1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Републиканците најавуваат импичмент на Бајден

ЖА / агенции
13 септември 2023

Републиканците на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп најавуваат постапка за импичмент против претседателот Џо Бајден. Белата куќа реагираше – нема докази за погрешно постапување на Бајден

Џо Бајден и  Кевин Мекарти САД
Американскиот претседател Џо Бајден и републиканскиот претседател на Претставничкиот дом на САД, Кевин МекартиФотографија: Kevin Dietsch/Getty Images

Во САД, 14 месеци пред следните претседателски избори, постои закана од дополнително зацврстување на политичките фронтови преку постапки за импичмент. Републиканскиот претседател на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти во вторникот изјави дека им дал налог на надлежните комисии да покренат соодветна истрага против  претседателот Џо Бајден.  Но, тоа веројатно нема да резултира со импичмент. Дури и ако самиот Претставнички дом, кој е  под контрола на Републиканците, гласа за тоа, постапката ќе доживее неуспех во Сенатот, каде мнозинство имаат Демократите на Бајден.

Демократите на Бајден во иницијативата гледаат обид на Републиканците да се одвлече вниманието на јавноста од правните проблеми на екс-претседателот Трамп, кој е соочен со четири кривични пријави.

Мекарти е под притисок и од десното крило на неговата партија да преземе поостри мерки против Бајден. Бајден го победи Доналд Трамп на претседателските избори во 2020 година и се стреми кон негов реизбор следната година. Главен конкурент за функцијата би можел повторно да му биде Трамп.

Белата куќа: нема докази за погрешно постапување на Бајден

Портпаролот на Белата куќа за надзор и истраги Јан Самс ја нарече одлуката „екстремна политика на најниска точка“. По девет месеци истраги, Републиканците во Претставничкиот дом не можеа да докажат дека претседателот Бајден извршил незаконски дејствија, напиша Семс на X, поранешен Твитер.

Лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер минатата недела ја нарече истрагата апсурдна.

Републиканците со години го обвинуваат Џо Бајден дека во периодот додека беше потпретседател, од 2009 до 2017 година, профитирал од бизнис зделките  на неговиот син Хантер Бајден  во странство. Ова веќе беше тематизирано во изборната кампања во 2020 година, но докази за ваквите наводи не беа изнесени.

Конгресот, според Уставот на САД, има овластување да врши истрага и да обвинува назначени федерални службеници, а исто така и претседател за предавство, поткуп и „други тешки кривични дела и прекршоци“. Претседател може да бидат отстранет од функцијата доколку Претставничкиот дом со просто мнозинство се согласува со наводите за импичмент и доколку Сенатот со двотретинско мнозинство гласа за тоа.  Доналд Трамп два пати беше обвинет и двата пати беше ослободен во Сенатот, поради тоа што гласовите на  Републиканците спречија да се достигне потребното мнозинство.

Најавата за истрагата против Бајден сега доаѓа во време кога пратениците од двете партии мора да се договорат до крајот на септември за да се спречи таканаречениот „шатдаун" и да се обезбеди владата со свежи пари.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми