција
Турција доживеа вистински бум во здравствениот туризам од пандемијата навамуФотографија: YAY Images/IMAGO

„Од својата 13-та година сакав да го оперирам носот. Слушнав дека турските лекари се многу добри во тоа. Неколку мои пријателки беа оперирани и беа многу задоволни“.

Поради тоа, 28-годишната Американка Бенита Палоја решила да го оперира носот во Турција. Таа за ДВ изјави дека немала никакви компликации и се вратила дома седум дена подоцна.

Оваа млада жена, која работи со полно работно време во финансискиот сектор, а освен тоа работи и како модел, задоволно гледа наназад. Таа денес има силна самодоверба и добива повеќе работни места како модел отколку порано. Со ентузијазам зборува и за сеопфатната грижа на клиниката каде што била. И денес, вели, е во контакт со лекарскиот тим. „Можев да ја направам операцијата во САД и да платам 30.000 долари за неа, но тука сигурно немаше да ја имам грижата и помошта што ги добив во Турција“, вели таа.

Бенита Палоја е задоволна од резултатот на операцијата за корекција на носотФотографија: privat

Од пандемијата на коронавирусот, Турција доживеа вистински бум во здравствениот туризам.  Според податоците на надлежната државна агенција УСХАС, во 2021 година од странство во Турција дошле 670.730 пациенти кои користеле здравствени услуги. Една година подоцна, бројот се искачил на 1.258.382, што претставува зголемување од 88 отсто. УСХАС во првите шест месеци од минатата година регистрирала 746.290 медицински туристи во земјата. 

Вкупните приходи изнесувале повеќе од 1,73 милијарди долари во 2021 година. Една година подоцна, приходите надминале 2,12 милијарди долари. Во првата половина на 2023 година се забележани приходи од над 1,04 милијарди - што е малку под целта. Експертите проценуваат дека причината најверојатно е разорниот земјотрес што ја погоди Турција на почетокот на 2023 година, во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе.

Германците на прво место

Според податоците на Меѓународното здружение за естетска и пластична хирургија (ИСАПС), најмногу странски гости во 2022 година имало од Германија, а потоа следуваат гостите од Велика Британија и од Швајцарија. Најпопуларните нехируршки зафати биле третманите против брчки со ботокс и хијалуронска киселина. Кога станува збор за хируршки зафати, липосукцијата, ринопластиката (корекција на носот) и зголемувањето на градите ги заземаат првите три места.

Младите и естетските интервенции

02:14

This browser does not support the video element.

А продолжувањето на нозете исто така станува сѐ поатрактивно во Турција. Во прв ред на ваква операција се подложуваат мажите од Запад кои се незадоволни од должината на нозете. Меѓу нив е и 31-годишниот Еш* од САД. Вели дека секогаш бил незадоволен од пропорциите на своето тело. Сега, вели гордо, е висок 1,84 метри и е 12 сантиметри повисок од претходно. И вели дека се чувствува подобро. „Беше многу болно и периодот на опоравување траеше неверојатно долго“, се сеќава тој, но верува дека сето тоа вредело. Операцијата, вели, му ги зголемила шансите при флертување и сега ужива поголема почит.

Искусниот ортопед Јунус Оџ од Истанбул извршил повеќе од 200 операции за издолжување на нозете само во последните две години. „Во минатото, оваа процедура ја правев од медицинска неопходност, по несреќа или поради нарушување на растот или низок раст“, ​​вели тој. Во последните години, вели, сѐ повеќе луѓе доаѓаат кај него од естетски причини. Тој претпоставува дека бројот на овие процедури брзо ќе се зголеми за три до пет години. Меѓутоа, во исто време, исто така предупредува. „За разлика од операцијата на носот или градите, издолжувањето на нозете има поголеми последици доколку не се постигне посакуваниот резултат“, вели тој.

Најмногу здравствени туристи во Турција во 2022 година имало од Германија, потоа Велика Британија и ШвајцаријаФотографија: picture-alliance/dpa

Случаи на труење поради желудочен ботокс

Меѓутоа, во Турција има сѐ повеќе извештаи за неуспешни естетски зафати. Пред една година институтот „Роберт Кох“ извести за повеќе од 27 случаи на труење, кои се случиле по третман на желудникот со ботокс. Во текот на оваа процедура, ботоксот се инјектира во ѕидот на желудникот за да се создаде чувство на ситост на подолг период. Сепак, овој метод има сериозни несакани ефекти кај некои пациенти. Во овие случаи доаѓа до мускулна слабост, заматен вид, отежнато дишење, па дури и симптоми на парализа.

Во средината на јануари трагично заврши и едно т.н „бразилското подигнување на задникот“, кое беше изведено во Истанбул. Мајката на три деца од Англија четири дена по операцијата доживеала срцев удар - предизвикан од масна емболија, пренесуваат британските медиуми. За време на таканареченото „бразилско подигнување на задникот“, задникот се пополнува и се зголемува со сопственото сало, а тоа довело до смрт на оваа млада мајка.

Турција е многу поевтина

Зошто се повторуваат вакви случаи? Дали лекарите или клиниките во Турција се недоволно компетентни? Д-р Сузане Пунсман, експертка од советодавниот центар за потрошувачи на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, советува да не се генерализира. „Во Турција, како и кај нас, има добри и лоши лекари“, нагласува таа и потсетува дека поимот „естетски хирург“ не е заштитен со закон. Така што секој може да стане тоа. Поради оваа причина таа им препорачува на заинтересираните пред планираната процедура внимателно да прашаат какви квалификации имаат лекарите или колку често веќе ги извршиле планираните зафати. Посочува и дека лекарите со соодветни квалификации се нарекуваат „специјалисти по пластична и естетска хирургија“. „Но, и на другите лекари - честопати хирурзи, дерматолози и гинеколози - им е дозволено да вршат естетска операции“, додава таа.

Исто така, важно е да се види дали лекарот или клиниката имаат сертификат кој е во согласност со европските стандарди, како што е симболот ИСО (ISO), кој, меѓу другото, укажува дека таму се врши редовна контрола. Но, пациентите треба да се информирааат и за користениот материјал и, доколку е потребно, за користената лабораторија.

Според експертите, одлучувачки критериум за естетски зафати во Турција најчесто е ниската ценаФотографија: Uwe Anspach/dpa Themendienst/picture alliance

Претпазливост кога станува збор за нелегалните ординации

И проф. д-р Али Ихсан Октен од Турското здружение на лекари (ТТБ) известува за опасноста од несертифицирани ординации и клиники и повикува на претпазливост. Според него, силно пропагираниот здравствен туризам води кон комерцијализација на здравјето, кое сè повеќе станува профитабилен бизнис.

Факт е дека пазарот е многу конкурентен. Клиниките се обидуваат да привлечат што е можно повеќе клиенти со агресивно рекламирање, СМС и Ватсап пораки и ниски цени. „Одлучувачки критериум за лекување во Турција е често ниската цена. Можни се заштеди од 30-70 проценти“, вели експертката за потрошувачки прашања Пунсман и наведува два примера: зголемувањето на градите во Германија, вели таа, често чини од 4.500 евра нагоре. Во Турција, наспроти тоа, операцијата може да се направи за 2.500 евра. Во Диселдорф, како што вели Пунсман, намалувањето на желудникот чини околу 12.500 евра, додека во Турција е доволна само една третина од сумата. Токму кога станува збор за процедури, кои вклучуваат големи трошоци, во Турција може да се заштедат многу пари, а тоа, вели Пунсман, ја зголемува подготвеноста за преземање ризици.

Сомнителни бизниси со убавината

03:18

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми