1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавното претпријатие во долгови до гуша

ДТЗ
4 јули 2024

Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие за одржување и заштита на патишта, коешто веќе 12 години работи со блокирана сметка

автопат Мајка Тереза
Јавното претпријатие во долгови до гуша - во опасност одржувањето на патиштатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, коешто веќе 12 години работи со блокирана сметка. Според податоците од 2022 година, сметката сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари - за 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари). Ова го покажува конечниот ревизорски извештај на „Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ што го објави Државниот завод за ревизија.

Камата врз камата

Во извештајот се констатира дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите. Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари. Исто така тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија кои во 2018 година изнесуваат околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ е над 467 милиони денари.

„Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки“, посочуваат ревизорите.

Ревизорите открија недомаќинско работење и блокирани сметки кои го доведуваат во опасност одржувањето на патиштатаФотографија: Regierung von Mazedonien

Недомаќинско работење

Исто така е констатирано дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурало градежните објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32.4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.

Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, дваесет дена по приемот и само 150 изминати километри, било опожарено без да биде каско осигурено, а пак фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот.

Ризици за безбедноста

Исто така, ревизорите утврдиле дека полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени. Со исклучок во две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во т.н. надземни пластични и метални контејнери. При користење на горивото вработените го преточуваат во туби и канти. „Од извршениот теренски увид ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати“, се вели во ревизорскиот извештај.

Од извршениот теренски увид во Секциите Струга и Охрид ревизијата утврдила дека не се обезбедени соодветни услови за чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата, со што таа поради подложност на надворешни влијанија губи од своите физички својства, квалитет и се предизвикува отежнато користење. Условите во кои се чуваат горивото и солта за зимско одржување не се во согласност со процедурата за евиденција на материјали, со која е предвидено „примениот материјал да биде уредно складиран на соодветно безбедно место, заштитен од надворешни влијанија доколку е од специфичен вид, како и од евентуална злоупотреба‘‘. 

„Со извршениот увид во документацијата и теренската посета на подружниците, секциите и зимските пунктови утврдено е дека во ЈП не е издвоена расходуваната опрема, од која 90 проценти се возила и градежни машини користени за резервни делови без согласност од Владата. Опремата е уништена како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не е уредена со интерен акт, што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба“, се додава во извештајот.

ДЗР утврдил дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба. Овие трошоци биле најголеми во 2018 година (над 17 милиони денари), додека во 2021 година имаат тренд на намалување (над осум милни денари). Од 2022 година трошоците почнуваат пак да растат и во 2023 година нивниот износ е над 16 милиони денари.

Во исто време трошоците за плати растат и покрај намалувањето на вработените. Во 2022 година, трошоците за бруто плати изнесувале околу 390 милиони денари, што е зголемување од приближно 34 милиони денари во споредба со 2021 година (356 милиони денари), иако бројот на вработени се намалил од 840 на 796. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми