1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Риши Сунак – спас за Ториевците и Велика Британија?

Барбара Везел
25 октомври 2022

По месеци политички и екномски хаос, екс министерот за финансии Риши Сунак е последната надеж на конзервативната партија. Од него се очекува да ја спаси Велика Британија од економска криза

Риши Сунак, новиот британски премиер
Риши Сунак, новиот британски премиерФотографија: Toby Melville/REUTERS

Има 42 години, не пие воопшто алкохол и е оженет со ќерка од индиска мултимилијардерска фамилија. Екс-банкарот со индиско потекло е виток, концентриран и секогаш беспрекорно облечен. Еден поранешен соученик го нарече „доволно паметен, доволно разумен и доволно добро воспитан“ за да направи кариера. Риши Сунак е еден вид анти - Борис Џонсон, кој го култирираше имиџот на нечешлан боем со прекумерна килажа, кому кошулата му виси од пантолоните.

Молскавичен подем

Родителите на Сунак му го подготвиле патот за напредување. Татко му бил лекар, мајка му водела сопствена аптека, а напорната работа и академско образование, вредности кои важеле како правила во доселеното семејство во духот на индиската традиција, вродиле со успех. Риши учел во Винчестер колеџ, скапа приватна школа, а студирал на Универзитетот Оксфорд. Потоа заминал во САД, каде во Стенсфорд, исто така елитен универзитет, но со меѓународна ориентација, дипломирал економија.

Во Стенфорд ја сретнал и својата идна сопруга, Акшата Мурти, ќерка на еден од основачите на софтверскиот гигант Инфосис. Риши Сунак почнал да работи во финансиската бранша, прво како аналитичар во Голдман Сакс, а потоа како партнер во два хеџ-фондови. Тој се смета за еден од најбогатите пратеници во Велика Британија.

Летоска, за време на интерната партиска борба, булеварскиот печат му префрли дека низ изборните окрузи шета со скапи Прада чевли.

„Тоа се многу стари чевли“, се обиде да се одбрани Сунак. Неговото богатство е негова најголема политичка слабост.

Риши Сунак како британски министер за финансии во 2021 годинаФотографија: Hannah McKay/REUTERS

Меѓутоа, политичката кариера на  Риши Сунак  се одвива со брзина на комета: во 2015 година беше избран за конзервативен пратеник во традиционално сигурен ториевски изборен округ, пет години подоцна  Борис Џонсон  го назначи за министер за финансии. Многу брзо тој стана најважниот човек на Борис Џонсон. Но, пролетоска се закани скандал, откако на виделина излегоа детали во врска со данокот на сопругата на Риши. Акшата Мурти, во согласност со посебна клаузула која важи во Обединетото Кралство за „недомашните жители“, не го декларирала странскиот милионски имот и заштедила милиони данок како индиска државјанка. Во јавноста вакви ескапади се примаат многу лошо, но Комисијата за етика на Долниот дом констатираше дека не е прекршен ниеден закон. 

Истовремено стана познато дека Риши Сунак, години по враќањето во Велика Британија и дури и откако станал министер за финансии, поседувал американска Зелена карта, која би му овозможувала живеење и работа во САД. Гласни станаа сомнежите во неговата лојалност кон татковината.

Кои се политичките убедувања на Риши Сунак?

Исто како и Борис Џонсон, Риши Сунак е поборник на Брегзит. За време на кампањата за Брегзит, во 2015 година, во својот изборен округ тврдеше дека по излезот од ЕУ, Велика Британија ќе биде „послободна, пофер и побогата“. Овој став му донесе симпатии кај десните Ториевци, но може да му стане и товар. Зашто, во Велика Британија сѐ повеќе созрева сознанието дека многу економски проблеми од последните години се поврзани со Брегзит.

Еден од супербогатите поддржувачи на Конзервативната партија, инвеститорот Гај Хендс, во интервју за БиБиСи4 предупреди дека „Брегзит, онака како што е спроведен, е тотално безнадежен и ќе ја доведе Велика Британија во економска катастрофа.“ Новиот премиер мора да биде интелектуално и политички во состојба за  „наново преговарање за Брегзит".  Но, свртување во онос на Брегзит, Сунак би го довело во тежок конфликт со убедените „брегзитери“ кај Ториевците. Освен тоа, многумина симпатизери на Борис Џонсон го обвинуваат Сунак за падот на нивниот идол, зашто тој беше предизвикан од оставката на Сунак во јули годинава.

Неговата голема омиленост како министер за финансии пак се должи на неговата дарежливост. Сунак дојде на функцијата во време на пандемијата на коронавирус и вети преземање на сите потребни мерки за спас на британската економија во кризата. Тој иницираше програма од 350 милијарди, со кои се вршеше исплата на дел од платите на вработените и им се помагаше на претпријатијата за да го спречи најлошото. Неговата најпопуларна кампања меѓутоа беше: „Јадете за да помогнете.“ Во рамките на оваа мерка, државата плаќаше половина од сметките за јадење во ресторани, заради одржување во живот на гастрономијата. Но, со оваа великодушност, како и насекаде во Европа, започна порастот на државно задолжување. Како премиер, сега Сунак треба да го прави токму спротивното и поради големата дупка во државниот буџет мора да најави длабоки резови во јавните давачки.

Риши Сунак беше најблизок соработник на Борис ЏонсонФотографија: Andrew Parsons/Photoshot/picture alliance

Летоска, додека траеше изборниот дуел за Даунинг стрит со Лиз Трас, Сунак веќе се профилираше како фискален јастреб, како одговорен финансиски управник кој ќе воведе ред во британскиот државен буџет и повторно ќе го ограничи задолжувањето. „Велика Британија е прекрасна земја, но се наоѓаме пред длабока економска криза“, напиша екс-министерт за финансии кога конкурираше за премиер. Всушност, хаосот од последните недели се должи на  неодговорното однесување на Лиз Трас  во нејзиниот краток мандат, но причините на проблемите се многу подлабоки.

Идентитетот игра улога

Риши Сунак е првиот премиер од доселеничко семејство кое нема бела боја на кожата. Во својата младост ретко доживеал расизам, како што објаснуваше во своите претходни интервјуа. Угледот и релативната имашливост на неговото семејство веројатно го штителе од расизам. Што не мора да значи дека кај многу Британци неговиот подем нема да предизвика такви рефлекси. „Риши не е британски, тој не ја сака Англија“, аргументираше еден слушател вклучен во програмата на ЕлСиБи, за во дискусијата со модераторот да се испостави дека нему всушност му пречи бојата на кожата.

Поранешниот министер за финансии Џорџ Осборн на Твитер напиша: „На крајот,  Риши Сунак ќе стане премиер.  Некои, меѓу кои сум и јас, веруваат дека тој е решение за нашите проблеми, други сметаат дека тој е дел од проблемот. Но, какво и да е вашето мислење, дозволете да го славиме  првиот британски Азиец како премиер и да бидеме горди на нашата земја, каде е можно вакво нешто.“

Сунак самиот врди дека му е важен неговиот идентитет: „Моите родители имигрирале овде, (...) за да почнат нов живот. Моето културно потекло значи дека на викенд одам во храм, јас сум Хинду, а (како тинејџер) во сабота одам да гледам фудбалски натпревар на клубот Саутемптон Ст., значи можни се двете работи, човек прави сѐ“, изјави тој за БиБиСи во 2019 година.

Оваа способност, да функционира на различни нивоа, ќе му биде потребна на Риши Сунак ако сака да ги задоволи раскараните Ториевци и британските гласачи, кои по серијата скандали оваа година, ветувањата на уште една конзервативна влада ги прифаќаат со цинизам и политичка апатија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми