1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ребаланс пред локални за повисоки плати, пензии и инвестиции

Костадин Делимитов
2 јули 2025

Владиниот предлог за прекроената државната каса тешка 6,56 милијарди евра влегува во Собрание. Планот е амбициозен, отвора перспективи, но носи и ризици, предупредуваат упатените.

Македонски денари - банкноти од илјада и од сто денари, како и монети од десет и педесет денари
Прекроената државната каса e тешка 6,56 милијарди евраФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Повеќе капитални инвестиции, повисоки плати и пензии, пари за субвенции, за здравството, администрацијата - прекроената државна каса која треба да обезбеди финансиска стабилност пред и по локалните избори е потешка и со потенцијал за економски развој. Приходната страна е позиционирана на 6,56 милијарди евра, а вкупните приходи - 5,92 милијарди евра. Буџетскиот дефицит ќе остане на истото ниво од 4% од БДП или 672 милиони евра.

Планот на власта е преку инвестиции во крупните проекти, пред сѐ во делот на инфраструктурата, да продолжи динамиката на развој на економијата. Средствата за капитални инвестиции се зголемуваат за речиси 5% и ќе достигнат 772 милиони евра. Ова е втора година по ред како не се кратат средствата по овој основ со ребаланс на буџетот. Токму тие и парите кои се пласираат за проекти во општините се очекува да бидат двигатели на економскиот раст.

Капиталните проекти клуч за развојот

За експертската јавност е добро што Владата планира зголемена инвестициска активност. Планот можеби делува амбициозно и отвора повеќе дилеми, пред сѐ околу можноста за негова целосна реализација, а тоа, според дел од нив, е клучно за остварување на проектираното:    

„Исполнувањето, односно реализацијата на планираните капитални инвестиции треба да бидат во фокусот на Владата. Точно е дека ставката по овој основ е амбициозна, но токму таму треба да се бара клучот за развојот на економијата. Клучно е тие да се реализираат во целост. Е сега, начинот на исполнетоста ќе зависи пред сѐ од дисциплината на целокупниот систем во спроведувањето на таа исполнетост. Тука треба да биде најголемиот фокус“, коментира универзитетскиот професор Синиша Наумоски.

Планот на Владата за ребаланс влегува во СобраниеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Има ли капацитет за повисоки пензии и плати?

Со прекроениот буџет, платите и пензиите треба да станат повисоки. Просечната пензија според пресметките ќе порасне за 2.130 денари и ќе ги опфати сите 330.000 пензионери во земјата. Јулската плата треба да биде повисока и за вработените во министерството за внатрешни работи, здравството, образованието, општинските служби во износ од 3.200 до 6.800 денари. Ова според најавите од Владата ќе ја зголеми просечната плата во јавниот сектор која треба да надмине  45.000 денари, односно да се приближи кон 50.000 денари. Амбициозниот план за растот на платите и пензиите, од Владата го темелат на подобрената наплата на даноците, стабилниот економски раст и дисциплираноста на јавните трошења.

Дел од експертската јавност сепак предупредува дека ова е преамбициозно и се сомнева дека економијата има капацитет целосно да го издржи овој товар. Од институтот „Фајнанс тинк“ укажуваат дека експанзивноста на фискалната политика е ризик за инфлацијата. Растот на платите и пензиите, според нивните оценки, ја ослабуваат фискалната консолидација. Клучниот ризик, според нив, е во делот на приходната страна во буџетот, пред сѐ во делот на наплатата на даноците за кои се сомневаат дека може да се реализираат во износ кој го планира Владата:

„Проектираниот раст на даночните приходи од 12,6%, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на проектираната реална стапка на раст на БДП и ревидираната, стапката на инфлација, е амбициозен. Во оваа насока говори и реализацијата на даночните приходи во првите пет месеци од 2025-та, која изнесува 37,6%, споредено со пропорционален процент на остварување од 41,7%, слично со остварувањето кај приходите од ДДВ 36,9%, акцизите 34,4% и увозните давачки 36,6%, а кои претставуваат директен одраз на пулсот на економијата“, сметаат од „Фајнанс тинк“.

Оттаму додаваат дека платите и пензиите се особено значајни бидејќи ја ослабуваат фискалната консолидација и остануваат да бидат одраз на експанзивниот карактер на фискалната политика. Затоа тие се гледаат и како основен извор на инфлациски ризик во 2025 година. 

„Овие укажувања и се материјализираа, бидејќи инфлацијата во првите пет месеци од 2025. година изнесува 3,7% и останува високо упорна, и покрај рестриктивната монетарна политика и владините мерки за замрзнување на маржите и цените во сегментот храна. Со зајакнувањето на експанзивноста на фискалната политика, преку ребалансот на Буџетот, упорноста на инфлацијата ќе остане и во следниот период".

Амбициозниот план за растот на платите и пензиите, од Владата го темелат на подобрената наплата на даноците, стабилниот економски раст и дисциплираноста на јавните трошења - дел од експертите се скептичниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Се крои ли ребалансот за избори?

Во експанзивните политики на Владата во делот на платите, пензиите и социјалните трансфери, дел од упатените препознаваат и предизборна стратегија. Фактот што сето ова се прави во пресрет на локалните избори отвора дилеми за економската оправданост на ваквите потези. Сомнежите ги подгреваат и средствата планирани во ставката за стоки и услуги, која и во ребалансираниот буџет е делумно маглива. На тоа укажуваат и од „Фајнанс тинк“: 

„Ставката стоки и услуги расте со 22,5% во однос на остварувањето од 2024 година, што е големо забрзување на растот кој беше висок и при иницијалното проектирање (14,8%). Имајќи предвид дека оваа ставка е недоволно транспарентна и вклучува, на пример, договори на дело како форма на квази вработување во јавната администрација, истата крие ризици особено во година на локални избори“, нагласуваат од финансискиот институт.

Власта се фали, опозицијата критикува

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека зголемувањата се овозможени благодарение на добрата наплата на даноците, стабилниот економски раст и дисциплинираното трошење на јавните средства. Сепак, критичарите предупредуваат дека ваквите потези се дел од предизборна стратегија и дека во позадина стои политичка калкулација. Критиките од опозицијата се дека Власта троши несоодветно за потребите, лошо ги менаџира финансиите и неефикасно ги спроведува реформите. Од СДСМ најавуваат бројни амандмани, над 160, со кои ќе инсистираат на поефикасна распределба на средствата во државната каса. Дел од нив е и амандманот за финансиска помош во износ од 20 милиони евра за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани.

Од СДСМ најавуваат над 160 амандмани, со кои ќе инсистираат на поефикасна распределба на средствата во државната касаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Дупка во пензискиот фонд

Фактот што втора година по ред со ребалансот на буџетот не се кратат средства за капитални инвестиции го поздравуваат и бизнисмените. Дел од нив сепак се загрижени што и натаму расте дупката во фондот за пензиско и инвалидско осигурување, паралелно со задолжувањето, кое велат не смее да се троши за зголемување на потрошувачката:

„Не е баш за поздравување што сѐ уште се трошат големи пари кон ПИОМ, здравство и невработеност. Една од најголемите ставки е зголемување на ставката кон ПИОМ од 134,4 милијарди на 136,9 милијарди, што е за 40 милиони евра повеќе, што значи дека проблемот на ПИОМ продолжува да биде доста сензитивен“, коментира стопанственикот Ангел Димитров.

(Не)Продуктивно задолжување? 

Од друга страна, тоа што домашното задолжување се зголемува за 51 милиони евра, односно 30,6 милиони евра од странство, според Димитров, покажува дека владата е доста храбра во овој дел сметајќи дека со растот на економијата јавниот долг, според бруто домашниот производ, нема да покаже огромно зголемување. Сепак, тој предупредува на внимателност, особено околу тоа како и за што ќе се трошат парите:

„Според она што е во ребалансот, јавниот долг треба да се зголеми од 57,7% на 62,1%, што и не е некое големо зголемување. Но, од друга страна, треба овие капитални расходи и тие јавни инвестиции што сега се прават да бидат насочени да ја зголемат вкупната продуктивност во државата, а не само да се зголемува потошувачката, бидејќи зголемување на потрошувачката со странски капитал, или со странска акумулација, на долг рок не може да опстане. Прво ќе се судриме со големиот проблем на плаќање на зголемени камати за тој долг, и ќе ни одземе добар дел од идните буџети, не само за враќање на долговите, туку и за повисоки камати“, предупредува Димитров.

Дел од бизнисмените се загрижени што и натаму расте дупката во фондот за пензиско и инвалидско осигурување, паралелно со задолжувањето (фото: Скопје, архивска фотографија)Фотографија: DW

Затоа, според него, е клучно да засили реализацијата на капиталните инвестиции, а средствата кои за овие потреби ќе се обезбедуваат преку кредитите од странство да се трошат домаќински и за поттик на домашните компании. Досегашните ефекти се далеку од поволни со оглед дека заклучно со мај реализацијата на проектираните капитални проекти е само 22,5%:

„Натамошно зголемување на долговите кон странство заради потрошувачка е неоправдано и тоа ќе ни се удри од глава, додека кај капиталните инвестиции треба да настојуваме да градиме такви објекти кои во иднина ќе ни создаваат додадена вредност. Дали се тоа системи за наводнување, хидроцентрали, железница, когенеративни електрани, сето тоа ќе дава резултати во иднина. Но ако правиме патчиња, улички селски чешми, тоа нема да даде резултат во иднина . Сепак, и ако земате кредити, а парите ги враќате надвор, за купување опрема од надвор, за да работат странски компании, тогаш исто така имате голем проблем со дефицитот на тековната сметка. Затоа е многу важно со овие големи пари, со кои ќе се задолжуваме, да работат наши компании за да може да се мултиплицира тој раст, не само додека се гради, туку ефектите да се значителни и да се создава додадена вредност и во идниот период“, потенцира Димитров.

Со ребалансот на буџетот треба да се обезбедат средства и за минималната плата, која е зголемена на 24.500 денари, што ќе влијае и врз колективните договори (фото: синдикални протести во Скопје)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Инфлаторен ризик

Еден од најголемите ризици врз растот е инфлацијата. Владата планира годината да заврши со инфлација од 2,8%, но дали ќе успее во планот е неизвесно со оглед на надворешните случувања. Пред сѐ со тензиите на Блискиот Исток и војната во Украина кои создаваат притисоци врз цените на нафтата и можат да влијаат на поскапување на производството. Од Владата велат дека активно ја следат состојбата и движењата на цените. Внатре во државата на пазарите, но и на меѓународните пазари, во делот на нафтата и генерално цените на берзите. Во вакви услови дел од стопанството повеќепати предупредува дека е потребна поголема поддршка и мерки со кои би се зголемила конкурентноста, но и продуктивноста на домашните фирми. Од Владата најавуваат дека ќе има повеќе пари и за оваа намена, како дел од планот за раст на економијата кој според проценките годинава треба да изнесува 3,7% од брутодомашниот производ.  

Со ребалансот на буџетот треба да се обезбедат средства и за минималната плата, која е зголемена на 24.500 денари, што ќе влијае и врз колективните договори и платниот систем во целина. Од Владата велат дека дополнително се зголемуваат детските и образовните додатоци, како и социјалните трансфери за ранливите категории, со што се обезбедува поширока финансиска поддршка за домаќинствата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми