1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Риши Сунак ќе биде новиот британски премиер

БГ /РТР
24 октомври 2022

Риши Сунак ќе биде нов премиер на Велика Британија откако беше избран да раководи со Конзервативната партија во земјата. Наследува функција во време на тешка економска криза и растечка сиромаштија.

Риши Сунак
Риши СунакФотографија: Jacob King/empics/picture alliance

Еден од најбогатите британски политичари, Риши Сунак ќе биде и првиот лидер на земјата со темна боја на кожата, но и трет премиер за помалку од два месеци. Ја заменува Лиз Трас, која се одржа само 44 дена на функцијата пред да поднесе оставка. Сунак ќе треба да ја врати стабилноста во земјата која е потресена од повеќегодишни политички и економски превирања, и да предводи партија која е длабоко поделена по идеолошки линии. 
„Обединување или смрт“, им порачал тој на пратениците во парламентот кусо по изборот, според еден од присутните на седницата. Сунак им порачал на сопартијците дека нивната партија е соочена со „егзистенцијална криза“ и дека ќе мора повеќе да се фокусираат на политиките, а не на личностите. 

Британија се соочува со една од најтешките економски кризи во последните децении.

Од мултимилионерот и поранешен шеф на хеџ-фонд се очекува да наметне длабоки кратења на трошоците за да ја обнови фискалната репутација на Британија, во период кога земјата се лизга кон рецесија предизвикана од растечки цени на енергенсите и храната. 

Риши Сунак, кој најверојатно ќе биде именуван на функцијата од кралот Чарлс во вторник, им порачал на конзервативните пратеници дека прв приоритет ќе бидат економските предизвици откако политичките превирања ги зголемија каматите и хипотекарните кредити. 

Сунак ќе мора да ги исправа грешките на претходничката Лиз ТрасФотографија: Toby Melville/REUTERS

Тој ќе мора да се ангажира и во обединување на најголемата партија во земјата откако некои сопартијци пред неколку месеци го обвинија за предавство затоа што поднесе оставка од владата на поранешниот премиер Борис Џонсон, што пак предизвика бунт во партијата. 

Други пак го обвинуваат дека е премногу богат за да ги сфати секојдневните економски предизвици со кои се соочува земјата, и се сомневаат дека тој може да и донесе изборна победа на партијата која е на власт веќе 12 години. 

Постојана криза 

Британија е во перманентна криза откако мнозинството на референдум гласаше за напуштање на ЕУ во 2016 година, отворајќи судир за иднината на земјата кој трае до денес. 

Џонсон, кој беше лицето на Брегзит, ја предводеше партијата до убедлива победа во 2019, но мораше да ја напушти функцијата само три години подоцна поради серија скандали. Неговата наследничка Лиз Трас издржа само нешто повеќе од 6 недели пред да поднесе оставка поради економската политика која ја урниса економската веродостојност на земјата. 

Историчарот и политички биограф Ентони Селдон за Ројтерс изјави дека Сунак го добива најтешкото политичко и економско наследство во споредба со било кој британски лидер од Втората светска војна досега, и дека ќе биде ограничен поради грешките кои ги направи неговата претходничка Трас. 

Риши Сунак со сопругата Акшата Мурти која е ќерка на еден од најбогатите ИндијциФотографија: Ian West/empics/picture alliance

„Тој нема да има можност да се правда дека ова се тешки времиња затоа што Трас целосно ја уништи таа опција. Тој нема простор да биде било што друго освен многу конзервативен и претпазлив“, вели Селдон. 

Потекло

Именувањето на Сунак е историско за земјата затоа што тој ќе биде првиот премиер со индиско потекло. Неговото семејство мигрирало на островот во 1960-те години, период кога многу луѓе од поранешните британски колонии се доселуваа во Британија за да помогнат во обновата по Втората светска војна. Откако дипломирал на Универзитетот Оксфорд, продолжил на универзитетот Стенфорд каде ја запознал сопругата Акшата Мурти, која е ќерка на индискиот милијардер Нарајана Мурти, сопственик на гигантот за аусорсинг Инфосис Лтд. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми