1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Храната нема да поскапи, за струјата ќе се прават анализи

ДТЗ
31 мај 2023

Надлежните уверуваат дека цената на храната ќе оди надолу. Се чекаат и пресметки за струјата. Марко Бислимоски вели дека ако се прифатат барањата кои стигнале до нив, тоа би значело зголемување за 13%.

струја
Струјата може да поскапи 13% ако се прифатат барањата на компаниитеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Од 1 јуни стапува на сила одлуката за одмрзнување на цените на основните производи, што ги врати стравувањата кај граѓаните од нови ценовни шокови. Надлежните смируваат дека не се очекуваат загрижувачки ценовни осцилации, а во случај да има нагло зголемување на цените се најавуваат нови мерки за да се заштити стандардот на граѓаните. Поголеми шокови не очекуваат ниту експертите. Некои предупредуваат дека се избрзува со мерките и бараат да се пролонгира рокот за замрзнување на цените, други пак сметаат дека нема да се случат драматични скокови на цените на храната.

Паралелно со оптимистичките очекувања за пад на цените на храната се најавуваат и корекции кај цените на струјата. Од јули граѓаните се надеваат дека ќе можат два часа дневно да користат евтина струја, а конкретни одлуки се очекуваат во наредните две недели. До Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се пристигнати сите барања за цената на струјата. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски во изјава за МИА вели дека доколку бидат прифатени  барањата на компаниите, тоа би значело нејзино зголемување за 13 проценти. РКЕ во наредниот период ќе ги анализира барањата, а одлуката ќе ја соопшти околу 20 следниот месец.

Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51 проценти. Бислимоски деновиве порача дека не е е приврзаник на идејата за зголемување на цената на струјата, особено сега кога фотоволтаичните електрани го намалија притисокот за увоз на струја во земјата. 

До РКЕ се пристигнати сите барања за цената на струјата и доколку бидат прифатени тоа би значело нејзино зголемување за 13 проценти, вели Марко БислимоскиФотографија: DW/K. Delimitov

Цените треба да одат надолу

По донесувањето на одлуката за одмрзнување на цените на основните прехранбени производи и враќањето на ДДВ-то на струјата на 18 отсто, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека нема простор за покачување на нивните цени. 

Тој деновиве изјави дека не очекува големи осцилации, но најавува дека Владата ќе ја следи состојбата за да реагира ако евентуално се случи тоа. „Сите предуслови што треба да се исполнат за да останат цените на исто ниво, па можеби дури и очекувањето да бидат помали, се направени. Сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените, сега ги нема“, вели Битиќи.  Според него, електричната енергија не е на цената на која беше, цената на суровини е намалена на светските берзи. Тоа значи дека и оние што произведуваат, но и оние што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите, дури и да одат надолу.

„Ние видовме дека на пазарот на трговија со зеленчук цените природно се намалија дури 40 отсто од замрзнатите. Затоа одлуката е да се одмрзнат“, рече Битиќи. Тој е убеден дека ќе нема големи осцилации во цените.  

„Подготвени сме будно да следиме, ако евентуално се случи тоа, да реагираме, но мислам дека нема услови за тоа“, рече Битиќи одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Македонскиот енергетски форум на 30 мај.  

По одмрзнувањето - можни ли се нови осцилации на цените?Фотографија: DW

Очекувања

Претходно и министерот за економија, Крешник Бектеши, беше дециден дека одлуката за одмрзнување на цените се базира токму на тоа што цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Ситуацијата ќе продолжи да се следи на дневно ниво и доколку биде потребно, ќе бидат спроведени соодветни мерки.

„Ако од денот кога нема да важи таа одлука за замрзнување на цената на производите има злоупотреба од страна на трговците, ние на дневна база ја следиме ситуацијата и ќе следат различни мерки“, рече Бектеши, по средбата со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац на 29 мај. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, па очекувањата на Бектеши се дека во јуни таа ќе биде пониска од десет отсто.

Владината одлука за замрзнување на цените на повеќе видови овошје и зеленчук беше на сила до 31 мај. Снабдувачите и трговците беа обврзани да набавуваат и продаваат најмалку 70 отсто од овошјето и зеленчукот чии цени беа ограничени, откако на пазарот се појави недостиг на свежо овошје и зеленчук. 

Ситуацијата ќе продолжи да се следи на дневно ниво и доколку биде потребно, ќе бидат спроведени соодветни мерки.Фотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

И покрај оптимистичките најави на надлежните, опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека „народот веќе од четврток ќе треба да плаќа поскапи цени на прехранбените производи“.  Одмрзнувањето ан цените, според нив, ќе удри по џебот на народот. Тие апелираа да се продолжи рокот на важење на замрзнатите цени.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми