Република Молдавија: „Најважните избори во историјата“
26 септември 2025
Непосредно пред парламентарните избори, времето во Кишињев, главниот град на Република Молдавија, е нестабилно. Есента се бори со последните остатоци од летото и часови континуиран дожд наизменично со топли, ведри денови. Колку што е непредвидливо времето, толку е и политичката ситуација во земјата. Анкетите укажуваат на тесна трка меѓу проевропската партија „Акција и солидарност“ (ПАС) на претседателката Маја Санду и проруските партии.
Затоа во центарот на Кишињев активистите на ПАС се борат за секој глас, им се обраќаат на случајните минувачи и делат весници со предизборни ветувања.
Еден од нив е Кристијан. Тој стои меѓу топлата луѓе што брзаат по булеварот „Стефан цел Маре“ и им дели жолти флаери од кампањата на владејачката ПАС. „Се надевам дека нашата земја ќе одлучи да стане дел од ЕУ - како демократска држава што ги почитува човековите права. Луѓето мора да преземат одговорност за својот глас, бидејќи тој ќе ја одреди нашата иднина и иднината на новите генерации“, вели 35-годишниот Кристијан. За него е јасно дека иднината мора да биде во ЕУ. „Преку ЕУ растат платите во нашата земја. Тоа ни овозможува да станеме понезависни и да имплементираме разни проекти, како што е дигитализацијата“, вели активистот.
На неколку метри од него Витали (50) им се обраќа на минувачи обидувајќи се да ги придобие за партијата на контроверзниот бизнисмен Ренато Усати, „Наша партија“ (ПН). „Нашата земја осиромаши во последните четири години“, вели тој. Тој смета дека патот кон ЕУ што го следи ПАС е погрешен. „Тој т.н. европски сон е голема лага. ЕУ нема да биде подготвена да ја прифати Република Молдавија - без разлика дали за две, три, четири или десет години. Треба многу повнимателно да погледнеме, а не да слушаме европски лаги и европски ветувања“, вели Витали.
Телевизија и ТикТок
Кристијан, Витали и нивните колеги секој ден разговараат со стотици луѓе за да ги убедат во своите ставови. На телевизија постојано се вртат реклами на партиите, политичари се обидуваат да допрат и до најмладите гласачи преку ТикТок. Во пресрет на изборите, политичарите не се воздржуваат од големи зборови, па претседателката Санду зборува за „најважните избори во историјата на земјата".
ЕУ или Русија, Запад или Исток - за многу Молдавци се чини дека тоа е главното прашање на изборите. Нешто по инвазијата на Украина во 2022 година, малата држава лоцирана меѓу Романија и Украина аплицираше за членство во Европската Унија и кратко потоа, во јуни 2022 година, доби статус на кандидат. Целта на актуелната влада е пристапување во ЕУ до 2030 година - на големо разочарување на Русија, која долго време има економско и политичко влијание врз земјата. Политичката дебата се најде дури и на ѕидовите на зградите во Кишињев. „Руси, надвор од Молдавија“ е испишано на ѕид во центарот на градот - некој преку графититот со црвена боја напишал „Санду - овца“.
Додека многумина за себе имаат јасни одговори, 26-годишната Алина ги гледа работите поинаку. „Без разлика на исходот од изборите, ние сме изгубени“, вели раководителката на проекти. Таа детството го минала во мал град во јужна Молдавија и живее во Кишињев откако ги завршила студиите. Таа се плаши дека ЕУ ќе го сврти грбот ако победат проруските партии - и стравува дека во тој случај и финансиската поддршка од ЕУ би можела да секне. Дури годинава ЕУ одлучи да ѝ исплати на Молдавија 1,9 милијарди евра во форма на заеми и грантови до 2027 година - поддршка што на земјата секако ѝ е потребна. Но, Алина е загрижена дури и во случај да победи проевропската партија - особено за реакцијата на Русија. „Кишињев е мал, а и Молдавија не е особено голема - не е потребна огромна армија за да се окупира нашата земја“, вели таа.
Војна во соседството
Границата со Украина се наоѓа на нешто повеќе од 50 километри од Кишињев. По руската инвазија во февруари 2022 година, повеќе од 1,3 милиони лица од соседна Украина се пребегани во Молдавија. Околу 100 илјади од нив се останати - економски тест за земјата со 2,4 милиони жители. Но, војната во Украина е и долгорочно психолошко оптоварување. Руските беспилотни летала постојано се уриваат над молдавска територија. „Војната како да е блиску“, вели 22-годишната Мишел, која работи како продавачка. „Го чувствуваме притисокот. Во меѓувреме не толку изразено, но можеби и само се навикнавме“, вели таа.
Стравот од војна со Русија го чувствуваат многумина - на крајот на краиштата, веќе сега има околу 1.500 руски војници во Молдавија, стационирани во Транснистрија, отцепен дел од земјата што постои како де факто држава од 1990 година, со сопствена армија, валута и влада. Економски и воено, регионот е зависен од- Русија и во минатото веќе еднаш бараше да биде примен во Руската Федерација.
Актуелната молдавска влада на ПАС постојано изразува солидарност со Украина - за разлика од „Патриотскиот изборен блок“ (БЕП). Во актуелните анкети прорускиот изборен сојуз е на второ место. „Неутралноста е наш штит. Република Молдавија мора да биде мост меѓу Истокот и Западот, а не бојно поле“, пишува БЕП во својот изборен весник, поттикнувајќи страв од можна руска инвазија во случај на натамошно приближување кон ЕУ.
Тоа се стравови што се шират и на интернетот. Анастасија Нани работи за Центарот за независно новинарство, организација која внимателно ги следи социјалните медиуми во изминатите години и идентификува огромно руско влијание. Еден од најчестите наративи е дека „НАТО и Украина сакаат да нè вовлечат во војна и нашите мажи да мора да одат на фронт“, вели Нани. „Легитимитетот на изборите исто така веќе е ставен под прашање“, додава таа. Русија според неа сака да ја поткопа довербата на молдавското население во изборите и владеењето на правото.
Скапа храна и високи кирии
Војната во Украина не е единствената голема изборна тема. Како и во други делови од Европа, инфлацијата притиска и во Молдавија. „Вчера купив домати и леб за 70 молдавски леи (3,50 евра) - тоа едноставно нема никаква смисла“, вели Алина.
Кога Русија во 2022 година ја нападна Украина, инфлацијата во Молдавија експлодираше со речиси 29 проценти. Од тогаш малку е намалена, но во август годинава сепак беше уште далеку над просекот на ЕУ од 7,3 проценти. „Не трошам многу и внимавам на моите финансии“, вели Мишел. „Не одам на одмор и речиси и да не трошам пари за облека, само за работи што ми се апсолутно потребни: храна, домаќинство - тоа е тоа“, додава таа.
Зголемувањето на цените се чувствува во сите општествени класи, но особено ги погодува оние кои и пред војната во Украина немаа многу, како што се пензионерите. Речиси една третина од Молдавците живеат под прагот на сиромаштија, особено во руралните средини. Постарите жени стојат и питачат пред многу супермаркети во Кишињев. Стари мажи и жени продаваат овошје и зеленчук на пазарите.
Годинава цените на становите, како за продажба, така и за изнајмување, достигнаа рекордни нивоа. Кирија за еднособен стан во Кишињев често достигнува 500 евра месечно – во ситуација во која просечен месечен приход изнесува 800 евра. Цените на недвижностите годинава се зголемени како никогаш до сега. „Имам 26 години и би сакала да си купам стан во иднина“, вели Алина. „Но, како? Тие се екстремно прескапи во моментов. Тоа е едноставно лудо“, вели таа. Алина како и повеќето Молдавци се надева дека ќе има крај на спиралата со цените. Во недела ќе се покаже кому гласачите повеќе му веруваат дека може да го постигне тоа.