1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ревизија: Каде завршиле пет милиони евра за културни проекти

ДТЗ
15 октомври 2024

Над 600 илјади книги, отпечатени изминатиот период, како дел од 17 капитални проекти, се чуваат во несоодветни услови. Кај ниту една институција или библиотека не постои интерес ниту простор за да се складираат

Македонија Книги
Ревизија: Каде завршиле пет милиони евра за културни проектиФотографија: DW/Petr Stojanovski

Министерството за култура во 2023 година исплатило вкупно 318 милиони денари (5.154.000 евра) за различни културни проекти, без јасно дефинирани критериуми за распределба, што може да има влијание на субјективен избор на проектите. Ова се наведува во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија кој изврши проверка на работењето на Министерството за култура.

Ревизорите утврдиле неправилности кои резултираат со издадено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. 

Како се делеле пари за културни проекти? 

Со ревизијата констатирани се недостатоци во  распределбата на средствата за културни проекти, која се врши преку Годишен конкурс согласно Законот за култура. Ревизорите констатирале дека не постојат јасни квалификации за членови на комисиите, приоритетите во конкурсите често се општи и не се темелат на долгорочни политики, а критериумите за оценка на проектите не се строго дефинирани, што создава простор за субјективизам, некомпетентно именување на членови и неправилно категоризирање на проектите. „Овие недостатоци доведуваат до недоволно квалитетна распределба на средства, а комисиите бодуваат проекти без конкретни насоки и без мерила за негативно бодување на неуспешни автори“, велат ревизорите. 

Во 2023 година, Министерството за култура исплатило вкупно 318.152.000 денари за одобрени проекти на други корисници, што ја нагласува итната потреба за јасни правила и критериуми во распределбата на средствата. И покрај приоритетот за реформи во оваа област, предлогот за нов закон, кој би можел да го подобри системот, сè уште не е усвоен

Над 600 илјади книги, отпечатени изминатиот период, како дел од 17 капитални проекти, се чуваат во несоодветни условиФотографија: DW

Нетранспарентни постапки 

Во рамките на Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2023 година, Министерството за култура поддржало 74 од 185 апликации за интердисциплинарни проекти, што претставува 40% од предлозите, со вкупна исплата од 22.185.000 денари.

„И покрај тоа што интердисциплинарната дејност не е формално дефинирана во Законот за култура, Министерството продолжува да финансира проекти надвор од утврдените категории, што не е во согласност со Законот за културата. Поради финансиски договори кои дозволуваат финансирање на повеќе од два проекти од едно правно лице, како и недостигот на целосна документација и евалуација за измените на договорите, се загрозува транспарентноста и правичноста во распределбата на средствата. Овие недостатоци отвораат простор за неправилности и фаворизирање на одредени проекти во интердисциплинарните активности“, се наведува во забелешките на ревизорите.

Утврдени се слабости и во распределбата на средствата за проекти од национален интерес, особено во меѓународната културна соработка, кои укажуваат на недостаток на транспарентност. Дел од исплатените средства за проекти не се доделени преку редовни конкурси, а некои правни лица добиле поддршка над лимитот од четири проекти, што го нарушува почитувањето на утврдените услови.

Осум проекти добиле вкупно 5.407.000 денари без објективни причини за недоставување на апликации.

„Иако Министерството има усвоено Упатство за финансирање, тоа не нуди доволно прецизни насоки, што создава неповолна ситуација за другите учесници во конкурсите.Потребно е преземање на активности за утврдување на јасни критериуми за финансирање кои ќе обезбедат правичен третман на сите апликанти“, укажуваат ревизорите.  

Пропаѓаат 686.318 книги по подрумите 

Во однос на евидентираниот книжен фонд на Министерството, со извршената ревизија утврдено е дека потекнува од 17 капитални проекти за печатење книги реализирани помеѓу 2009 и 2019 година, во вкупен износ од 408.123.000 денари и вклучува 686.318 примероци. Поради непостоење на план за дистрибуција на отпечатените и не дистрибуираните книги, се создава значителен проблем со сместувањето на оваа голема количина, дополнително усложнет од недостигот на интерес од државните институции за преземање на книгите поради исполнетост на нивните капацитети.

Исто така, не е извршен попис за утврдување на фактичката состојба, како во однос на бројот на книги, така и за условите во кои тие се чуваат, што може да доведе до оштетување на истите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми