1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Регрутација во Украина: „Немам друг избор“

АРД
2 април 2024

Украинската армија има итна потреба од нови војници. Многу постари мажи кои се мобилизирани имаат проблем со обуките. Некои единици поради тоа со своја реклама таргетираат млади мажи.

Ukaine | Militär | Übungen für Rekruiten und Freiwillige
Фотографија: Viacheslav Ratynskyi/REUTERS

Силен ветар дува на широкиот простор северно од Киев. Безброј мали групи на војници тука тренираат за бојното поле. Лежат во песок и целат на мети во далечината, фрлаат гранати или скокаат во ископани ровови. На тренинг - плацот украинската армија обучува нови војници. Тоа се неискусни мажи со скаменети изрази на лицата. „Немам избор", вели еден од нив и трча кон ровот по наредба на обучувачот. Најголемиот дел од нив се мобилизирани, се чини дека речиси никој не е доброволно во таква позиција, иако не сакаат отворено да го кажат тоа.

Кога кондицијата попушта

И Јуриј добил известување за мобилизација,  па сега го мачи тоа што претходно „едвај и да имал физичка активност“. Ќе му треба време да се навикне на тоа, вели. Тој има 55 години и тешко дека е на идеална возраст за напорни рововски борби без доволно муниција наспроти надмоќната руска војска. Од еден мегафон се слуша аларм за битка. Тоа треба да служи на психолошката подготовка, новите треба што е можно подобро да се навикнат на стресот во рововите. За тоа имаат најмалку еден месец време.

Проблеми уште на вежбите

Поодминатата возраст на мобилизираните претставува проблем уште при обуката. Рацете болат при фрлањето гранати. Мажите се жалат. И обучувачот Валентин Рибачек забележува дека регрутираните имаат проблеми и вели дека само еден од сите нови војници бил во состојба вежбата да ја изведе како што треба.

Рибачук е свесен дека „на оваа возраст луѓето имаат повеќе болести, повредено рамо или други физички проблеми“.  Украинската армија не страда само од недостиг на персонал,  туку и од артилериска муниција. Единиците на фронтот мора да штедат, па и изразите на лицата на регрутираните се сериозни.

Поодминатата возраст на мобилизираните претставува проблем уште при обукатаФотографија: Viacheslav Ratynskyi/REUTERS

Обучувачот Рибачук би сакал да има повеќе време за да ги подготви своите луѓе. Четири недели трае основната обука, но особено на постарите регрутирани лица им треба повеќе време, вели тој. Кога некој не ја разбира задачата, како обучувач „не гледа смисла да го прати на бојно поле. Не подготвуваме топовско месо, туку луѓе за борба каде што имаат конкретна задача што треба да ја исполнат“, вели Рибачук.

На една бригада не и` се чека Сосем друга е сликата во центарот за обуки во Киев на прочуената трета напаѓачка бригада. Таа важи за искусна и професионална и се праќа на најопасните делови од фронтот. Единицата самостојно ги регрутира војниците, со кул реклами и филмови од фронтот налик на видео игри. Еден млад човек по име Хорт е воодушевен од обучувачите. „Тоа се луѓе кои ми се пример, тие се ѕвезди. Нѐ третираат како браќа, тие имаат поминато нешта кои не можеме ни да си ги замислиме", вели Хорт. И покрај тоа останале луѓе и се „пристојни“ како и тој самиот. „Тие не играат некоја претстава, туку се тука и зборуваат со нас како да сме браќа, како да сме едно семејство", додава Хорт, додека очите му светкаат од возбуда и страхопочит. Самиот себе се опишува како националист. Во основната обука учи правилно да го држи оружјето, да пука во стоечка, и лежечка положба и на коленици.

На бојното поле пред сѐ мора да умеат во лежечка положба правилно да се движат, му довикува обучувачот на еден млад човек со упадлива тетоважа на вратот. И во подземните скривалишта војниците мора пред сѐ во лежење да умеат да пукаат, објаснува тој понатаму, затоа што се работи за артилериска војна против пешадијата, „а, пешадијата сте вие".

Обучувачот го поправа држењето на регрутираните лица. Многу од мажите се на возраст од околу 20 години. Стојат построени и си ги држат оружјата, некои се во тренерки и патики, шлемовите накривени.

Колкави се загубите за украинската армија, не се знае во јавностФотографија: Oleksandr Ratushniak/REUTERS

„Чекам на одмазда“ Максим пак е висок, снажен тип на речиси 30 години. Прво го бранел Киев, а потоа со хеликоптер бил пренесен во Мариупол и по освојувањето на градот 13 месеци бил во воено заробеништво на Русите пред да биде вратен во рамки на размена на затвореници. Максим е еден од обучувачите спрема кои Хорт има толкава страхопочит. Тој има искуство на военото поле, тој е вистински воин во очите на новите и пример за нив. Биографиите на луѓе како Максим го мотивираат Хорт, кој потекнува од Одеса и вели дека едвај чека да го види првиот непријател. Покрај национализмот и одредена претстава за тоа каков треба да биде еден маж,  мотивација сега му е да тргне во војна. Тој раскажува за најдобриот пријател од детски денови кој загинал минатото лето. „Чекам на одмазда. Тој беше најдобар. За мене е чест да бидам тука и жал ми е многу што во тој момент не бев со него", вели Хорт.

Не се наведуваат бројки

Колкави се загубите за украинската армија, не се знае во јавноста. Претседателот зборува за  30 илјади убиени војници, но многумина сметаат дека се доста повеќе. Обучувачот Максим не кажува ниту колку од единицата паднале, ниту колку нови регрутираат на месечно ниво. Само едно има да каже – имено дека се потребни постојано нови луѓе. Колку е лоша ситуацијата на фронтот за војската навестува едно од медицинските лица на Третата бригада на еден информативен настан, кога раскажува за првите борби на  новите регрути  во Авдивка. „Тие имаат по 19, 20, 22 години и првата битка им е тој пекол! Разговарав со момците кои беа во Бахмут и тие велат дека ако се помножи Бахмут со десет, се добива приближна претстава за Авдивка“, вели таа. Напад по напад, се додека Украинците не ја потрошиле сета муниција. Повеќекатни згради во најкраток рок биле сраменети со земја, а украинската војска не можела да пружа заштита. На крајот Украинците избегале и морале и да остават повредени војници зад себе. Јуриј на плацот и Хорт во центарот треба да бидат подготвувани за токму такви борби. Двајцата мажи немаат многу допирни точки, туку ги поврзува само едно нешто: сега само Господ ја има нивната судбина во свои раце, велат двајцата. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми