1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Како да се заштитат жените од насилство?

ДТЗ
25 ноември 2024

Половина од жените во Северна Македонија искусиле некаков вид на насилство во нивниот живот. Речиси секоја трета жена во земјата била сексуално малтретирана, покажуваат анализите на ОБСЕ.

насилство
Речиси секоја трета жена во Северна Македонија била сексуално малтретиранаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Половина од жените во Северна Македонија искусиле некаков вид на насилство во нивниот живот. Речиси секоја трета жена во земјата била сексуално малтретирана. Четиринаесет проценти поминале низ физичко  или сексуално насилство, а една од 10 искусила демнење. Најчесто психолошкото насилство се извршува од партнери, со тоа што 44 проценти од жените страдаат од ваков тип на насилство. Ова се наодите од истражувањето спроведено од ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените. 

Како да се заштитат жените од насилство?

Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје смета дека иако правната рамка во Северна Македонија е солидна, законите мора целосно да се спроведуваат за да обезбеди брз одговор и подобра заштита на жртвите. 

„Законите против насилството се делотворни онолку колку што е нивното спроведување за кое се потребни ресурси, обука, и координиран пристап меѓу сите чинители, полицијата, судството, давателите на здравствени услуги и социјалните служби. За да се постигна ова, од клучно значење е вистинското спроведување на реформите кои произлегуваат од Инстанбулската Конвенција. Разрешувањето на насилството врз жените не значи само штитење на жените. Тоа значи градење општество во кое секој може да живее без страв“, потенцираше Вал на јавната расправа „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, која се одржа во рамки на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите. 

Северна Македонија има направено меѓународни заложби за да го спречи и да се бори против насилството врз жените. Во нив спаѓаат Акцискиот план на ОБСЕ за родова еднаквост, Одлуката на Министерскиот совет од Љубљана за спречување и борба против насилството врз жените од 2005 година, како и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство – Истанбулската Конвенција.

Половина од жените во Македонија искусиле некаков вид на насилство во нивниот живот, покажуваат анализите на ОБСЕФотографија: picture alliance/dpa

Закони има - пари нема

Но, како најголем проблем за имплементација на програмите за заштита на жртвите од насилство и понатаму е недостигот на финасиски средства. 

„Секој закон има потреба од финансии. Повеќе од три години до усвојувањето на Законот не сме ниту блиску до исполнување на минимум стандардите за специјализирани услуги , не сме ни блиску до овозможување на достапни и пристапни специјализирани сервиси за жени и деца кои преживеале насилство. Не знам дали има потреба повторно да се унапредуваат законите или треба пред себе да си признаеме дека додека не сме спремни да одвоиме пари, барем да не се лажеме дека правиме нешто? Не може да постои специјализирана услуга квалитетна, континуирана без да има за тоа предвидени средства“, вели Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Еден од најстрашните аспекти на насилството врз жените е фемицидот, убивањето на жените и девојките поради нивниот род. Сериозен проблем се почесто е и родовото насилство на интернет. 

„Ова ќе стане реален проблем уште повеќе заради тоа што сведочиме како не само нашите животи, туку особено животите на  младите се префрлуваат се повеќе во виртуелниот свет. Од тука, мислам дека како држава треба да се подготвуваме навреме и за справување со овој тип на насилство. Како УНДП оваа година направивме анализа каква ни е состојбата во однос на технолошки овозможено насилство и увидовме дека треба да се направат промени во голем број на закони со цел да го адресираме овој тип на насилство. Треба да се направат дополнителни промени во Кривичниот законик“, вели Кристина Плечиќ од УНДП.

Владата во нареднот период предвидува воспоставување на нови 10 специјализирани сервиси за жени жртви од насилство и семејно насилство. Во план е и изготвување на осумгодишната националната Стратегија за спречување и заштита на насилство врз жените и семејното насилството со Акциски план за спроведување на предвидените мерки  и активности. Министерството за правда, пак, работи на измени на Законот за кривична постапка, кој во моментот се преведува се очекува до крајот на оваа година или почетокот на следната година да биде пратен на мислење до Европската Комисија.   

Апликација - помош за жртви на семејно насилство

01:03

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми