1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ретко кој сака да стави рака в оган со конфискацијата

ДТЗ
13 август 2022

Конфискацијата е моќна алатка за борба против организираниот криминал, но таа сѐ уште не се применува доволно во Северна Македонија. Ќе се надминат ли правните слабости со новините во конфискацијата?

Deutschland Justiz Gerichtssaal OLG Karlsruhe
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Конфискацијата е моќна алатка за борба против организираниот криминал, но таа сѐ уште не се применува доволно во Северна Македонија. За разлика од Скопје, каде одвреме-навреме ќе се слушне за некој случај, судовите во внатрешноста на земјата речиси воопшто не посегнуваат по ова средство коешто им стои на располагање за одземање на незаконски стекнат имот. Новините во конфискацијата, коишто се базираат на искуства од Велика Британија, Италија, Холандија, Словенија и Хрватска би можеле да ги надминат досегашните законски слабости и да ја олеснат работата на Агенцијата за управување со одземен имот. 

„Корупцијата, организираниот криминал и перењето пари ги напаѓа јавните добра и не смее да остане неказнет(а), па мора да се одземе она што не им припаѓа на сторителите на ваквите криминални активности“, укажува Мирјана Лазарова Трајковска, судијка на Врховниот суд на Северна Македонија и национална координаторка на проектот на АИРЕ/РАИ за регионално поврзување на експерти од областа на конфискација и управување со имот произлезен од кривично дело.

Неколку случаи во Скопје

Изминатиот период неколку големи случаи на конфискација предизвикаа интерес во јавноста - во јуни годинава судот го заплени партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, т.н. „Бела палата“, како и 30 партиски имоти, со што се заокружи судскиот процес кој го отвори СЈО - „Талир 2“. Претходно беше конфискуван спорен имот во случајот „Плацови на Водно“, кој достигна сума од три милиони евра. 

По изрекувањето на пресудата за случајот „Плацови на Водно“ (21.04), обвинителката Лиле Стефанова рече дека од особена важност што Основниот кривичен суд во Скопје изрече конфискација на имотот. „За мене од особена важност е изречената конфискација, а сметам дека тоа е од важност за целото општество бидејќи од износите кои ги слушавте, а ги читаше судот, имотите беа евидентирани со пониски износи, но во моментов трите стана во ’Панорама резиденс‘, два стана на Бихаќка, градежното неизградено земјиште на Водно со површина од 2 700 метри квадрати, имотот во Крушево, и земјиштето кое беше конфискувано, во моментов вредат околу три милиони евра“, рече Стефанова. 

Последниот случај е од пред еден месец, кога на почетокот на јули Обвинителството за организиран криминал информираше дека поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, се согласил на три години затворска казна и конфискација на имот во вредност од околу 36 милиони евра, откако ја признал вината за случајот „Империја“. Сѐ уште се чека епилог на случајот со конфискацијата на „Трансмет“која наиде на бројни правни пречки.

Имотот во случајот „Плацови на Водно“ сега има пазарна вредност од три милиони евра, рече обвинителката Лиле Стефанова, задоволна од конфискацијата на имототФотографија: DW/P. Stojanovski

Исклочоци, а не пракса

Но, и покрај укажувањата на експертите дека конфискацијата на имот претставува една од најважните и најрелевантни алатки за сузбивање на економскиот криминал, македонските судови слабо посегнуваат по конфискацијата како мерка, која уште од 2004 година е прифатена и вградена во Кривичниот законик. Позначаен чеко преземен во однос на унапредување на постапката за привремено замрзнување на имотот и трајната конфискација е постигнат во 2008 година со Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Со овој закон се основа Агенцијата за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. 

„И покрај законските реформи, првата изречена мерка за конфискација на имот е во 2008 година, или четири години подоцна од воведувањето на оваа мерка во домашното право. Во оваа насока, практичната примена на конфискацијата останува да биде релативно ниска, особено во случаите поврзани со висока корупција. Ваквата состојба со неискористеноста на конфискацијата е препознаена од меѓународната заедница, меѓутоа и од домашната стручна и општа јавност, па дури и од самите органи на државната власт, кои се согласуваат дека во земјата постои многу повеќе простор за употреба на конфискацијата на нелегално стекнатата имотна корист“, укажуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“ во анализата за примената на конфискацијата во кривичните постапки во 2021 година.

Каде е конфискуван имот?

Во неа се посочува дека Кривичниот суд во Скопје има изречено 45 правосилни пресуди за конфискација на имот, што не е случај и со судовите во внатрешноста на земјата. 

Според ланскиот извештај на републичкото Јавното обвинителство, на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола биле донесени 60 одлуки со кои се одземени предмети кои биле употребени за извршување на кривично дело или настанале од извршување на кривично дело, но не се донесени пресуди со кои е конфискуван имот. Слична е ситуацијата и на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар.

За разлика од нив, во Вишото јавно обвинителство Штип е изречена конфискација вкупно против 43 лица, и тоа во Беровско за четири лица поради кражба на дрва во вкупна противвредност од 38.706 денари, во Струмичко за 39 лица за бесправно  градење, даночно затајување и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Притоа се конфискувани повеќе бесправно изградени објекти и паричен износ од 33.058.787 денари и дрвна маса во противвредност од 26.600 денари. 

Праксата често покажува дека лица осомничени за организиран криминал и корупција, уште пред да почне постапка против нив, го префрлале имотот на членови на семејството или пријатели. Но, на патот до конфискација се наметнуваат и многу други проблеми, чие што надминување се очекува со новите законски одредби коишто го подготви Министерството за правда. 

Судиите мора правилно да го конфискуваат имотот, имајки го пред себе јавниот интерес, мора да внимаваат никако да не го повредат приватниот интересФотографија: DW/P. Stojanovski

Јавен интерес

Работејќи на предмети во кои се појавува имот произлезен од кривични дела, судијката Лазарова-Трајковска вели дека препознава колку е важно постојано да се подобрува македонската судска практика. „Мерката конфискација на имот може да биде од голема корист, не само за заштита на економијата од корупција, туку правилната примена на конфискација на имот во постапки каде што постои организиран криминал служи за заштита на јавното добро. Јас верувам дека добар закон, добро применет во пракса, може да донесе јакнење на владеењето на правото“, укажува судијката.

Конфискацијата е едно од најефикасните средства за борба против организираниот криминал, но е од особено чувствителен карактер. Укажувањата се дека судиите мора да го применуваат законот и да бидат свесни дека станува збор за право на имот, што значи дека мора да ги утврдат сите факти до последниот детаљ за правилно да го конфискуваат имотот, имајќи го пред себе јавниот интерес  и мора да внимаваат никако да не го повредат приватниот интерес.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми