1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последни комбинаторики за реконструкција на Владата

29 јуни 2026

Реконструкцијата на Владата влегува во завршна фаза со последни комбинаторики за распределба на ресори. Дел од функционерите кои заминуваат веќе објавуваат отчет за своето работење преку социјалните мрежи.

Северна Македонија, Скопје, зградата на владата
Последни комбинаторики за реконструкција на ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Реконструкцијата на Владата влегува во завршна фаза, при што партијата Вреди (Влен) најавува преземање на шест министерства. Првиот вицепремиер Беким Сали викендов изнесе детали за распределбата, Според него, кадри на Влен ќе раководат со ресорите животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците.

„Сè уште нема финално име за министерствата за правда и култура, тоа ќе бидат две нови имиња. Од актуелните министри задоволни сме како партија и ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од пакетот“, истакна Сали. 

Владиниот коалициски партнер Вреди ќе треба да се откаже од министерската фотелја во Здравство и од позицијата вицепремиер за добро управување, кои досега ги водеа Азир Алиу и Арбен Фетаи. 

Азир Алиу: Функцијата министер не е лична

Во пресрет на реконструкцијата, министерот за здравство Азир Алиу порача дека неговото евентуалното заминување не е лично прашање.

„Секој ден кога доаѓам на работа јас сум свесен дека може да е последен ден од политичка гледна точка...“, изјави Алиу.

Според него, вредноста е во резултатите, а не во должината на мандатот. Тој нагласи дека здравството останува чувствителен сектор од клучно значење.

Кој останува, а кој за заминува од Владата?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Стоиљковиќ со отчет наместо прес-конференција

Извесно е дека со владината реконструкција, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, ја напушта функцијата, а ресорот ќе го преземе кадар на Вреди.

Наместо прес-конференција, Стоиљковиќ објави писмен отчет, во кој посочува дека остава функционално и реорганизирано министерство.

„Пред веќе извесното заминување нека остане забележано дека од ‘сива зона’ на системот денеска Министерството со нова систематизација го оставам средено и организирано“, наведува Стоиљковиќ.

Тој ја истакнува драстичната редукција на буџетските трошоци: „Буџетот на МОЗ во 2021 година изнесувал 577.780.000 денари, додека во 2026 година изнесува 173.500.000 денари, односно е намален за повеќе од трипати. Притоа, без оглед на намалувањата, реализирани се сите програми, плус воведена е нова програма“.

Според него, ова значи прекин на непродуктивни и, како што наведува, „коруптивни“ трошења, како фиктивни јавни набавки, консултантски услуги и исплати за лица кои не оделе на работа.

„Во овој момент завршено е со пристапот: ‘седи дома, земај плата’ и рационализиран е бројот на вработени“, наведува тој.

Стоиљковиќ беше дел од Владата од јуни 2024 година и често беше критикуван од дел од јавноста и политичките партии за неговите позиции.

ЗНАМ најавува поголемо влијание

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека по реконструкцијата движењето ќе биде посилно. „Кога разговарате во политиката сите опции се на маса...“, рече тој, додавајќи дека конечен договор сè уште нема.

Тој потенцира дека партијата останува подготвена да поддржи политики во интерес на граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека реконструкцијата се прави поради нови приоритети. „Не се битни само резултатите... понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите“, рече тој.

Сè уште не е утврдено колкав дел од Владата ќе биде опфатен со промените.

Од СДСМ оценија дека власта се соочува со сериозни внатрешни конфликти. Според нив, наместо политики за граѓаните, се води борба за позиции и влијание, а економските и буџетските проблеми се продлабочуваат

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми