По заканите на Трамп: Канада не сака да стане дел од САД
8 јануари 2025Канадските власти јасно го отфрлија јавниот притисок на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за спојување на Соединетите Американски Држави и Канада .
Канадскиот премиер Џастин Трудо, кој ден претходно најави оставка од функцијата, ја отфрли сугестијата на Доналд Трамп дека може да употреби „економска сила“ за да ја направи Канада, 51-ва американска сојузна држава.
„Шансите Канада да стане дел од Соединетите Држави се еднакви на изгледите за снежна топка во пеколот. Работниците во двете наши земји имаат корист од тоа што меѓусебно се најголеми трговски и безбедносни партнери“, напиша тој во објавата на платформата X.
Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли, пак, напиша дека коментарите на Трамп „покажуваат целосен недостиг на разбирање за тоа што ја прави Канада силна земја“.
Доналд Трамп, претходно, на прес-конференција во Мар-а-Лаго, беше запрашан дали размислува да употреби воена сила за да ја припои Канада.
„Не, економска сила. Замислете ги САД и Канада заедно“, одговори тој.
Трамп, кој долго време се жалеше на трговскиот суфицит на Канада со САД, претходно им рече на новинарите дека границата меѓу двете земји е „вештачки исцртана линија“.
Тој се закани дека ќе воведе царини од 25 отсто за увозот од Канада, која испраќа 75 отсто од целиот извоз на стоки и услуги јужно од границата.
На неговата прес-конференција во Флорида, Трамп повторно зборуваше и за неговата идеја да ги стави Гренланд и Панамскиот канал под контрола на САД. Во овие два случаи тој не ја исклучи употребата на воена или на економска сила.