1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ризици: Секој трет судија се плаши за животот

ДТЗ
13 јуни 2023

Речиси половината од судиите искусиле обиди за влијание од колеги или од судиите од повисок ранг, додека над една третина се пожалиле на обиди за влијание од партиите, покажува анализата на ДКСК за ризиците од корупција

судство
Речиси половината од судиите искусиле обиди за влијание од колеги или од судиите од повисок ранг,Фотографија: Damien Meyer/AFP/Getty Images

Речиси половината од судиите во Македонија искусиле некакви обиди за влијание од страна на своите колеги или од судиите од повисок ранг (претседател на судот или судија од повисок суд), додека над една третина се пожалиле за влијание од извршната власт или претставници на политички партии. Јавните обвинители, пак, главно се соочиле со обиди за влијание од страна на адвокатите, јавните обвинители од повисок ранг и нивните колегијални обвинители од ист ранг. 

Над половината од судиите и јавните обвинители не веруваат дека постојат делотворни механизми за да се заштитат судската и обвинителската функција од притисоци или обиди за влијание. Еден од најзагрижувачките наоди сугерира дека над една третина од судиите не се чувствуваат безбедни. Ова се наведува во Проценката на ризиците од корупција во правосудниот систем, подготвена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, која се базира на исказите и искуствата од прва рака на судиите и обвинителите. 

Скептицизам 

Судиите и јавните обвинители се скептични околу улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Речиси три четвртини од судиите не веруваат дека Судскиот совет успешно ја штити судската независност, а не веруваат ни дека унапредувањето на судиите се врши согласно со објективни, мерливи и праведни критериуми. Повеќе од половината од јавните обвинители не веруваат дека Советот на јавни обвинители донесува одлуки самостојно и независно и не веруваат дека унапредувањето на јавните обвинители се врши следејќи ги постојните законодавни критериуми.

„Резултатите од истражувањето навистина отвораат очи, обелоденувајќи дека и судиите и јавните обвинители имаат тенденција надворешните ризици да ги сметаат за позастапени и ги идентификуваат пристрасните судски вештачења како највисок ризик од корупција. Исто така, судиите ја препознаваат злоупотребата на процесните права од страна на адвокатите и нискиот квалитет на обвинителните акти како значителни ризици од корупција, додека јавните обвинители изразуваат загриженост поради недоволната соработка меѓу јавното обвинителство и другите истражни органи, како и за злоупотребата на процесните права од страна на адвокатите“, се наведува во резимето на анализата поддржана од Мисијата на ОБСЕ.  

Еден од најзагрижувачките наоди сугерира дека над една третина од судиите не се чувствуваат безбедни во својот приватен секојдневен животФотографија: picture alliance/imageBROKER

Судиите не се чувствуваат безбедни 

Оваа проценка нуди уникатна перспектива за  предизвиците и ранливостите што влијаат врз судската независност и ја поткопуваат јавната доверба во правосудството. Со идентификувањето и комбинирањето на добропознатите и помалку видливите ризици од корупција, проценката дава приказ на институционалните слабости што ја намалуваат судската отпорност и ги попречуваат делотворните одговори за спречување на корупцијата. 

Еден од најзагрижувачките наоди сугерира дека над една третина од судиите не се чувствуваат безбедни во својот приватен секојдневен живот, додека една четвртина не се чувствуваат безбедни во просториите на своите судови. Слично, една третина од анкетираните јавни обвинители не се чувствуваат безбедни во секојдневниот приватен живот, а секој петти обвинител не се чувствува безбедно во просториите на своето јавно обвинителство.

„Овие фактори може да имаат негативно влијание врз правосудната фела, што се одразува на нејзиниот професионален интегритет и ја намалува нејзината отпорност кон некои од идентификуваните ризици од корупција. Во иднина, правосудните институции и сите релевантни актери треба да се концентрираат на намалувањето на институционалните ранливост и градењето организациска култура на отпорност и интегритет што ќе им обозможи на судиите и јавните обвинители да бидат целосно независни и самостојни во своето работење“, се наведува во анализата. 

Време за смели чекори и акција

Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, смета дека оваа проценка на ризиците не е само документ – туку е катализатор за промени. „Таа е повик за преземање акција, нè повикува да се стремиме кон правосудство кое ги поддржува принципите на правичност, независност и одговорност. Наша колективна должност е да обезбедиме јавните институции да ги заштитат правата на граѓаните и да ги зајакнат столбовите на демократијата и владеењето на правото“, вели тој. 

„Обвинувањата за корупција се многубројни. Анегдотите за несоодветно влијание во правосудниот сектор се реални и тие се пребројни. Ова не е време за 'бизнис како и вообичаено'; ова е време за смели чекори и акција. За најдобро да ги насочиме нашите колективни ресурси, треба да погледнеме што ни кажуваат податоците. Да работиме сите заедно за да се бориме против корупцијата што постои и да ги елиминираме ризиците што таа ги носи во правосудството“, порача Ерик Мејер, заменик-шеф на Мисија во Амбасадата на САД. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми