1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекордна инфлација во Германија

Дирк Кауфман
13 октомври 2022

Инфлацијата во Германија се искачи на највисоко ниво во последните 70 години. Потрошувачките цени во септември се зголемиле драстично.

Повисоките стапки на инфлација ја намалуваат куповната моќ на потрошувачите
Повисоките стапки на инфлација ја намалуваат куповната моќ на потрошувачитеФотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Поради скапата енергија, потрошувачките цени во Германија во септември се зголемиле посилно отколку кога било од почетокот на 1950-тите. Стоките и услугите во просек биле поскапи за 10% во споредба со истиот месец лани, соопшти Сојузниот завод за статистика и со тоа ја потврди претходно дадената проценка. Во август стапката на инфлација изнесуваше 7,9 отсто.

„Главните причини за високата инфлација сè уште се енормните поскапувања на енергетските производи“, изјави претседателот на Сојузниот завод за статистика, Георг Тил. „Но, сè повеќе поскапуваат и многу други стоки, особено храната.“

Повисоките стапки на инфлација ја намалуваат куповната моќ на потрошувачите, кои за истите пари можат да си дозволат сѐ помалку.

Струја и намирници

Енергијата во септември чинела 43,9 отсто повеќе отколку во истиот период лани. Цените на лесното масло за греење за една година се зголемиле повеќе од двојно, односно бележат плус од 108,4%, додека поскапувањето на природниот гас е 95,1%. 21% повеќе се барало за струја, а 30,5% повеќе за гориво. Цените на храната се зголемени за 18,7 отсто. „Генерално, нагорниот тренд на цените постепено се засилува од почетокот на годината“, велат статистичарите.

Значително се поскапени и мастите и маслата за јадење (+49%), како и млечните производи и јајцата (+29,1%). Значително се зголемени и цените на месото и месните производи (+19,5%) и на лебот и житните производи (+18,5%).

За исти пари може да се купи сѐ помалкуФотографија: photothek/IMAGO

Ќе биде уште потешко

И, тука сѐ уште не е крај. „Во секој случај, стапката на инфлација веројатно ќе се зголеми до единаесет проценти во наредните месеци“, изјави неодамна Тимо Волмерсхојзер од институтот за економски истражувања Ифо. Како резултат на наглиот пораст на цените на енергијата, многу компании сакаат да ги пренесат повисоките трошоци врз грбот на своите клиенти, институтот Ифо во едно истражување.

- повеќе: ММФ и Светска банка: Висок ризик од глобална рецесија во 2023

Според ова истражување, сите трговци со храна планираат поскапувања. „Се разбира, тоа во себе носи социјален експлозив, бидејќи приходите на домаќинствата растат многу помалку“, вели Волмерсхојзер. Кочницата на цената на гасот и електричната енергија, што ја најави сојузната влада, треба да стапи на сила од 2023 година.

Не се очекува подобрување пред 2024 година

Сојузната влада предвидува просечна стапка на инфлација од 8,0 проценти за тековнава година, која се очекува да падне на 7,0 проценти во 2023 година. Без планираните сопирачки на цените на струјата и гасот, инфлацијата наредната година би била значително повисока, изјави министерот за економија Роберт Хабек.

За 2024 година Владата пресметува инфлација од 2,4 отсто. При претставувањето на владината прогноза во средата (12.10), Хабек се осврна на растот на основните каматни стапки во Европа. „Тоа сигурно ќе функционира.“ Освен тоа, со оглед на мерките кои ги презема државата и поголемата понуда која се очекува, цените на енергијата - главниот двигател на инфлацијата - во 2024 година веројатно ќе попуштат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми