1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортГлобално

Редовното пливање го стимулира мозокот

Биргит Аугустин
17 август 2024

Како спорт за издржливост, пливањето е особено ефикасно бидејќи вклучува многу мускулни групи. Во исто време, мозокот е подобро снабден со крв, што доведува до подобрување на неговата функција. Но, тоа не е сѐ...

пливање
Грбно пливањеФотографија: Tilo Wiedensohler/Camera 4/IMAGO

Секое моторно движење започнува во мозокот, а исто така и пливачките движења, без разлика дали е тоа краул, градно или грбно пливање. За да може телото да биде стабилно во водата, мозокот мора брзо да ги обработи сите телесни сигнали испратени од нервите за положбата на телото во просторот, со цел да генерира од оваа информација нови импулси за движењата.

Ова е потешко кај пливањето отколку при трчање или возење велосипед, бидејќи нема цврста подлога. Пливачките движења се исто така сложени и бараат добра координација со цел брзо да се движите и да не потонете.

Постојат неколку мали студии кои сугерираат дека пливањето ја подобрува функцијата на мозокот и придонесува за менталното здравје.

Храна за мозочните клетки

Зголемениот проток на крв во мозокот, исто така, води до формирање на посебен фактор на раст, „невротрофичен фактор добиен од мозокот“, или скратено БДНФ. Овој протеин делува како храна за мозокот, вели невробиологот Мартин Корте од Техничкиот универзитет во Брауншвајг.

Тој не само што ги штити постоечките нервни клетки и синапсите - односно врските меѓу нервните клетки кои му се потребни на мозокот за да пренесува сигнали, туку и го поттикнува создавањето на нови врски. Колку повеќе има БДНФ, толку подобро функционираат логичкото и апстрактното размислување, организациското размислување и меморијата.

Деца учат да пливаатФотографија: Jens Wolf/dpa/picture alliance

Пливањето го намалува ризикот од Алцхајмерова болест

Овие нови врски можат да го потиснат процесот на стареење, вели невробиологот Корте. Од една страна, тоа создава резерва на синапси кои мозокот може да ги користи кога другите ќе пропаднат. Од друга страна, спортовите - особено интензивните спортови како пливањето - ја поттикнуваат циркулацијата. Ова не само што го подобрува снабдувањето со хранливи материи, туку и го стимулира отстранувањето на наслагите. Истражувач од Брауншвајг нагласува: пливањето не може целосно да го елиминира ризикот од Алцхајмерова болест, но може да го намали.

Покрај тоа, во хипокампусот се формираат нови нервни клетки. Оваа мозочна структура, која го добила името „морско коњче“ поради својата форма, е важна за преминот од краткорочна во долгорочна меморија. Овде се проверува содржината на краткорочната меморија и ако е доволно значајна, се складира во долгорочна меморија, од каде подоцна може да се повика. Хипокампусот има корист и од физичката активност, особено кога се активираат големи мускулни групи, како што е случајот со пливањето.

Пливањето, како и другите спортови - доведува до ослободување на серотонинФотографија: David J. Phillip/AP Photo/picture alliance

Го подобрува расположението

Пливањето, како и другите спортови - доведува до ослободување на серотонин. Серотонинот е невротрансмитер, влијае на перцепцијата на болката, на ритамот на спиење и будење - и на расположението. Сепак, пливањето е особено релаксирачко бидејќи мора да се концентрирате на движењата за да не голтате вода, вели Брита Булман, докторка и екстремна пливачка од Росток. Фокусирањето на рамномерни движења насочени кон целта го тренира вниманието - пливачот е целосно во сегашниот момент. Негативните мисли исчезнуваат.

Редовно и континуирано

За да се осигура дека пливањето има позитивен ефект врз мозокот, невробиологот Мартин Корте препорачува три до четири тренинзи неделно. Но, во исто време тој нагласува: треба да вежбате во вода, треба да вложите напор. Во тој случај 20 минути се доволни. За споредба: 40 минути трчање или дури 60 минути возење велосипед се неопходни за истиот ефект. Затоа пливањето е многу ефикасен метод за тренирање на мозокот, вели Корте.

Водни спортови дури и ако имате проблеми со срцето

Дури и луѓето со срцеви проблеми можат да имаат корист од вежбањето во вода, доколку преземат одредени мерки на претпазливост и прво добијат зелено светло од својот лекар за умерено вежбање.

Вежбањето во вода е добро за срцетоФотографија: Carlos Osorio/REUTERS

Германската фондација за срце препорачува полека да се влегува во вода и да не излегува наеднаш, за да може циркулацијата да се прилагоди на притисокот на водата. Тоа е затоа што хидростатичкиот притисок предизвикува крвта од деловите на телото кои се подлабоко во водата да се турка до горните делови на телото. Кога ќе излезете од водата, крвта се враќа во нозете и карлицата, а крвниот притисок благо опаѓа. Ова може да доведе до забрзано чукање на срцето и вртоглавица.

Спортските групи за срцеви пациенти обично тренираат само во вода до половината, што им овозможува сигурност на пациентите. Водата го олеснува и стоењето на едната нога, трчањето наназад или скокот: она што не функционира во спортска сала, функционира во базен, според искуството на Брита Булман, која води група за срцеви пациенти во Росток.

За нив водата е и поддршка и отпор. Движењата против притисокот на водата се потешки, па мускулите се повеќе вклучени. И тоа долгорочно го тренира срцето и циркулацијата. Освен тоа, значително се растеретуваат зглобовите, дисковите и пршлените. Според тоа, пливањето е вежба за целото тело - од глава до пети и на која било возраст.

 

Аутистична шампионка во пливање

01:16

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми