1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум, парламентарни и претседателски избори

2 август 2023

Зошто на 15 октомври годинава треба во еден ден да се организираат, претседателски, парламентарни избори и референдум за вклучување на Бугарите во Уставот, кој ќе биде задолжителен. Колумна на Никола Тодоров.

Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Дебатата за уставните измени е во навидум критична фаза, личи како да е зовриена, а всушност не постои. Она што е евидентно, а што ниту една политичка партија не сака да го призна е дека уставните измени сите ги ставаат во контекст на следните парламентарни избори. СДСМ, не знам од кои причини смета дека ако ВМРО гласа за измена на Уставот со тоа СДСМ ќе добие и ќе победи на следните парламентарни избори, а ВМРО, пак обратно смета дека ако не успеат уставните измени, уште појако ќе победи на следните парламентарни избори, кога и да се тие. Од друга страна според последната анкета на ИРИ, високи 64% од испитаниците се донекаде или целосно против вклучување на Бугарите во Уставот, додека 30% се целосно или делумно за, Бугарите да бидат вклучени во Уставот. Кај младата популација (18-35 години), ситуацијата е малку поразлична па 38% се целосно или делумно ЗА, Бугарите да бидат вклучени во Уставот, а 56% се донекаде или целосно против вклучување на Бугарите во Уставот, додека кај повозрасните гласачи, оние над 56 години, само 23% се целосно или делумно ЗА, додека огромни 72% се против вклучување на Бугарите во Уставот.

Важноста на проблемот со Бугарија

Од друга страна пак на прашањето кој е најважниот проблем со кој се соочува Македонија денес,  и кој е вториот најважен проблем, проблемот со Бугарија не е ниту помеѓу првите 10 најважни проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Претпоставувам партиите знаат дека обично, квалитетот на понудените решенија на најголемите проблеми се пресудни за тоа кому гласачите ќе му ја дадат довербата. Според ова истражување на јавното мислење најважните проблеми се сиромаштија, низок животен стандард, проблеми на обичните луѓе, високи цени, економската состојба, ниска или неисплата на плата или пензија, невработеност и иселување на младите. Корупцијата и криминалот се 7 и 8 прашање по важност додека бугарскиот притисок во процесот на интеграцијата во ЕУ е дури 13-то прашање по важност. 

Од оваа анкета произлегува дека политичките партии го промашуваат наративот и тезите кои ги пласираат кон граѓаните. Ако ги погледнеме медиумите, ќе забележиме дека далеку повеќе форсирани се темите поврзани со уставните измени и корупцијата и криминалот, отколку темите поврзани со најважните проблеми за граѓаните.

„Југословенската“ генерација и спорот со Бугарија

По мене ова е резултат на огромна и почетничка грешка на владиниот ПР, кој со форсирањето на овие теми, само работи во корист на сопствената штета и уште повеќе ги иритира повозрасните гласачи, кои се и најревносни гласачи, а убедува незначителен процент на млади кои се пак најмалку заинтересирани за гласање. Воедно, повозрасните гласачи сеуште го имаат она „југословенското“ во себе кое покрај чувството дека државата ни е помеѓу првите четири-пет воено и политички најмоќни европски држави, вклучува и негативно и потценувачко чувство кон Бугарија, па таа генерација никако не може да се помири со фактот дека, за жал, велам за жал, Бугарија е далеку помоќна, поразвиена, побогата држава од нашата и каде граѓаните имаат подобар животен стандард од нашиот. За несреќата да биде уште поголема, македонската држава ќе влезе во ЕУ само ако Бугарија се согласи со тоа, затоа што повторно велам за жал, Бугарија има право на вето исто како и секоја друга земја членка на ЕУ. За жал Македонија не е ни блиску до тоа што беше Југославија во економска, политичка и воена смисла, а Бугарија ни оддалеку не е тоа што беше кога оваа сега постара генерација беше млада. Оваа политичка подредена состојба на македонската во однос на бугарската држава никако не може да го „свари“ таа постара генерација. За жал останатите генерации се израснати во константна криза, некои од нив и помирени дека единствен излез им е да вадат бугарски пасош за да можат да купат поефтин солиден автомобил или пак да избегаат од сопствената држава и од повторувачките бескрајни проблеми.

Без членство во ЕУ- тапкање во место

Како и да е сепак дури и оваа национално достоинствена генерација не смета дека проблемот со Бугарија е критичен, па предност дава на проблемите поврзани со сиромаштијата, ниските плати и пензии и лошиот животен стандард. И оваа како и секоја останата возрасна група знае дека без да станеме членка на ЕУ, ќе тапкаме во место и дека ќе продолжиме да живoтариме, да дремеме по граници со саати, енормно да се задолжуваме за да градиме патишта и пруги, а цикличните кризи ќе стануваат се почести и појаки како да се породилни болки.

Бугарија немаше никогаш да стане тоа што е денес доколку не влезеше во ЕУ.

Ние колку и да се залажуваме, никогаш нема да може да ја донесеме Европа дома, доколку не станеме дел од ЕУ.

За жал, повторно ќе речам за жал невозможно е да ги почнеме преговорите за наше членство во ЕУ без малото бугарско малцинство да стане дел од нашиот Устав.

Ако е ова така и ако евидентно е дека уставните измени се ставени (пре)многу во контекст на следните парламентарни избори, ќе си дозволам да дадам еден предлог.

Избори и задолжителен референдум во еден ден

На 15 октомври оваа година да се организира во еден ден, претседателски, парламентарни избори и референдум за вклучување на Бугарите во Уставот кој ќе биде задолжителен. За да добиеме точен и реален резултат без можност за бојкот, предлагам референдумското прашање да биде на истото гласачко ливче за парламентарните избори, па секој кој излегол да гласа на парламентарни избори, истовремено излегол да гласа и на референдумот, што значи референдумот ќе биде успешен. За ова да се спроведе потребна е интервенција во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, но и во Законот за влада со цел да се избрише т.н. пржинска влада.  Доколку мнозинството граѓани одлучи дека не треба да ги вклучиме Бугарите во Уставот и со тоа да се откажеме на подолг период од можноста за влез во ЕУ, а ќе овозможиме и Албанија да влезе во ЕУ пред нас, тоа ќе биде одлука на мнозинството со која малцинството ќе биде приморано да живее или да се отсели. Доколку пак, мнозинството одлучи дека треба да ги вклучиме Бугарите во Уставот, новата влада ќе биде обврзана тоа да го стори, а малцинството ќе мора да се помири со оваа национална отстапка исто како што неволно се помиривме со промената на нашето Уставно име. Така ќе заврши оваа преокупација со 13-тото по важност прашање, и ќе се отвори можноста да почнеме не само да дебатираме, туку и да работиме на првите по важност прашања за македонските граѓани.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми