1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Репортери без граници ја рангираше Македонија на 36-то место

ДТЗ
3 мај 2024

Раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади, се наведува во извештајот

медиуми
Репортери без граници ја рангираше Македонија на 36-то местоФотографија: Getty Images/C. McGrath

Северна Македонија се најде на 36-то место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година на Репортери без граници, што е за две места погоре од минатата година, кога земјата беше на 38-та позиција. Оценките за земјата во поголем дел од индикаторте се послаби од лани, но лоши оценки годинава добија и другите земји од регионот. Па така, Црна Гора се најде на 40-то место, а зад неа се Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија е на 98-то место и Албанија на 99-та позиција.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се вели во извештајот во делот посветен на Северна Македонија. 

Во однос извештајот се наведува дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика меѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои плагијат и копираат и залепуваат содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост. 

Критичко новинарство подложено на напади 

За политички контекст се забележува дека целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, се наведува во дел од забелешките. 

Опаѓа довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и нападиФотографија: Fotolia/picsfive

Во делот посветен на правната рамка се посочува дека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, но дека земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да и се придружи. Осудата за клевета, во 2023 година, на  медиумот ИРЛ за нивната истрага од општ интерес, се наведува дека е опасен преседан, а се укажува и на опасностите од влијание поради новиот закон кој ги врати владините реклами во медиумите.  

Влијанија и притисоци 

За економски контекст се наведува дека иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање, се додава понатаму, е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството, се посочува, е многу несигурна професија, а некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг агенциите.

Во делот за социјалниот контекст стои дека иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка или религија, 

Кога е во прашање безбедноста на новинарите се констатира дека тие се често мета на вербални напади, а меѓу другото се посочува и за назначувањето специјален обвинител задолжен за случаите на напади врз новинари.

Најдобро рангирани според Индексот за слобода на медиумите за 2024 година се Норвешка, Данска и Шведска. На листата од 177 земји во светот најлоши оценки за слободата на медиумите имаат Северна Кореја, Авганистан, Сирија и Еритреја. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми