1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ретки метали: Кинеската супериорност и Западот

Шринивас Мазумдару
28 октомври 2025

Кина доминира во секоја фаза од синџирот на снабдување со ретки руди во последните две децении. Напорите на други земји да ја намалат зависноста од кинеските минерали досега бележат само мал напредок.

Камиони се товарат со ретки метали во пристаништето Лианјунганг во Кина
Ретките метали се основни состојки во сите видови високотехнолошки производиФотографија: Wang chun lyg/Imaginechina/picture alliance

Трговскиот конфликт меѓу САД и Кина не покажува знаци на олеснување, а двете страни се надеваат дека ќе можат да ја издржат економската болка подолго од другата. Заради спорот, групата метали познати како ретки руди повторно се најде во глобалниот фокус. Кина доминира во секоја фаза од синџирот на снабдување со фрлаа стрели, контролира речиси 70% од глобалното рударство и произведува дури 90% од преработените ретки метали во светот. Во извештај неделава објавен од Меѓународната агенција за енергија, се забележува дека таквата „висока концентрација на пазарот“ глобалните синџири на снабдување во стратешките сектори - како енергетика, автомобилска индустрија, одбрана и центрите за податоци со вештачка интелигенција – ги прави „ранливи на потенцијални нарушувања“. Пекинг месецов ја заостри контролата врз снабдувањето со ретки руди. Почнувајќи од 1 декември, странски компании ширум светот ќе треба да добијат одобрение од кинеската влада за извоз на производи што содржат макар и трага од ретки руди што потекнуваат од Кина, или се произведени со кинеска технологија. Потегот е реакција на проширувањето на списокот на кинески фирми на кои им е забранет пристап до најнапредните американски полуспроводнички чипови и други технологии. Одлуката на Кина предизвика загриженост за можни прекини во снабдувањето што би можеле да го нарушат производството на пример на електрични возила, одбранбена опрема и системи за обновлива енергија. Претставникот на САД за трговија, Џејмисон Грир, ги критикуваше новите мерки на Пекинг како „неверојатно агресивни“ и „диспропорционални “, додека шефот за трговија на ЕУ, Марош Шефчович, ги оцени како „неоправдани и штетни“. И САД и ЕУ се во преговори со Пекинг за да обезбедат соодветно снабдување на нивните фирми со ретки метали од Кина.

Зошто се толку важни ретките метали?

Тие станаа составен дел од современиот живот благодарение на уникатните физички, магнетни и хемиски својства. Тие се клучни за производство на магнети што ги задржуваат своите магнетни својства без прилив на надворешна енергија. Металите се есенцијални состојки во сите видови високотехнолошки производи како паметни телефони, лаптопи, хибридни автомобили, ветерни турбини и соларни ќелии.

Кина контролира речиси 70% од глобалното рударство и произведува дури 90% од преработените ретки метали во светотФотографија: AP Photo/AP Images/picture alliance

Покрај тоа се користат и за мотори на борбени авиони, системи за наведувачки ракети, противракетна одбрана, вселенски сателити и комуникациски системи. И покрај нивното име и што тоа имплицира, ретките руди не се особено ретки и се умерено застапени во земјината кора, некои дури и во многу поголеми количини од бакарот, оловото, златото и платината. Но, тие ретко се наоѓаат во високи концентрации за економски да се користат. Освен Кина, наоѓалишта на ретки руди има и во земји како Канада, Австралија, САД, Бразил, Индија, Јужна Африка и Русија. Ретките руди обично се поделени во две категории според процесот на сепарација - лесни и тешки. Кина речиси има монопол позиција, посебно за преработката на тешки руди. Според Бенчмарк Минерал Интелиџенс, фирма за истражување на цени и податоци со седиште во Велика Британија, кинеските фирми учествувале со дури 99% во глобалната преработка на тешки руди.

Проблем да се зголеми снабдувањето со ретки метали?

САД своевремено можеа самите да си ги покриваат потребите од ретки руди, но во текот на изминатите две децении, Кина се појави како доминантен играч во нивното производство. Владението на Кина со овие критични материјали беше очигледно дури и пред една деценија. Многумина одамна се сомневаа дека Пекинг би можел да го искористи тоа како адут за преговори во геополитички спор. Во 2010 година, Кина го прекина извозот на ретки руди во Јапонија поради територијален конфликт, со што загриженоста се засили. Во екот на трговскиот спор меѓу САД и Кина во 2019 година за време на претходниот мандат на Доналд Трамп како претседател на САД, кинеските медиуми сугерираа дека извозот на ретки руди во САД би можел да биде скратен како одговор на американските мерки. Кинескиот претседател Ши Џинпинг ретките метали во тоа време ги нарече „важен стратешки ресурс“. Но, напорите да се намали зависноста од Кина, до сега не постигнаа голем напредок.

САД се стремат да го зголемат производството на ретки метали

За да се спротивстави на доминацијата на Кина, администрацијата на Трамп се обидува да склучи договори со партнери за да обезбеди снабдување со ретки метали. Но, експерти велат дека вистинскиот предизвик за станување помалку зависен од кинеските ретки руди, е зголемување на капацитетот за рафинирање и преработка.

Трамп неодамна потпиша договор за ретки метали вреден 8,5 милијарди долари со австралискиот премиер Ентони АлбанезеФотографија: Yuri Gripas/UPI Photo/Newscom/picture alliance

„Првото нешто што САД треба да го сторат е приоритизирање на преработка и рафинирање“, наведува Карл Фридхоф, експерт во Советот за глобални прашања од Чикаго, во блог објавен на 16 октомври. „Без контрола над тој дел имаме сурови минерали, но сепак мора да ги праќаме во Кина за преработка“, вели Фридхоф нагласувајќи ја потребата од погони за преработка и рафинерии во други земји. Сепак, тоа би довело и до „цела низа проблеми, особено од еколошки аспект“, додава експертот.

Кои се предизвиците?

Доминацијата на Кина има висока еколошка и социјална цена. Рударењето вклучува опасности по животната средина и здравјето на луѓето, бидејќи сите ретки руди содржат радиоактивни елементи како ураниум и ториум, кои може да ги контаминираат воздухот, водата, почвата и подземните води. Предизвиците вклучуваат отворање погони за преработка кои се во согласност со строгите еколошки прописи во западните земји, што би можело да бара многу време и да се покаже како скапо.

Преработката на ретки руди исто така троши исклучително големи количини енергија и вода, што би можело да предизвика противење на јавноста во регионите каде што се планирани такви постројки. Процесот е и технички комплексен, а Кина води на технолошки план со децениското искуство, обучен персонал и индустриски екосистем тежок за копирање. Според извештајот објавен од американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии во јули годинава, Кина поседува „неспоредлива техничка експертиза во преработката на ретки руди, особено во екстракцијата со растворувачи“ - критичен и сложен чекор во сепарацијата на ретките метали. „Западните компании имаат проблеми со ограничени капацитети на работна сила, истражување и развој и еколошки прописи“, се вели во извештајот.

Рециклирање на батерии - модерен рудник за ретки метали?

01:17

This browser does not support the video element.

Понатаму се наведува дека дистанцирањето од кинеското снабдување со ретки руди ќе бара не само нови рудници надвор од Кина, туку и нови капацитети за рафинирање, квалификувана работна сила и економски стимулации за компаниите, вклучувајќи стабилност на цените и безбедни договори за купување со индустрии како автомобилската и одбранбената. Авторите на извештајот од САД бараат да развијат стратегија за обнова на техничката експертиза за ретки руди и да воспостават центри за преработка. Тоа би барало „повеќе од само обезбедување суровини по конкурентни цени“ за сето да биде исплатливо. „Тоа бара и сигурен пристап до нискобуџетна енергија, ефикасна транспортна инфраструктура, напредни технологии за преработка и квалификувана работна сила по прифатливи хонорари“, се вели во извештајот на ЦСИС. Дури и сите потребни мерки да се почитуваат, експертите сметаат дека Кина сепак ќе продолжи да доминира во секторот во блиска иднина. Но, „без брзо и координирано постапување, прозорецот за мерки контра утврдената доминација на Кина ќе продолжи да се стеснува, ставајќи ги критичните технологии, индустрии и безбедносни интереси во постојан ризик“, се заклучува во извештајот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми