Релативно мирна новогодишна ноќ во Германија
1 јануари 2024Милиони луѓе ширум Германија ја дочекаа Новата година мирно, во опуштена атмосфера. Полицијата стравуваше од немири на многу места. Ноќта, сепак, беше релативно мирна.
По предупредувањата од тероризам во катедралата во Келн, во околината на катедралата беше мирно и на новогодишната ноќ, соопшти полицијата. Кардиналот Рајнер Марија Велки ја одржа добро посетената предновогодишна миса под силна полициска заштита.
Просторот околу катедралата беше затворен. Тројца мажи беа приведени поради сомневања за можен планиран исламистички терористички напад врз келнската катедрала.
Околу 300 уапсени во Берлин
Во Берлин полицијата имаше бројни интервенции и пријави околу 300 апсења и 15 повредени полицајци. Во првите час и половина од 2024 година, берлинската противпожарна служба веќе изброи 500 интервенции. Тие вклучуваат многу мали пожари, како што се запалени автомобили, напиша пожарникарската служба на онлајн платформата Х.
Портпаролка на полицијата соопшти дека на подрачјето на главниот германски град било фрлано со пиротехника врз полициски службеници и припадници на спасувачките екипи, но и на други лица. Многу гласни експлозии укажуваат и на нелегални петарди, се вели од полицијата. Постојано се слушаа и истрели од пиштоли плашливци.