1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ревизија: Јавниот сектор за едни мајка - за други маќеа

ДТЗ
17 јуни 2024

Кај државните советници разликата се движи од 69 илјади до 108 илјади денари, односно кај министерствата платата на државните советници е за 37% помала во однос на највисоката плата за исто ниво во другите институции.

администрација
За исто работно место различна плата во јавниот секторФотографија: picture-alliance/ZB

Ревизијата на јавниот сектор покажа огромни разлики во платата меѓу вработени во различни институции, но на исто работно место. Платите во министерствата се на најниско ниво во однос на другите институции. На работното место државен советник - разликата се движи од 69 илјади денари до 108 илјади денари, односно кај министерствата платата на државните советници е за 37% помала во однос на највисоката плата за исто ниво во другите институции. Слично е и на позицијата раководител на сектор - разликата се движи од 67 илјади денари до 125 илјади денари, односно кај министерствата платата на раководителите на сектор е за 46% помала во однос на највисоката плата за исто ниво во другите институции.

Ризици од вработувања на неопределено време

Ревизијата на платите и додатоците на плати на административните службеници во Северна Македонија за периодот од 2021 до 2023 година, покажува дека планирањето на нови вработувања е фокусирано на неопределено време, а не и за вработувања на определено време и привремените вработувања преку агенции за привремени вработувања. Во периодот од 2021 до септември 2023 година, во овие институции се вработени вкупно 3,384 лица, од кои 1.012 на неопределено време, 468 на определено време, 1.424 привремено и 480 преземени од други органи.

„Ваквите состојби создаваат ризик од ненавремена и нецелосна реализација на целите и надлежностите на институциите во државата, поради што ревизијата е на мислење дека постои потреба од преиспитување на законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување“, укажуваат ревизорите.

Кај државните советници разликата се движи од 69 илјади до 108 илјади денариФотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

Големи разлики во платите

Тие утврдиле дека основна бруто плата на административните службеници во септември 2023 година се движи од 32.892 денари за помошно-стручен административен службеник од четврто ниво до 85.761 денари бруто месечна плата за секретар од прво ниво. Бруто платата во периодот јануари 2021/септември 2023 е значително зголемена кај пониските нивоа на работни места и тоа од 24% до 55%, додека зголемувањето на повисоките нивоа на работни места се движи од 16% до 22%.

Место да се крати - администрацијата се полни

Иако постојано се најавува кратење на администрацијата,анализата покажува дека во период од 2021 до септември 2023 година, вкупниот број на нови вработувања е поголем од вкупниот број на лица кои ги напуштиле институциите.

Заклучно со 31 декември 2022 година, во регистарот се води евиденција за 1.354 институции на јавниот сектор, со вкупно 129.374 вработени. 

Во 2021 година вработени се вкупно 1.366 лица, што е за 43% повеќе од бројот на лица кои ги напуштиле институциите, додека пак во 2022 година вработени се 1.226 лица, што е за 21% повеќе од лицата кои заминале. До септември 2023 година бројот на ново вработени лица е 792 или 26% повеќе од бројот на испразнети работни места. Ревизијата утврдила дека најголемо намалување на бројот на вработените има во 2022 година по основ на пензионирање на вработените, додека најмало намалување има во 2021 година по основ на преземање на вработените од друг орган. 

Исто така, констатирано е дека иако законската рамка дозволува исплата на додатоци за прекувремена работа и прилагодување кон пазарот на труд, додатокот за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, додека додатокот за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција. Ова уште повеќе создава разлики во висината на платите меѓу административните службеници и упатува на потреба за хармонизација на исплатата на додатоците, како што е предвидено во законската регулатива.

Со ревизијата се опфатени 14 министерства и 22 институции. Владата најави реорганизација на јавните институции и засилување на нивниот капацитет заради воспоставување на унифициран и кохерентен систем на плати во јавниот сектор, преку изработка на стратегии за реформа на јавната администрација и нови законски предлози, но од страна на Собранието уште не се донесени.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми