1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции во Скопје и во Софија за Резолуцијата на Бундестагот

ДТЗ
16 јуни 2023

Власта и опозицијата се препукуваат чија заслуга е усвојувањето на Резолуцијата на Бундестагот, која за Бугарија е „чуден феномен“. Христијан Мицкоски го кани Димитар Ковачевски на дуел за да си кажат се што мислат.

Бундестаг
Чија заслуга е Резолуцијата на Бундестагот за македонскиот јазик, ултура и идентитет?Фотографија: TOBIAS SCHWARZ/AFP/Getty Images

Одлуката на германскиот парламент кој во четвртокот (15 јуни) усвои резолуција за поддршка на европскиот пат на Република Северна Македонија, со која ја признава македонската култура, идентитет и јазик, предизвика реакции и во Скопје и во Софија. Додека власта и опозицијата во Северна Македонија се препукуваат чија е заслугата за усвојувањето на ваквата резолуција, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев се чуди зошто Скопје од друга држава бара да се признае дека постојат македонски јазик, култура и идентитет. 

„Проблемот, поточно чудниот феномен е што тие се молат кај друга држава со одлука во парламентот да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет. Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот“, вели Ковачев.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев се чуди зошто Скопје од друга држава бара да се признае дека постојат македонски јазик, култура и идентитет. Фотографија: EP/S. Pirlet

Зошто се носи резолуција во Германија?

Опозицијата го поздрави усвојувањето на Резолуцијата и смета дека заслугата за успехот е нивна. „Главното прашање е зошто се носи резолуцијата во Германија каде што се споменува меѓу другото и македонскиот јазик, македонскиот народ, самобитност, заради две причини. Прво затоа што во 21 век од земја членка на ЕУ имаме негирање на македонскиот јазик и самобитност, тоа е причината, инаку Германија не би имало потреба да носи таква резолуција, ова е само признание дека внатре во ЕУ има држави кои не размислуваат европски во 21 век“, порача Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието во гостување во радио Лидер. 

Тој смета дека причината поради која е донесена таа резолуција е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, која „неколку години наназад предупредуваше дека со потпишувањето на Договорот за добрососедство се загрозува онаа 'Ахилова пета“ која што Бугарија ја напаѓа кон Македонија во изминативе 50 или 60 години“.

Од владејачката СДСМ, пак, возвратија дека јавноста многу добро знае чија заслуга е Резолуцијата во германскиот Бундестаг. „ДПМНЕ освен блокади не направија ништо ниту за македонскиот идентитет и јазик, ниту пак за оваа резолуција. ДПМНЕ и Милошоски треба да се засрамат за тоа. Особено што нивни сестрински партии во Бундестагот гласаа против Резолуцијата за потврда на македонскиот јазик, култура и посебност“, велат од СДСМ. 

Тие оценија дека Резолуција не е само симболичен израз на поддршката од Германија, туку испраќа и моќна порака за исправноста на патот по којшто се движи земјата и почит кон народот со сета своја посебност.

Христијан Мицкоски го кани Димитар Ковачевски на дуел за да си кажат се што мислат Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повик за ТВ дуел

Лидерот на опозициската партија,Христијан Мицкоски денеска од кавадаречкото село Ваташа, порача дека ВМРО - ДПМНЕ ќе продолжи да врши притисок за да се обезбедат што е можно повеќе резолуции за заштита на македонскиот јазик,  како таа во германскиот парламент. Тој го повика премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски да се соочат на ТВ дуел.

„Ковачевски се плаши да оди на избори, се плаши да излезе на ТВ дуел. За да нема вака кажавме-така кажавме, средба на тимови, средба на лидери, еве јавно пред македонската јавност на ТВ дуел, очи во очи да си кажеме тоа што сакаме, па народот нека суди и нека пресудува“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Со ова продолжуваат препирките на релација власт - опозиција околу уставните измени во земјата, коишто зачестија по лидерската средба на 7 јуни, кога опозицијата изнесе на маса неколку услови во замена за поддршка за влез на Бугарите во Преамбулата. Мицкоски побара одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, „откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет“.

Коментирајќи ја изјавата на македонскиот шеф на дипломатијата дека по уставните измени, Бугарија нема повеќе да не блокира, Мицкоски му порача  на Бујар Османи да го советува новиот бугарски министер за надворешни работи „да дојде на споменикот на 12 стрелани младинци од Ваташа во 1943 година и да клекне и да се извини и да побара прошка за тоа што го направил бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна". 

„Тогаш можеме да седнеме да размислуваме за какво било простување“, рече Мицкоски, појаснувајќи дека такво нешто имал направено германски министер, клекнал и се извинил за тоа што го правеле германските фашисти во Полска.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми