Реакции на царините на Трамп: „Удар за глобалната економија“
3 април 2025
Многу земји се на удар од новиот пакет царини на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучително и членките на ЕУ. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен се огласи со критика оценувајќи го потегот на Трамп како „тежок удар за глобалната економија“. Царините според неа ќе имаат ужасни последици за милиони луѓе на планетава, оцени таа при посета на узбекистанскиот град Самарканд.
Земјите-членки на ЕУ веќе работат на „нов пакет“ контрамерки „за заштита на нашите интереси и нашите компании доколку преговорите не успеат“, рече фон дер Лајен, која истовремено сигнализираше континуирана подготвеност на Унијата да преговара со американската влада. „Има и алтернативен пат“, рече претседателката на ЕК и посочи дека еврокомесарот за трговија, Марош Шефчовиќ, бил „во постојан контакт“ со неговиот американски колега Хауард Лутник. „Се стремиме да ги намалиме пречките, а не да ги зголемиме“, порача таа.
Гнев и контрамерки
Како „самоволие“ и „целосно неприфатливо“ ги оцени царините претседателот на Комитетот за трговија во Европскиот паралмент, Бернд Ланге од СПД во разговор со првата програма на германскиот јавен сервис АРД. Најавите според него се „објава на војна“. Ланге очекува за ЕУ голема двоцифрена штета во милијарди евра, но порачува дека во Унијата се подготвени и дека ќе одговорат со контрамерки.
„Тотална катастрофа“ и „трговско-политичко возење во спротивен правец од страна на американскиот претседател“ се мерките за шефот на германските европратеници во Европскиот парламент, Даниел Каспари. За Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент, Европа е подготвена да ги брани своите интереси во трговскиот спор со САД. „За нашите американски пријатели денес не е ден на ослободувањето, туку ден на огорченост“, пиша политичарот на платформата X. Царините на Доналд Трамп се штетни за обете страни на Атлантикот. „Европа е обединета, подготвена да ги брани своите интереси и отворена за фер и решителни разговори“, порача Вебер.
Зелените ова го бараат и за услужниот сектор, на пример дигитален данок на ЕУ или ограничувања за американските банки на европскиот пазар. ЕК веќе објави пакет контрацарини кои ќе стапат на сила на 14 април. Деталите не се познати. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен планира да се обрати на оваа тема.
Последици и за Германија
Претседателот на германската комора за надворешна трговија, Дирк Јандура, исто така очекува негативни последици за германската економија. „Зборувам сосем отворено: ќе го почувствуваме ова", вели претседателот на Сојузното здружение за трговија на големо, надворешна трговија и услуги за новинската агенција Ројтерс. „Ќе мора царините да ги преточиме во поскапувања, а во многу случаи тоа значи и пад на продажбата“, вели тој. За помалите компании кои веќе се погодени од последните тешки години, ова може да значи и крај на бизнисот, што ќе се одрази и на вработените.
Претседателката на германското здружение на автомобилската индустрија, Хилдегард Милер, потегот на САД го оквалификува како фундаментална пресвртница во трговската политика. „Тоа е повлекување на САД од глобалниот трговски поредок заснован на правила - а со тоа и отстапување од основата за создавање дополнителна вредност и соодветен раст и просперитет во многу региони на светот. Тоа не е Америка на прво место, туку Америка сама", објаснува Милер.
Германското здружение за хемиска индустрија изрази жалење за одлуката на американската влада. „Сега е важно сите инволвирани да размислуваат со студена глава“, апелира директорот на здружението, Волфганг Гросе Ентруп. „Спирала на ескалација само би ја зголемила штетата. Нашата земја не смее да стане пион во ескалирачка трговска војна“, предупредува тој и додава дека Брисел мора да остане флексибилен во својот одговор и во дијалог со Вашингтон. На Европа ѝ е потребен силен мандат, и во интерес на германската индустрија. „Целта мора да биде решение кое ќе биде фер за двете страни - за Европа и за САД“, рече Гросе Ентруп.
Претседателот на Институтот за светска економија од Кил, Мориц Шуларик, ги означи новите американски царини како тежок шок за светската трговија. „Ако овие царини опстојат во ваква форма, тоа ќе биде пресвртница за глобалната економија каква што е. Тогаш ќе се најдеме во поинаков режим на светската трговија. Тоа навистина ќе биде болно - и за Американците“, изјави Шуларик за весникот „Ханделсблат“.
Нагласена смиреност во други земји
Италијанската премиерка Џорџа Мелони американските царини ги оцени како „погрешни“ и посочи дека се надева на соработка меѓу САД и Европа за да се избегне трговска војна, која само ќе го заслабне Западот.
Француското здружение на индустријата ФЕВС очекува пад на извозот на вино и алкохолни пијалоци за најмалку 20 отсто, изјави претседателот на здружението Габриел Пикард за телевизијата БФМ.
Велика Британија ќе остане „мирна и решена“ во стремежите да постигне економски договор со САД, вели министерот за економија, Џонатан Рејнолдс. „Располагаме со низа алатки и нема да се двоумиме да дејствуваме“, стои во соопштението во кое Рејнолдс исто така истакнува дека САД се најблискиот сојузник на Кралството. САД за Велика Британија предвидоа царини во висина од десет проценти.
Според премиерот Ентони Албанезе, Австралија ќе се воздржи од одмазднички царини. „Ние ќе продолжиме енергично да се залагаме за отстранување на овие неоправдани царини за нашите извозници“, рече тој. Најавените дополнителни давачки од страна на САД „не се пријателски гест", порача Албанезе, кој оцени дека мерката ќе ги зголеми трошоците за американските домаќинства.
Последици и на берзите
Канадскиот премиер Марк Карни најави контрамерки, кои ќе бидат објавени во текот на денов. Пред состанокот на владата тој порача дека е „важно да се делува со цел и решителност и токму тоа ќе го направиме“. Според кабинетот на Трамп, новата основна царинска стапка од десет проценти не се однесува на Канада, но сепак американските царини од 25 отсто за многу стоки поврзани со прашањата за дрога и имиграција остануваат на сила.
И Кина се закани со контрамерки. Народната Република ја примила на знаење најавата за реципрочни царини и категорично ги отфрла, соопштија од Министерството за трговија во Пекинг. Кина ќе ги заштити своите права и интереси, порачуваат од таму.
Претседателот на Јужна Кореја, Хан Дак-Су нареди итни мерки за поддршка на компаниите погодени од американските царини, како што соопштуваат од Министерството за индустрија. „Со оглед на тоа дека глобалната трговска војна стана реалност, владата мора да ги искористи сите свои способности за да ја надмине трговската криза“, рече Хан на состанокот со министерот за финансии и други високи функционери.
Акциите на големите технолошки концерни првично значително паднаа на берзите по крајот на работното време во САД. Епл привремено падна за 6,1 отсто, Мајкрософт за два отсто и Нвидија за 4,7 отсто. Амазон е во пад од пет отсто, Мета - 4,7 отсто, а Тесла е во пад од 5,9 отсто. Алфабет е намален за три отсто, Алибаба - 3,9 отсто и Нетфликс за 2,8 отсто. Акциите на компаниите во индустријата за производство на чипови исто така беа во минус.