1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цистична фиброза: Од 140 болни, лекови само за 15 пациенти

ДТЗ
13 февруари 2024

Ограничен буџет и бројот на пациенти на кои им се дава терапијата, доведува до ризик од субјективизам при изборот кој да биде вклучен во терапијата, укажуваат ревизорите.

DW Fit und gesund
Фотографија: MDR

Универзитетската клиника за детски болести обезбедила средства од околу 2,9 милиони евра, коишто се доволни за набавка на терапија за само 15 пациенти со цистична фиброза од вкупно 140 регистрирани пациенти. Ова го покажува извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на финансиското работење на установата за 2022 година.

Со извршената ревизија констатирани се состојби и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година.

Клиниката за детски болести воедно е и центар за лечење на пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, а дел од нив  се лекуваат со лекови кои не се на позитивната листа на лекови за кои се обезбедува условен надоместок од Фондот или пак се набавуваат преку програмата залечење на ретки болести од Министерство за здравство. 

Нови лекови нема на позитивната листа 

Ревизорите утврдиле дека подобрувањето на третманот и начинот на лекување на пациентите започнува од 2008 година кога во позитивната листа на лекови се воведени три инхалациони лекови, кои до пациентите се доставуваат преку инсулинските аптеки. Но, во периодот кој следува на пазарот се достапни нови генерации на лекови за третман на цистична фиброза кои до денот на ревизијата не се воведени во позитивната листа на лекови. 

Ризици 

Во извештајот се наведува дека состојбата со ограничен буџет и ограничен број на пациенти на кои им се дава терапијата, доведува до постоење на ризик од субјективизам при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапија.  Поради тоа,  со ревизијата е нагласено дека е потребно Клиниката во соработка со Фондот и Министерството да преземат активности за обезбедување на средства за терапија за сите пациенти за кои постојат докази дека ги исполнуваат медицинските критериуми, потврдено од лекарски конзилиум и стручен колегиум. 

Ист лек - различна цена 

Како дел од здравствените услуги кои ги нуди Клиниката е и обезбедување хормон за раст, за што во текот на 2022 година се реализирани расходи во износ од 67 милиони денари. Со извршен увид во техничките спецификации утврдено е дека предметот на набавката е поделен во пет делови за набавка на хормон за раст со исто генеричко име и ист АТЦ-код, односно во секој дел се набавува истиот лек, а разликата меѓу деловите се однесува само во различна доза на лекот кој се продава. 

За секој дел поднесена е една понуда, која е избрана за најповолна, поради што набавен е хормон за раст со исто генеричко име, но од 4 различни производители/трговски марки чии единечни вредности се разликуваат, од кои едни се поскапи бидејќи се оригинатори, а поевтините лекови се био-слични, чија цена во однос на оригинаторите е пониска за 58%.

Согласно даденото образложение од страна на одговорните лица на Клиниката и медицинскиот персонал, дека хормонската терапија има ист медицински ефект без разлика на производителот на хормон кој се аплицира, и не е медицински препорачливо да се менува производителот на лекот во текот на лекувањето, ревизијата смета дека Клиниката во соработка со Министерството треба да го евалуира начинот на кој се приклучуваат пациентите на терапија и на кој се изготвуваат техничките спецификации, со цел да се обезбеди постигнување на пониски цени во постапката за јавна набавка.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми