1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловачка

Роберт Фицо, новиот сојузник на Виктор Орбан во ЕУ?

23 декември 2023

Словачкиот премиер Фицо на домашен терен следи сличен курс како Орбан во Унгарија. Меѓу другото, тој се обидува да ја запре борбата против корупцијата. На надворешнополитички план меѓу нив има значителни разлики.

Роберт Фицо
Словачкиот премиер Роберт Фицо во Брисел на 6 октомври 2023 година на самитот на ЕУФотографија: Omar Havana/AP Photo/picture alliance

Ако Виктор Орбан на самитот на лидерите на Европската Унија очекуваше поддршка од Роберт Фицо за неговиот курс на опструкција, тогаш се разочара. Во Брисел, новиот словачки премиер се приклучи на огромното мнозинство земји на ЕУ и го поддржа почетокот на преговорите со Украина за полноправно членство во Унијата - иако со резерва: „Нема да застанеме на патот на одлуката на Европската Унија за почеток на преговорите со Украина“, им изјави Фицо на новинарите по пристигнувањето во Брисел.

Пред тоа, постоеше страв дека тој би можел да го следи курсот на унгарскиот премиер, имајќи предвид дека Фицо во предизборната кампања се залагаше за ригорозни антиукраински ставови. Така, Орбан остана единствениот шеф на држава или влада кој не сакаше да го поддржи почетокот на преговорите со Украина и Молдавија. Пред гласањето на кое се носеше одлука, Орбан едноставно ја напушти просторијата каде што другите државници потоа едногласно го заклучија отворањето на преговорите.

Приближување до Украина 

Орбан продолжи да инсистира на своето вето против „тешкиот“ пакет помош за Украина од 50 милијарди евра. Но, ниту по тоа прашање не успеа да го привлече на своја страна колегата од Словачка. „Мило ми е што 26 држави успеаја да се договорат за компромисен предлог. Тоа е добар компромис“, рече чешкиот премиер Петр Фијала во петокот (15 декември), кој негува многу блиски контакти со Фицо, поради традиционалната блиски чешко-словачки односи засновани на историјата на (со)егзистенција во заедничка држава.

Виктор Орбан на самитот на ЕУ во Брисел на 14 декември 2023 година.Фотографија: Omar Havana/AP/picture alliance

Во меѓувреме веќе не се слушаат гласните антиукраински изјави што ги даваше Фицо во предизборниот период. Наместо тоа, тој покажува желба да воспостави добри односи со својот голем сосед на исток. Неговата влада ќе дозволи континуиран извоз на комерцијални пратки на оружје од Словачка во Украина, рече Фицо. Тој му понуди на Киев помош во процесот на деминирање, а токму на самитот во Брисел Фицо најави дека ќе разговара со украинскиот премиер Денис Шмигал на заедничката граница во јануари следната година.

Притисок врз судството?

И додека Фицо значително ја ублажи својата антиукраинска реторика по неговиот избор за шеф на владата, тој продолжува со ригорозната чистка на полицијата дома. Со помош на брзо организирана промена на законот, во моментов тече процесот на „ликвидација“ на моќните институции на правната држава, Специјалното државно обвинителство и Специјалниот кривичен суд. Тие беа формирани во 2005 година за да се справат со особено сериозни случаи на криминални активности и корупција. 

Министерот за одбрана Роберт Калинак беше цел на Специјалното обвинителствоФотографија: picture alliance/dpa/CTK

Во изминатите три години, Специјалното државно обвинителство поднесе обвиненија против судии, државни обвинители, полицајци и неколку високи политичари кои беа поврзани со партијата Смер на Фицо. Во неколку случаи беа изречени пресуди, а некои актери беа дури и осудени. Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен министер за одбрана Роберт Калинак заврши во истражен затвор. Осудени се уште неколку десетици лица, меѓу кои и поранешниот специјален државен обвинител Душан Ковачик. Обвинет беше и Фицо, но од истражен затвор го спаси тоа што ужива пратенички имунитет, односно одлуката на националниот парламент да не биде препуштен на кривично гонење.

„Специјалното државно обвинителство е бастион на кршење на човековите права“, грмеше Фицо. Обвинителството, тврди тој, било ангажирано заедно со Специјалниот суд и полицијата да води политичка борба против неговата партија и против него.

Убиството на Јан Куцијак и Мартина Кушнирова

Фицо се повлече од премиерската функција во 2018 година, по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова. По тие злосторства во Словачка, земја со околу пет милиони жители, следеше бран протести и демонстрации. Нарачателот на убиството се уште не е фатен, а правната постапка се уште не е завршена. Сепак, досега не е докажана директна поврзаност со Фицо и неговата влада во тоа време.

Цвеќиња и свеќи за убиениот Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина КушнироваФотографија: Svancara Petr/CTK/dpa/picture alliance

Но, како дел од истражната постапка што беше покрената во контекст на убиството, беше разоткриена широка коруптивна мрежа во која беа вклучени судии, обвинители, полицајци, бизнисмени и политичари од партијата Смер на Фицо. И покрај ова, Смер под негово раководство на крајот на септември оваа година победи на предвремените избори, а Фицо го доби мандатот за формирање нова влада. 

Веднаш по преземањето на власта ги презеде првите чекори за итно укинување на Специјалното државно обвинителство, односно Специјалниот кривичен суд. Тој процес треба да заврши пред крајот на оваа година во експресна собраниска процедура. Поради таа одлука Словаците повторно излегоа на улица. „Тој сакаше да не измами“, рече Михал Шимечка, лидерот на најголемата опозициска партија Прогресивна Словачка, на 12 декември пред илјадниците демонстранти собрани во Братислава. Сакаше да го направи тоа брзо, сакаше да го украде владеењето на правото пред Божиќ, да го укине Специјалното обвинителство и да ги намали казните за корупција“.

Брисел подготвен за акција

Неодамна борбата за владеење на правото во Словачка се „пресели“ во Европскиот парламент. Имено, во средата, на 13 декември, на таа тема во Стразбур се одржа дебата меѓу претставници на Европската комисија и членови на парламентот на ЕУ. „Комисијата нема да се двоуми да ги преземе сите неопходни чекори за да обезбеди усогласеност со правото на ЕУ“, гарантира еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс во обраќањето пред членовите на Европскиот парламент. Тој најави и можност за „замрзнување“ на исплатата на дел од парите на ЕУ за Братислава.

Премиерот Роберт Фицо на самитот на ЕУ во Брисел на 14 декември 2023 година.Фотографија: Omar Havana/AP Photo/picture alliance

Владата на Фицо сака да го спречи тоа на тој начиншто што однапред ќе ги координира сите неопходни чекори со Европската комисија. „Ние не водиме политика со тропање по масата“, изјави за ДВ министерот за надворешни работи Јурај Бланар. „Сакаме да комуницираме, не сакаме да правиме ништо скриено, бидејќи наш интерес е да имаме добри односи“.

Европската комисија го поздрави ова и побара од Словачка да не презема никакви предвремени мерки во однос на Специјалното државно обвинителство и другите институции. „Европската комисија мора да почека додека не се усвојат контроверзните закони во Словачка и дури потоа може да преземе нешто“, изјави за ДВ копретседателката на Европската комисија, Вера Јоурова.

Меѓутоа, самата дебата во Европскиот парламент и предупредувањата испратени од Европската комисија го налутија премиерот Фицо. Тој ја обвини словачката опозиција дека води кампања во Брисел против владата во Братислава. „Ниту стаорците не прават такво нешто“, изјави Фицо за словачките медиуми. Пратениците од опозицијата ги отфрлија неговите приговори.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми