1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резолуцијата за Сребреница како цивилизациски чин

Самир Хусеиновиќ
16 април 2024

Расправите околу Резолуцијата за геноцидот во Сребреница потврдуваат дека Западен Балкан уште не се соочил со минатото. Одлуката за резолуцијата во ОН се очекува на 2 мај, а дебатата почнува во среда, 17 април.

Сребреница геноцид
Во геноцидот во Сребреница во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 БошњациФотографија: Armin Durgut/AP/picture alliance

Со нацрт-резолуцијата за геноцидот во Сребреница, меѓу другото, се предвидува 11 јули секоја година да се одбележува како „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година“. Генералното собрание на Обединетите нации треба да расправа за тоа на 2 мај, додека расправата за Нацрт-резолуцијата е најавена за среда, 17 април на затворен состанок во ОН.

Со Резолуцијата исто така се осудува и негирањето на геноцидот, како и  глорификацијата на воените злосторници,  додека земјите-членки на ОН се охрабруваат да ги зачуваат судски утврдените факти преку образовните системи, со цел да се спречи ревизионизам и повторувањето на геноцидот.

Се нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите  жртви на геноцидот  и се повикува на продолжување на кривичното гонење на сторителите на геноцидот во Сребреница.

Од земјите-членки на ОН се бара да ги почитуваат своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид.

Што би значела резолуцијата за преживеаните жртви?

Многу српски функционери бурно реагираат, стравувајќи дека Резолуцијата ќе биде искористена за укинување на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС).

Реакциите од Србија и од РС не можат да се оправдаат со ништо, вели Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот. „Усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница е само цивилизациски чин кој ќе покажува почит кон жртвите секој 11 јули во повеќе од 190 земји-членки на ОН“, изјави Тахировиќ за ДВ.

Помен за жртвите од Сребреница, БиХФотографија: Marinko Sekulić/DW

Тој напоменува дека иницијативата за донесување на резолуцијата е долг процес и резултат на ангажманот пред сѐ на мајките од Сребреница и на претседателката на Здружението „Мајките на енклавата Сребреница и Жепа“, Мунира Субашиќ, но и на претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ и амбасадорот на БиХ во ОН, Златко Лагумџија, како и државите спонзори на резолуцијата.

„Резолуцијата нема да донесе ништо за она за што зборуваат Александар Вучиќ и Милорад Додик, обидувајќи се да ги исплашат своите граѓани и другите во регионот, но ќе даде можност да се отворат процеси на помирување и катарза“, смета Тахировиќ.

Германска иницијатива

Иницијатори на Резолуцијата, според медиумите во Босна и Херцеговина, се Германија и Руанда, а во изработката на Резолуцијата учествувале повеќе земји членки на Обединетите нации.

Германскиот политиколог Бодо Вебер потврдува дека иницијативата за Резолуцијата е резултат на долгорочно лобирање на здруженијата од Сребреница, но додава дека самата Резолуција „не е интегрирана во германската политика кон БиХ“. Тој потсетува дека станува збор за обновен обид за усвојување на Резолуцијата, откако таа првпат беше блокирана од сојузниците на Србија во Советот за безбедност на ОН во 2015 година.

Младите треба да разговараат за Сребреница

02:37

This browser does not support the video element.

„Мотивот и содржината на резолуцијата немаат никаква врска со хистеричните обвинувања и теории на заговор што можат да се чујат од Бања Лука и Белград“, тврди Вебер за ДВ.

Тој оценува дека Милорад Додик и Александар Вучиќ се „нервозни“ - Додик поради наметнувањето на измените на Изборниот закон од страна на Кристијан Шмит, а Вучиќ поради „изборната измама“ во декември минатата година, како што вели.

„Тие се во состојба на висока политичка нервоза, а кај Додик може да се забележи значителен степен на несигурност. Претседателот на РС едноставно не знае што да прави, а тоа е рецепт за можна, непланирана ескалација на ситуацијата во Босна и Херцеговина“, оценува Вебер.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во меѓувреме, најави усвојување на Извештајот на владината комисија на РС за настаните во Сребреница во 1995 година во Собранието на РС, но повика и на протести во Бања Лука.

Германскиот политиколог Вебер вели дека не е убеден дека Резолуцијата ќе го промени односот на српската политика во БиХ и Србија кон геноцидот во Сребреница и военото минато. „Ова може да се очекува само по конечното решавање на отворените прашања на Западен Балкан – преку меѓусебно признавање на Косово и Србија и замена на постоечкиот Дејтонски уставен поредок со нов, кој би го укинал монополот на доминантните националните елити“, вели соговорникот за ДВ и забележува дека тоа подразбира и поинаков пристап на Европската Унија и САД.

Употреба на Резолуцијата за дневно политички цели

Директорот на белградскиот форум за меѓуетнички односи, Душан Јањиќ, за ДВ вели дека Резолуцијата служи за стабилизирање на ситуацијата во регионот и дека е израз на искрен однос кон  жртвите на геноцидот во Сребреница.

Јањиќ критиките што деновиве српските лидери ги упатуваат кон Германија, како една од земјите кои ја иницираа резолуцијата, ги толкува вака: „Оние кои денес владеат со Србија беа против тогашното германско раководство за време на војната во Босна и Херцеговина. Тие припаѓале или биле блиски до оние политички кругови кои имаат и лична и политичка одговорност за геноцидот во Сребреница“.

Во Србија нема таква политика и катарза која што доведе до извинување на Вили Брант во Германија, вели Јањиќ. Напротив, како што додава, властите во Србија, но и во РС, се обидуваат да спречат каква било можност повторно да бидат поврзани со геноцидот во Сребреница и затоа Резолуцијата не им одговара.

Јањиќ вели и дека приказната за Резолуцијата се злоупотребува за дневнополитички цели. „Со таа пропагандна и политичка цел –спротивставување на Резолуцијата и на приемот на Косово во Советот на Европа – Вучиќ се обидува да ја придобие десницата, бидејќи во т.н. граѓанскиот блок тој никогаш не беше популарен".

Директорот на белградскиот форум за меѓуетнички односи потсетува дека актуелниот претседател на Србија за време на војната бил член на радикалите на Шешељ, додека министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, тогаш бил член на социјалистите на Милошевиќ. Воислав Шешељ пред Хашкиот трибунал беше осуден за злосторства против човештвото, додека хашкиот обвинет Слободан Милошевиќ почина пред да биде изречена пресудата.

„И Вучиќ и Дачиќ сега се борат да го спречат донесувањето на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница и да напишат нова историја за сè, вклучително и за Сребреница“, вели Јањиќ.

Не треба да се потценува моќта на етнонационалистите

Соговорникот на ДВ смета дека Резолуцијата за Сребреница не може да се искористи за отворање ново кризно жариште на Балканот, но може да биде предмет на различни толкувања во кои РС е означена како „геноцидна творба“. Според мислењето на Јањиќ, „тоа одговара на Вучиќ и Додик, кои сега се претставуваат како клучни заштитници на српството и РС“.

Јањиќ потсетува и дека пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг беше утврдено дека Србија не е директно одговорна за геноцидот во Сребреница, туку дека е одговорна што не го спречила. Според тоа, тој смета дека разговорите за колективната одговорност на Србите  се злоупотребуваат од етнонационалистите.

Александар Вучиќ во 2015 година со камења беше избркан од Поточари во БиХ Фотографија: Reuters/A. Bronic

„И не треба да се потценува нивната моќ да предизвикуваат вооружени конфликти, на пример во ‘одбраната' на Додик и РС, каде што ќе се користат или специјални полициски единици обучени во Русија или паравоени единици како што се оние што дејствуваа во Бањска во Косово“, вели Јањиќ.

Може ли Резолуцијата да ја укине РС?

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјавува дека по усвојувањето на Резолуцијата ќе има барање за укинување на Република Српска „врз основа на ставот дека не може да постојат политички креации засновани на геноцид“, но професорот по уставно право од Источно Сараево, Горан Марковиќ, објаснува дека РС не може да биде укината со Резолуцијата за Сребреница.

„Тоа не е можно. Дејтон потврди дека Босна и Херцеговина се состои од два ентитета и не се можни промени во нејзината структура без промена на целиот Дејтонски мировен договор. Таквата резолуција не би имала правно значење“, изјави Марковиќ за ДВ.

Резолуција базирана на пресудите на Хашкиот трибунал

Основата за Резолуцијата е содржана во пресудите на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија (Хашкиот трибунал), како и на Судот на Босна и Херцеговина. Пресудите утврдија дека  геноцидот врз Бошњаците во и околу Сребреница  во јули 1995 година го извршиле припадници на Армијата на РС и Министерството за внатрешни работи на РС, како и паравоени формации, вклучително и „Скорпиони“ од Србија.

Меѓу другите, претседателот на РС, Радован Караџиќ и  командантот на Армијата на РС Ратко Младиќ  беа осудени за геноцид.

За воени злосторства во Босна и Херцеговина, вклучително и егзекуција на заробени момчиња и млади мажи од Сребреница во Трново во 1995 година, беа осудени и функционерите на Службата за државна безбедност на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ,.

Во геноцидот во Сребреница, во јули 1995 година, беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми