1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пошта тоне во долгови- на директорите им растат платите

ДТЗ
14 ноември 2024

АД „Пошта“ тоне во загуби и долгови, но и покрај тоа директорите лани си ги зголемиле платите. Од друга страна, само 59,7% од пратките биле доставени навремено, што е спротивно на стандардите.

Пошта
Поштарот ретко ѕвони на врата во МакедонијаФотографија: Goldmann/picture alliance

АД „Пошта“ тоне во загуби и долгови, но и покрај тоа директорите лани си ги зголемиле платите. Од друга страна расте незадоволството и кај граѓаните и кај фирмите поради ненавременото доставување на пратки. Само 59,7% од пратките биле доставени навремено, додека 30,5% биле доставени во период подолг од три дена, што е отстапување од стандардите на Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки. Ова се наведува во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој укажува дека континуираните загуби негативно се одразуваат на работата на „Пошта“ и се доведува во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај. 

Заеми, кредити, камати 

Според ревизорскиот извештај, „Пошта“ се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од над 229 милиони денари или над 3,7 милиони евра е забележана во 2022 година.

„Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушуваа ликвидноста. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат над 219 милиони денари, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО-АД за пренос на електрична енергија во износ од 100 милиони денари и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од над 119 милиони денари. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или 109.000 евра“, се наведува во ревизијата. 

Во текот на 2023 година бил вратен краткорочен кредит во износ од 40 милиони денари кој бил одобрен во 2022 година, а одобрен е друг кредит од деловна банка на износ од 32 милиони денари кој доспева за враќање на крајот на 2024 година. Сите земени кредити се со висока каматна стапка која се движи во интервал од 4,8% до 6,25%. 

Анкета: 43% од физичките и 72% од правните лица не се задоволни од поштенските услуги поради нередовна и несоодветна достава. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Незадоволство од услугата 

Во 2023 година, Агенцијата за пошти спровела истражување за задоволството на корисниците на поштенските услуги, со цел да се процени брзината и квалитетот на доставата, коешто покажа дека 43% од физичките и 72% од правните лица не се задоволни од поштенските услуги поради нередовна и несоодветна достава. 

Со Годишниот план за јавни набавки во 2023 година друштвото планирано да набави машина за сортирање на поштенски пратки со проценета вредност од 30 милиони денари со која би се овозможило побрзо и флексибилно сортирање на поштата, подобрувајќи го целокупниот процес на услугата од почеток до крај, но истата не е спроведена. 

Утврдени се и сериозни неправилности во работењето на АД Пошта на Северна Македонија. Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и две одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони  денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење. Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД Пошта и Македонски Телеком, започнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва. 

Утврдени се неправилности и во делот на јавните набавки, како и чести измени на актот на систематизација, особено во однос на бројот на извршители, работното искуство, степенот на образование и видот на стручна подготовка. Утврдени се и неправилности во пополнување на работните места и евиденцијата на работното време, како и во пресметката на додатоци, надоместоци и награди за дел од вработените.  

Ревизорите укажуваат на потребата од поголема меѓуинституционална соработка за обнова на руинираните делови од зградата во која се наоѓа Дирекцијата на АД Пошта. Фотографија: Transportministerium Nordmazedonien

„Пошта“ тоне - за директорите поголеми плати 

Во извештајот од ДЗР се подвлекува дека во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва. Според законот, во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат. 

Ревизорите укажуваат на потребата од поголема меѓуинституционална соработка за обнова на руинираните делови од зградата во која се наоѓа Дирекцијата на АД Пошта.  Во 2013 година, зградата беше опожарена, при што „Шалтер салата“ и други делови беа сериозно оштетени. Дел од просториите се обновени и прилагодени за работа, но околу 40% од објектот сѐ уште не е реставрирано и останува со различен степен на оштетеност. „Шалтер салата“ и дел од зградата, која има големо културно и национално значење, се напуштени и неупотребливи. Во 2021 година, зградата беше ставена на листата на седум најзагрозени споменици во Европа. Иако имало неколку иницијативи за реставрација, тие не биле реализирани. 

Пошта - руина средe центарот на Скопје

03:36

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми