1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„САД повеќе не се на страната на Европејците“

ЖА /АРД
8 декември 2025

Неколку германски политичари реагираа со загриженост на новата безбедносна стратегија на САД. Тие ја гледаат како јасен знак за одвраќање од Европа. Политичарот на ЦДУ, Ретген, зборува за „втора пресвртница“.

Американскиот претседател Доналд Трамп
Во новата американска стратегија критики за Европа, но не и за Русија - американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Julia Demaree Nikhinson/AP Photo/picture alliance

Во петокот, САД ја објавија својата нова безбедносна стратегија, во која упатуваат обвинувања против Европа, додека едвај се осврнуваат на Русија, која во моментов води агресорска војна против европска земја. Првичните реакции во Европа беа доста резервирани, но политичарите сега сè повеќе реагираат со остри зборови.

Експертот за надворешна политика на ЦДУ, Норберт Ретген, оцени дека новото позиционирање на американската надворешна политика претставува „втора пресвртница“. Првата пресвртница ја прогласи тогашниот канцелар Олаф Шолц во 2022 година по  руската инвазија на Украина,  најавувајќи масивно опремување на Бундесверот, германските вооружени сили. Во интервју за весниците на Редакциската мрежа Германија (RND), Ретген додаде дека за прв пат од крајот на Втората светска војна, САД повеќе не стојат на страната на Европејците. И САД повеќе не стојат на страната на Украина, против која се води брутална војна до уништување.

САД сакаат да „ѝ помогнат на Европа при корекцијата"

Националната безбедносна стратегија е документ што периодично го објавува американската влада. Таа ја опишува визијата за надворешна политика на претседателот и служи како еден вид водич за владините одлуки. Во својата нова безбедносна стратегија, САД, меѓу другото, се жалат на  наводната загуба на демократијата и слободата на изразување во Европа  и повикуваат на корекција. Понатаму, се наведува дека целта на САД мора да биде „да ѝ помогнат на Европа да го поправи својот сегашен курс“.

Ретген коментираше дека САД на овој начин го дефинираат  мешањето во внатрешните работи  на европските држави како цел на надворешната политика. „Целта е да се влијае на нашиот внатрешен устав според сегашните идеолошки насоки на движењето МАГА и, за таа цел, да се соработува со внатрешните непријатели на либералната демократија во Европа - во Германија, тоа е  АфД".

Кремљ: „Согласност во голема мера"

Лидерката на Партијата на зелените, Франциска Брантнер, за весниците на Медиумската група Функе  изјави дека новиот американски документ, пред сè значи дека Европа веќе не може да си дозволи да губи повеќе време. Континентот сега мора да инвестира во сопствениот суверенитет. Експертот на ЦДУ за одбрана, Родерих Кизеветер, за Групацијата Функе, во која е вклучен и весникот „Хамбургер абендблат", изјави дека под претседателот Доналд Трамп, САД повеќе не се партнер заснован на заеднички вредности, туку безмилосно ги следат своите економски интереси.

Поранешниот премиер на Латвија, Крисјанис Каринс, за Ројтерс изјави дека Русија сигурно е најсреќната земја со документот. Москва со години се обидува да го растури трансатлантскиот сојуз. „А сега се чини дека најголемиот фактор на нарушување во овој сојуз се самите САД, што е жално“.

Експертот за надворешна политика на ЦДУ, Норберт Ретген, оцени дека новото позиционирање на американската надворешна политика претставува „втора пресвртница“Фотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Всушност, раководството на  Русија  го пофали американскиот документ. Промените направени во стратегијата на САД се „во голема мера во согласност“ со гледиштето на Русија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, за рускиот државен телевизиски канал Русија. Иако американската влада го опишува завршувањето на војната во Украина како централен интерес во документот, тој речиси и да не содржи критики кон Русија.

Вадефул: Немаме потреба од совети

Во текот на викендот, повеќето европски шефови на држави и влади молчеа за документот. Многу влади внимаваат да не го антагонизираат озлогласено непредвидливиот американски претседател  Доналд Трамп  и да избегнат провоцирање реакции што би можеле да ѝ наштетат на Европа, на пример, во областите на економијата или безбедноста. Постојано се нагласуваше дека  Европа е во голема мера зависна  од САД.

Германскиот министер за надворешни работи  Јохан Вадефул во петокот изјави: „Темелно ќе ја анализираме новата стратегија на САД во сите нејзини аспекти, досега не бевме во можност да го направиме тоа“. Во врска со обвинувањата за недостаток на слобода на изразување во  Германија,  тој рече дека не верува оти „некој треба да ни дава совет околу ова, тоа е регулирано со нашиот уставен поредок“. Во Германија, додаде тој, не постојат само државни гранки на власта - извршната, законодавната и судската - туку и, сосема правилно, слободни медиуми.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми