1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПалестински територии

Реакции на планот за Газа: Пофалби за Трамп и апели до Хамас

ЖА / агенции | АРД
30 септември 2025

Хамас најави дека ќе го разгледа планот на американскиот претседател Доналд Трамп пред да одговори. Планот добива поддршка во Израел и ЕУ. Берлин во него гледа „единствена можност“, Лондон се заблагодарува.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се ракуваат на заедничка прес-конференција во Белата куќа во Вашингтон
Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за крај на војната во Газа прифатен од Израел, а позитивни реакции има од сите страниФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Хамас изјави дека ќе го испита планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во Газа „со добра намера“ и потоа ќе одговори. Извори во рамките на терористичката организација изјавија дека го добиле предлогот од катарски и египетски посредници. Според соопштението, исламистите имаат намера „внимателно да го испитаат“ планот пред да издадат официјален одговор.

Германскиот канцелар  Фридрих Мерц  ги пофали  мировните планови  на американскиот претседателДоналд Трамп за Газа. Мерц изјави дека ова е најдобрата шанса да се стави крај на тамошната војна.  Германија  е подготвена да даде конкретен придонес во спроведувањето на планот, а Хамас сега треба да се согласи и да го расчисти патот кон мирот. Канцеларот му се заблагодари на американскиот претседател Трамп „за неговите постојани напори“, изјави владиниот портпарол Штефан Корнелиус. Тој оддаде признание и на посветеноста на арапските држави од регионот и другите муслимански земји и им се заблагодари за нивното „влијание“ врз  Хамас.

Макрон и Стармер му се заблагодаруваат на Трамп

Поддршка за мировниот план дојде и од други европски земји. Францускиот претседател Емануел Макрон му се заблагодари на Трамп за неговата иницијатива. „Хамас нема друг избор освен веднаш да ги ослободи сите заложници и да го следи овој план“, нагласи тој на X. Тој очекува Израел решително да се ангажира за спроведување на планот.

Британскиот премиер Кир Стармер исто така ја поздрави иницијативата. „Новата американска иницијатива за прекин на  војната во Газа  е многу добредојдена и благодарен сум му на претседателот Трамп за неговото водство“, изјави премиерот.

„Цврсто ги поддржуваме неговите напори за прекин на борбите, ослободување на заложниците и обезбедување итна хуманитарна помош за луѓето од Газа“, истакна Стармер. Ова е врвен приоритет. Велика Британија ги повикува сите страни да соработуваат со американската влада за финализирање и спроведување на овој договор. „Хамас сега треба да се согласи со планот и да го прекине страдањето со положување на оружјето и ослободување на сите преостанати заложници“, побара премиерот.

ОН нуди поддршка

Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, го изрази своето „охрабрување“ од „позитивниот одговор“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. На платформата X, тој ги повика сите страни да „го искористат овој момент за да му дадат вистинска шанса на мирот“. Ситуацијата во Појасот Газа е „неподнослива“. Борбите мора да завршат „и сите заложници мора веднаш да бидат ослободени“.

Обединетите нации, исто така, ја нагласија својата поддршка за напорите. „Обединетите нации се подготвени да обезбедат поддршка, вклучително и преку обезбедување хуманитарна помош“, рече портпарол на ОН.

Поддршка за мировниот план за Газа од бројни европски и арапски земјиФотографија: Ebrahim Hajjaj/REUTERS

Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Индонезија и Пакистан ја потврдија во заедничка изјава својата подготвеност „да работат позитивно и конструктивно со  Соединетите Американски Држави  и страните за склучување на договорот и обезбедување на неговото спроведување“.

И Кина изјави дека „ги поддржува сите напори“ за  деескалација во Газа  откако американскиот претседател Доналд Трамп претстави нов план за завршување на војната на Израел и палестинската милитантна група Хамас. „Кина ги поздравува и поддржува сите напори што придонесуваат за ублажување на тензиите меѓу Палестина и Израел“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, на редовниот брифинг за медиумите.

Палестинската самоуправа изразува подготвеност за реформи

Палестинската самоуправа изјави дека ги поздравува „искрените и решителни напори“ на Трамп за завршување на војната во Газа. Сеопфатен договор за завршување на војната во Газа, исто така, би го отворил патот за  решение со две држави,  соопшти Палестинската самоуправа, според извештајот на палестинската новинска агенција Вафа. Палестинската самоуправа, која администрира делови од  Западниот Брег, исто така ја повтори својата посветеност на реформите, според извештајот на Вафа. Ова вклучува претседателски и парламентарни избори. Понатаму, власта сака да ги укине законите што предвидуваат исплати на семејствата на затворениците и убиените.

Семејствата на заложниците повикуваат на притисок врз Хамас

Планот доби широка поддршка од Израел.  Опозицискиот политичар Бени Ганц изјави на X дека планот е можност за ослободување на заложниците и обезбедување на безбедноста на Израел. Лидерот на опозицијата Јаир Лапид, исто така, ја изрази својата поддршка.

Форумот на израелски семејства на заложници го поздрави мировниот план како „историски“. Тој ќе донесе „исцелување на  Израел,  ќе ја заврши војната и ќе овозможи нова иднина за Блискиот Исток“, изјави форумот на семејствата. Светот сега мора „да изврши максимален притисок за да се осигури дека Хамас ќе ја искористи оваа историска можност за мир“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми